Цементарница УСЈЕ АД Скопје е компанија која од 2011 година има Интегрирана А еколошка дозвола со оперативен план од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Оваа дозвола гарантира строго почитување и имплементирање на сите законски обврски и континуиран независен мониторинг на сите активности на компанијата.
Ова се вели во соопштението на компанијата, како реакција на обвинувањата за загадување на животната средина.
„Работењето на компанијата се следи од Државниот инспекторат за животна средина и оваа институција редовно врши контроли на компанијата.
Сите податоци од мерењата се и јавно достапни на страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање и на интернет страницата на компанијата www.usje.com.mk.
Тие јасно укажуваат на фактот дека УСЈЕ во целост ги исполнува законски предвидените услови и емисиите се во просек неколку пати пониски од законски дозволените концентрации.
Операциите на Цементарница УСЈЕ се мониторираат 24 часа, 365 дена во годината и тоа преку независен мониторинг. Опремата со која е врши мониторингот е на производителот SICK – Maihak од Германија, а одржувањето и калибрацијата на инстументите го врши надворешна компанија, која има авторизација од производителот и е акредитирана од Институтот за стандардизација на Република Македонија (ИСРМ)“, се вели во соопштението.
Цементарница УСЈЕ со внимание ја следи загриженоста на јавноста во врска со состојбите во градот Скопје и смета дека сите треба да дадеме придонес во решението, особено во лоцирање на вистинските причинители, а податоците јасно укажуваат дека УСЈЕ не е причина за ваквите состојби.
Како отворена компaнија, УСЈЕ ги повикува сите заинтересирани граѓани, организации и институции во петок 30.11.2018 година во 10.30 часот, да дојдат и да ја посетат нашата компанија, за да се запознаат со сите процеси во компанијата и да добијат одговори на сите прашања што сметаат дека се од нивен интерес.
Фото: Титан