еМагазин
Image default
Македонија

Чулев ја потврди кривичната за Димитриевски, градоначалникот на Куманово тврди дека ќе биде прекршочна

Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев потврди дека е поднесена кривична пријава против кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.

Чулев за ТВ 24 информира дека СВР-Куманово ја поднел пријавата против Димитриевски по член 206 од Кривичниот законик, истакнувајќи дека МВР постапило согласно извештајот од Државниот санитарен здравствен инспекторат (ДЗСИ).

“Во координација со основниот јавен обвинител во текот на денешниот ден беше поднесена кривична пријава против градоначалникот Максим Димитриевски по член 206 од Кривичниот законик од страна на СВР-Куманово до Основниот јавен обвинител, кој ја прифати пријавата.

МВР постапи согласно извештајот од ДЗСИ и согласно тоа СВР-Куманово поднесе кривична пријава до ОЈО.  И ОЈО ќе оцени дали треба дополнителни активности да бидат преземени од страна на МВР,“  рече Чулев за ТВ 24.

Тој појасни дека известувањето било доставно до Бирото за јавна безбедност, а веднаш потоа било процесуирано до СВР Куманово.

„Случајот со градоначалникот на Куманово според мене има и одредена политичка димензија, меѓутоа од страна на Комисијата беше доставено соодветно известување до директорот на БЈБ, не беше доставено до мене, и истото од страна на Бирото за јавна безбедност беше процесуирано до Секторот за внатрешни работи, Куманово во текот на денешниот ден.

По правило, може да се поднесе известување и до БЈБ и до министерот за внатрешни работи и логично би било да биде поднесено и до двете страни, меѓутоа доволно е и едно, така решил ДЗСИ,“ рече Чулев.

Според Чулев, Димитриевски ја испочитувал процедурата за тестирањето.

Градоначалникот Димитриевски пак, за ТВ 24 појасни дека не располага со информации дека Обвинителството ја прифатило кривичната пријава, и според него, дадени се насоки истата пријава да не се процесуира како кривична, туку да се оди со прекршочна постапка.

„Јас немам информации дека кривичната пријава е прифатена. Техничкиот министер Чулев треба убаво да се информира и сметам дека е недоволно информиран, бидејќи мојот контакт со Основното јавно обвинителство кажува дека на денешните консултации се дадени насоки да истата пријава не се процесуира како кривична, туку да се оди со прекршочна постапка,“ рече Димитриевски.

Тој смета дека има огромни пропусти во делот на самата постапка и истата е неиздржана.

„Дополнително добивам информации од Основното јавно обвинителство од Куманово дека истата таква пријава за која што се вршени консултации е отфрлена од страна на основниот јавен обвинител, но сепак СВР Куманово решило да поднесе кривична пријава и против мене и против господинот Горан, кој што е раководител на регионалната дирекција на центарот за управување со кризи, но пак оставам на легитимните државни органи да се произнесат по истата.

Овој притисок го отфрлам, уште повеќе сум охрабрен да продолжам со својата борба за доброто на моите кумановчани,“ додаде Димитриевски.

МИА

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Кривична за градоначалникот на Куманово, Димитриевски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Кривична против полициски службеник од Неготино за оддавање на службена тајна 

Редакција

Царовска во изолација поради контакт со позитивно лице на Ковид-19

Редакција

„Слободен печат“: Ќе нема реконструкција, туку нова влада со нов премиер

Редакција