еМагазин
Image default
Балкан ТОП СТОРИИ

Борисов и Радев фаворити: Денеска парламентарни и претседателски избори во Бугарија

Денеска во Бугарија за првпат заедно се одржуваат парламентарни и претседателските избори.

Ова се трети парламентарни избори во Бугарија во последните седум месеци.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Централната изборна комисија на Бугарија во последен момент одлучи да ги преброи контролните ливчиња од гласањето со машини, за да има гаранција за правичноста на изборите.

Две партии поднесоа жалба до Врховниот управен суд на Бугарија.

Со 13.000 машини ќе се гласа на речиси сите избирачки места во Бугарија и во странство.

Во Бугарија има 543 избирачки места, а поради малиот број гласачи, на 300 ќе се гласа со хартиено ливче.

За учество на парламентарните избори во Бугарија пријавени се 20 партии и 7 коалиции, што е помалку од претходните парламентарни избори на 11 јули.

6.700.000 бугарски граѓани се со право на глас. Бугарите во странство ќе можат да гласаат на 751 избирачки место во 68 земји во светот.

Во Република Македонија избирачки места ќе бидат отворени во Скопје, Битола, Охрид, Струмица, Кавадарци и Штип.

На Балканот најголем број избирачки места за бугарските избори ќе има во Турција – 126. На претходните парламентарни избори на 11 јули гласаа 28.000 бугарски Турци кои живеат во Турција.

За првпат по падот на комунизмот во Бугарија на крајот на 1989 година има рекорден број кандидати за претседател и потпретседател на државата.

Вкупно 24 партии, коалиции и иницијативни комитети, имаат кандидати за претседател и потпретседател на Бугарија.

За парламентарните избори сите социолошки агенции во земјата за време на предизборната кампања посочија на коалицијата на поранешниот премиер Бојко Борисов, ГЕРБ-УДФ, која би освоила околу 23-24 отсто, со осум отсто разлика зад нив е коалицијата „Продолжуваме со промени“ на двајцата поранешни министри за економија и финансии во преодната влада на државата, Кирил Петков и Асен Василев, 15,5% – 16,5%, но социолозите прогнозираат дека имаат најголем потенцијал да добијат најмногу гласови од гласачите.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Фото) Пари, пиштол и кондом до креветот: На Бојко Борисов пред избори му објавија нови фотографии од спалната

По нив следат бугарските социјалисти на Корнелија Нинова со 15%. Четврти според анкетите се „Има таков народ“ на ТВ водителот Слави Трифонов со 11,5%, петти во анкетите се Движењето за права и слободи со 9,9%, а шеста со минимална разлика е „Демократска Бугарија“ на Христо Иванов, со 9,6 отсто.

Социолозите до неодамна не беа сигурни дали коалицијата на поранешниот омбудсман на Бугарија, Маја Манолова, „Исправи се БГ! Доаѓаме!“ ќе успее да ја надмине бариерата од 4% за да влеземе во бугарскиот парламент.

Фаворити за претседателските избори во Бугарија се актуелниот претседател и потпретседател Румен Радев и Илијана Јотова, кои учествуваат како независни поддржани од БСП и ректорот на софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“ проф. Анастас Герџиков и полковникот Невјана Митева, поддржан од ГЕРБ.

Според анкетите, Радев би добил 48 отсто, а Герџиков 28 отсто. На трето место се лидерот на Движењето за права и слободи, Мустафа Карадаи со 10% и претседателот на Врховниот касационен суд, Лозан Панов со 8%, кој во Бугарија се прослави со своите отворени критики за заткулисните случувања во судството во Бугарија и против изборот на главниот обвинител Иван Гешев. Панов е поддржан од Демократска Бугарија.

По се изгледа дека претседателот на Бугарија нема да биде избран во првиот круг, туку тоа ќе се случи на 21 ноември, кога треба да се одржи вториот круг.

За првпат немаше предизборна дебата за претседателските избори во Бугарија. Проф. Анастас Герџиков и Лозан Панов постојано го покануваа Румен Радев на дебата, но неговиот штаб одбиваше.

Панов беше единствениот претседателски кандидат кој за време на кампањата ја посети и Македонија, а за МИА испрати порака дека подава рака со соседите.

Тој во Скопје се сретна со македонските Бугари, пријателите на Бугарија, интелектуалците и со проф. Владо Бучковски, кој во име на македонската влада преговара со Бугарија. Панов даде две ТВ интервјуа за водечки македонски медиуми, пред кои ја објасни својата визија за македонско-бугарските односи.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Спасени две семејства од странство кои се изгубиле и заглавиле со возилата во Мариово

Редакција

Ковачевски: Стратешкиот дијалог со САД не е замена за членството во ЕУ, Брисел да се одважи и да си ја исполни обврската

Редакција

Во декември три нови случаи на ХИВ во Скопје, Струга и Свети Николе

Редакција