еМагазин
Image default
На кафе во Кантина ТОП СТОРИИ

Богоев го памти детството во Карпош по маалскиот живот, затоа сака парковите да ги врати и за дружба

Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев има само само 29 години и како најмлад на оваа функција, посакува да ги смени стереотипите дека млади луѓе не можат да извршуваат високи и сериозни функции.

Во моментов не мисли дека згрешил што толку долго е во политиката, на 24 години стана пратеник во Собарнието, а на 28 градоначалник. Смета дека времето ќе покаже дали ќе успее во целта, да биде успешен во тоа што го работи.

„Во кампањата многу луѓе со право велеа многу е млад, нема искуство и слично. Но токму заради тоа што сум млад, ќе бидам достапен и ќе сум во комуникација со граѓаните. Тоа е лесно да се каже кога си кандидат, ама треба да го оправдаш. Имам тазе формирано семејство, се уште немаме деца и можам посериозно да се посветам на работата“, вели Богоев.

Со тимот со кој работи во Општината вели дека е составен од млади и возрасни луѓе.

Младите, додава, даваат енергија, и кога ќе се залетаат, тука се повозрасните со искуството да ги подучат.

„Има луѓе кои професионално работеа во општината повеќе од 10 до 15 години, за жал беа маргинализирани, дистанцирани и беа принудени да заминат во Општина Центар или другите институции во времето кога претходниот градоначалник ја напушти нашата коалиција. Вратив дел од нив, бидејќи ми требаа луѓе со искуство и знаење. Во компакт со нив додадов млади луѓе со нови свежи идеи. Тимот кој работи на апликации за проекти, грантови и евтини кредити е составен само од млади луѓе. Но за процедури кои ги има поприлично во општината, тука се повозрасните“, додава Богоев.

Општината функционира со грантови

Бидјеќи општинската каса ја наследил во минус од 18 милиони евра, општината најмногу функционира преку грантови.

„Општината ја има една од најдобрите екипи кои работат на проекти. Добивме 850.000 евра од Светска банка за Адреналинскиот парк, пет или шест улици ги правевме со пари од Светска банка. Исто така цистерни за миење на улиците набавуваме со грант од Светска банка. Со парите што ги добивме од Влада, раздолживме околу 4 милиони евра, а уште неколку милиони Општината раздолжи од сопствени извори, бидејќи целосно скративме трошоци како прослави, возен парк, продадовме луксузен џип, скративме 110 вработени кои не работеа воопшто, а фигурираа на платен список, направивме рационализација на трошоците но е катастрофално тешко“, вели Богоев.

Во однос на задолжувањето на општината, многу од направените фасади на зградите не биле платени кога тој дошол на функција.

Она што тековно се прави или ќе се почнува се нови градинки, реконструкција на старите, пробивање на улица Прашка која ќе се спојува со Теодосие Гологанов, изградба на нови паркови, водовод во Средно Нерези. Во август е планирано да се обнови игралиштето Сокол и да се рестартира турнирот.

Но главен предизвик во неговиот мандат му се изградбата на Адреналинскиот парк и оживување на салата Партизан.

„Секој градоначалник сака да остави нешто зад себе. Адреналинскиот парк се прави на местото на депонија, покрај него, во делот кај Карпош 4, од вештачката карпа до бунарите на Лепенец, карши Карпош 4, таа депонија ќе ја разбиваме наредните две години и ќе биде парк. Тоа ќе ни биде приоритет со Град Скопје. Карши Александар Палас се прави парк на 6.000 квадрати. Таа зелена површина ќе биде од едукативен карактер“, додава Богоев.

Одржувањето на хигиената, најважна за карпошани

Бидејќи зимата брзо ќе дојде, а Општина Карпош е една од најзагадените општини, го прашавме Богоев што се превзема на време и дали се работи на решавање на овој проблем.

„Ја разеленуваме општината, тоа е природен филтер на прочистување на воздухот, задржува крупни честички. Лани покрај тоа што насадивме 300-400 израснати дрвја, годинава исто така садевме. На есен планираме да почнеме и садење на тревни површини. На многу места има прашина, која содржи ПМ-10 честички, затоа е потребна тревата. Цвеќиња повеќе не садиме туку ги заменивме со зимзелени грмушки. Но, најважно е одржување на хигиената. Прашина, песок, земја по улици и тротоари создава проблем.

Ние ќе искористиме грант за успешност од Светска банка во вредност од околу 80.000 евра со кој ќе купиме две цистерни за миење на улици и уште еден нов камион за подигање смет со дополнетелна опрема со плуг за чистење на снег и соларка и една или две машини вшмучкувачи за ѓубре. Кога има прашина или земја по патеките и улиците, не може да се измете. Затоа купивме две машини на вода за миење под притисок, сега купуваме цистерни и камиони и тогаш ќе се почувствува разлика. Со Град Скопје набавуваме хидраулични контејнери, треба до септември да стигнат“, вели Богоев.

Тој додава дека општината вработила 30 нови хигиеничари, а хигиената може да се унапреди со превенција и казни.

„Затоа ја менуваме систематизацијата и во август ќе добиеме двајца нови комунални инспектори, еден градежен и еден за животна средина. Значи четворица нови инспектори кои превентивно ќе казнуваат. Со казнување и механизација ќе има сериозна разлика во хигиената“, додава тој.

Но според Богоев, најважна е гасификацијата, при што во Општината се заврши примарната гасоводна мрежа.

„Кога ќе се затвори проектот на ГАМА, целта е поголеми објекти да ги приклучиме на гас. Додека не се случи тоа, добивме грант од Министерство за животна средина за промена на кота. Имаме училиште во Бардовци на нафта и ќе го промениме греењето“, вели Богоев.

Во насока на борбата против загадувањето тој ја спомна и работата на инспекциските служби за заплена на гуми, непалењето на гранките, дрвјата и отпадните лисја кои ги даваат на Зоолошка градина  инспекциите и гонење на потпалувачи на диво, кои трааат цела година но најмногу се во зимскиот период.

Во однос на ДУП-овите во општината и превенирање од незаконско градење, Богоев информираше дека четирите урбанистички планови кои ги укинал Уставен суд се прават повторно, додека другите кои регуларно се донесени, се постапува по нив.

„Е сега, дали мене ми се допаѓаат или не, правен наследник сум на актите кои претходно се донесени. Имам простор во кој можам да маневрирам согласно закон, но некои работи не можам. Таму каде што се укинаа имаме чиста ситуација. Во новите што ги работиме, на површините кои се државни и имало вцртано зграда сите ги бришеме, интервенираме во катност, габарит. Кон крај на летото почеток на есен, ќе се носи Деталниот урбанистички план за Влае. На местото каде што има две згради ги бришеме и вцртуваме градинка бидејќи Порта Влае нема ни една градинка, а има млади брачни парови“, вели Богоев.

Тој додава дека бројот на издадени одобренија за градба, според податоците од Државен завод за статистика е можеби за 100 до 200 отсто намален на интензитетот.

„Се стремиме градењето да биде плански и хумано, ставајќи акцент на развивање на периферните делови од Општината, како Бардовци, Злокуќани, Жданец, Трнодол и др. Имаме 31 ДУП на територија на општината, четири се укинати од Уставен суд, но другите се на сила и може да се гради согласно нив. Се прави нова регулација за Тафталиџе 1 од страна на Град Скопје, кога ќе ја усвојат тогаш ќе најавам позитивни работи кои и официјално на хартија ќе се зачуваат за населбата и ќе им се допаднат на жителите“, додава тој.

Правилното користење на социјалните мрежи, помага многу во работата

Според едно истражување, Стефан Богоев како градоначалник и Општината Карпош, се прогласени за најкомуникативни на социјалните мрежи, бидејќи се најзастапени и најмногу одговараат на граѓаните. Богоев вели дека социјалните алатки може многу да помогнат ако паметно се користат од страна и на општината и на граѓаните, но честопати граѓаните не знаат што е ингеренција на општина, градот или Влада.

„Јас сум активен на четирите социјални мрежи Фесјбук, Твитер, Инстаграм, Линкдин. Дел од ПР тимот помага за време на работно време кога треба стручна информација да се извади од службите, но генерално јас си ги работам. Си наоѓам неколку саати во денот кога интензивно враќам на барањата на граѓаните. Има голем ефект. Правилното користење на социјални мрежи од страна на институциите, градоначалникот но и граѓаните многу помага. Тоа е бесплатен аларм за некој проблем. Имаме апликација М-заедница, која е лесно достапна, и на која граѓаните пријавуваат проблеми. Јас имам мастер акаунт на апликацијата и можам да гледам кој од службениците ефикасно одговара или не, и врз база на тоа можам да казнам или наградам“, додава Богоев.

Општината прави флеш вести во форма на видео еднаш неделно. Се известува што се направило неделата и што се планира во следниот период со цел, како што вели Богоев со флеш-вести да се победат фејк-вести.

„Кога поинтензивно ги информираш граѓаните нема простор за многу спинови. Социјалните мрежи се добри канали за промоција, комуникација но најголемиот проблем се лажните вести“, додава тој.

Комуникацијата со граѓаните не се одвива само преку социјалните мрежи туку има и маалски и месечни средби на кои се дознаваат проблемите. Секој ноември прават теренска акета на 1.000 испитаници за потребите на граѓаните бидејќи тогаш ги прават програмите за следната година

„Имајќи предвид дека немаме пари доволно, тоа што ќе го правиме треба да биде тоа што треба“, додава Богоев.

 Социјалните мрежи погубни за ноќниот живот

Детството во Карпош му го одбележал маалскиот живот, Богоев е роден и живее во Карпош.

„Родителите ми се стари карпошани, бабите ми живеат овде. Од секогаш општината била позната по маалскиот живот. Во дворот на училиштето „Војдан Чернодрински“ учев фудбал, кошарка игравме на кошот на Млечен. Дружењето беше маалско и тоа ми беше мотив во кампањата, а и во програмата да посветам сериозен дел на маалска дружба. Враќање на маалска дружба е враќање на турнир Сокол, враќање на соживот помеѓу пензионери и млади, заради тоа го правиме малските скверови и паркчиња за да се собираат луѓето. Кога дел од парковите кои беа свртилишта на луѓето, кои си го живееја маалскиот живот, се претворија во згради тоа се изгуби и мора да се надомести“, вели Богоев.

Во однос на ноќниот живот пак, Стефан смета дека секој за неговото време во кое излегувал, вели дека е најубавото. Но според него, порано многу повеќе имало дружба, не се гледало на материјален статус, а ги немало ниту паметните телефони.

„Ноќниот живот беше далеку подобар. Сега имам чувство дека, на  помладите излегувањето се сведува на тоа кој колку пари има кој како ќе се облече и покаже. Тогаш не било толку изразено. Генерално за излегувањето негативен импакт имаат телефоните и социјалните мрежи. Многу млади луѓе седат дома тоа го прават наместо да излезат“, вели Богоев.

Летниот одмор ќе го користи овој месец, но се уште не знае каде.

„Не сум дефинирал каде, одиме со кумашните кои се моја генерација, млад брачен пар, стандарден партнер за викенди и одмори. Немам намера да се кријам и дека цело лето ќе работам. За од август да можеш поинтензивно да работиш, мораш да се одмориш во спротивно стануваш непродуктивен“, вели тој.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Немаме пари за да испечатиме учебници по сите предмети во средното образование, вели министерот Шаќири

Редакција

ВМРО-ДПМНЕ утре ќе поднесе барање за предвремени парламентарн избори, оставка на Заев и формирање техничка влада

Редакција

„Макпетрол“ ќе овозможи работилници против врсничко насилство и во Општина Виница

Редакција