еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Бугарија не го признава македонскиот јазик, од ЕУ ќе бара да ја користи формулацијата „службен јазик на Република Северна Македонија“

Бугарската влада денеска ја усвои одлуката со која ги постави црвените линии за преговорите на Македонија со Европската Унија, а од документот кој го објави бугарскиот весник „Труд“ се гледа дека условите за подршка на земјава на тој пат драматично пораснале.

Во документот од Македонија се бара да се откаже од користењето на терминот „македонски јазик“, а Бугарија најавува дека од ЕУ ќе бара да ја користи формулацијата „службен јазик на Република Северна Македонија“.

„По однос на јазикот да се користи изразот „службен јазик на Република Северна Македонија“. Кога е апсолутно неопходно да се користи терминот „македонски јазик“ во документите на ЕУ, притоа секој пат со ѕвездичка да се појаснува „според Уставот на Република Северна Македонија“.

Треба да биде јасно дека јазичната норма прогласена за уставен јазик во Република Северна Македонија е поврзана со еволуцијата на бугарскиот јазик и неговите дијалекти во поранешната југословенска република. Ниту еден документ или изјава во процесот на пристапување не може да се смета како признание од бугарска страна за постоење на т.н. „македонски јазик“, одвоен од бугарскиот“, стои во документот.

Како што е веќе познато Бугарија ќе бара и откажување од македонското малцинство, како што најави министерката за надворешни работи Екатерина Захариева.

„Република Северна Македонија треба да се воздржи од водење политика, без разлика во каква форма, на поддршка и промовирање на барањата за признавање на т.н. „македонско малцинство“ во Бугарија.

Република Северна Македонија да ги усогласи своите позиции и активности во меѓународните организации и форуми со член 11 од Договорот за добрососедство, јасно кажувајќи дека нема историска или демографска причина да се бара малцински статус за било која група граѓани на територијата на Република Бугарија.

Механизмите на Советот на Европа не треба да се користат од Република Северна Македонија да изврши притисок врз Бугарија за прашања поврзани со правата на лицата кои припаѓаат на малцинските групи“, стои во документот.

Бугарија во документот бара и активирање на процесот на рехабилитација на жртвите од југословенскиот комунистички режим, потиснати заради нивната бугарска самосвест, започнување на процес на лустрација на соработниците од денешна Република Северна Македонија на службите за безбедност на бивша Југославија, преземање на систематски мерки за отстранување на табли и натписи од споменици, спомен плочи и згради на текстови што содржат отворена омраза кон Бугарија, како оние што содржат квалификации како „бугарски фашистички окупатор“.

Бугарија бара и усогласување на наставните програми за историја и литература во двете држави, а во согласност со постигнатите договори меѓу експертите од мешовитата Комисија за историски и образовни прашања, како и „јасна заложба и временска рамка за договорите постигнати од страна на комисијата да се одразат во книги, документарци, филмови и музеи финансирани од државата“.

Во долгата листа на барања, Бугарија бара и примена на професионални стандарди во медиумите во Македонија, транспарентност за сопственоста и финансирањето на медиумите и регулирање на порталите.

Целиот документ кој го објави Труд и сите услови, ОВДЕ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Бугарија ги кажа условите за датум за ЕУ: Скопје да не бара признавање на македонско малцинство

Бугарија ќе поддржи отворање преговори на Македонија со ЕУ, но не безусловно

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Новинарите кои известуваа за време на крвавиот 27 април од Собранието ќе поднесат тужба против државата

Редакција

Приведени петмина вработени во општина Тетово, надлежните во потрага по едно лице

Редакција

Имала тешка анемија: Во Тетово од Ковид-19 почина 31-годишна жена, 40 пациенти се на кислородна поддршка

Редакција