еМагазин
Image default
БЕНЧМАРК

Ципрас: ЕУ итно треба да го засили нејзиниот придонес за вакцините кон Западен Балкан, Јужна Африка и Блискиот Исток

За потреба да се обезбедат вакцини и за земјите што не се дел од Европската Унија, велејќи дека „не смееме да дозволиме да живееме во нашиот затворен европски круг кога нашите соседи од Западен Балкан, Јужна Африка и Блискиот Исток се соочуваат со уште посериозен недостиг на вакцини“ пишува, меѓу другото, лидерот на СИРИЗА, Алексис Ципрас во колумната за „Политико“ посветена на вакцините против Ковид-19, јави дописничката на МИА од Атина.

Во колумната под наслов „Вакцините се јавно добро, а не корпоративен производ“, Ципрас го повторува неговиот предлог Европа да ги обезбеди патентите за вакцините, за да се зголеми производството, а во еден дел се осврнува и на земјите што не се членки на Унијата, коментирајќи дека е од огромно значење да им се даде опиплива поддршка на земјите од соседството.

– ЕУ итно треба да го засили нејзиниот придонес кон Ковакс, програмата на СЗО што има за цел да обезбеди праведна распределба на вакцините. Ние мора да обезбедиме повеќе производни линии на вакцината со цел ефикасно да придонесеме за Ковакс системот и програмите за вакцинација на земјите што не се во ЕУ.

Во време кога е под прашалник улогата на ЕУ во нејзиното соседство и заложбата за проширување со Западен Балкан, особено е важно да покажеме дека ЕУ е подготвена да понуди опиплива поддршка надвор од нејзините граници, пишува Ципрас.

Лидерот на СИРИЗА истакнува дека сега кога ЕУ е соочена со сериозна можност за недостиг на вакцина, „бидејќи компаниите ги намалуваат или доцнат со испораките, итно треба да го преиспита нејзиниот пристап“.

Пишува дека постојат голем број фармацевтски компании во ЕУ со производствени капацитети во и вон Унијата кои имаат потенцијал да дадат свој придонес.

– ЕУ треба да обезбеди што повеќе лиценци за производство на вакцини и производни линии и да ги добие соодветните патенти за да создаде европски фонд за патенти.

Ова, ќе ѝ даде можност на секоја земја-членка на ЕУ што има средства и инфраструктура за производство на вакцини да ги мобилизира своите ресурси и да помогне во забрзувањето на производството, врз основа на стандардите од Европската агенција за лекови, пишува Ципрас.

Во колумната за „Политико“ потсетува дека неодамна 40 европски пратеници, по иницијативата на СИРИЗА, преку допис до Европскиот Парламент ја повикаа Унијата да ги обезбеди патентите за вакцините за да се избегнат доцнењата и недостигот.

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

ЕУ го враќа на дневен ред западниот Балкан во април?

Редакција

Инфо деновите за ИПАРД Програмата 2014-2020 продолжуваат и оваа недела

Редакција

Ројтерс: ЕУ веќе не е усогласена за гаранциите за членство на шесте земји од Западен Балкан

Редакција