еМагазин
Image default
Балкан

Ципрас: Посакувам и се надевам дека мојот пријател Зоран Заев ќе го добие референдумот

Имаме пред нас, многу важен и од историско значење договор, кој ако се ратификува на референдумот во соседната земја и ако се заврши уставната реформа ќе донесе единствена можност за земјата и за Солун, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас на традиционалната прес-конференцијата во рамките на Меѓународниот саем во Солун.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Ципрас 3 часа и 15 минути одговараше на новинарски прашања, а меѓу нив и за Договорот од Преспа, за кој говореше опширно и детално.

Изрази надеж дека референдумот кај нас ќе биде успешен, но и убедување дека договорот, со мнозинство од пратениците ќе помине во грчкиот парламент.

Околу несогласувањата во владата и спротивниот став на коалициониот партнер, Ципрас рече дека ги почитува позицијата и ставот на Панос Каменос, иако апсолутно не се согласува со него. Додаде дека бидејќи го знае многу добро и има искрена соработка со него во изминатите години, Каменос „нема да ги стави во опасност текот на закрепување на грчката економија и политичката стабилност на земјата“.

-Верувам дека и тој самиот разбира дека овој договор отвора една динамика за земјата, го гледа тоа, но е обврзан со позицијата и ставот на принципите што ги има од изминатите години дека било кое решение не треба да го содржи името Македонија. Сепак, очигледно е дека врз основа на меѓународната реалност, врз основа на меѓународните корелации, никогаш не можеше да дојде такво решение, дури и сите да го посакувавме. Имаме сега едно решение што дава многу важна перспектива за земјата, истакна грчкиот премиер.

Ципрас, одговарајќи на прашањата на новинарите во однос на можноста за предвремени избори во Грција, поради различната позиција и ставовите на коалициониот партнер во владата, рече дека не треба да се избрзува и го објасни процесот што следи кај нас.

– На 30 септември има референдум во Скопје. Посакувам и се надевам дека мојот пријател Зоран Заев да го добие. Потоа имаме тежок процес, процесот на уставни промени, кој што ќе се финализира кон средината на јануари, тоа е процес што е тежок бидејќи бара две третини од собранието, а потоа секако го имаме процесот со протоколот за интеграција, бирократските процеси во НАТО. Според тоа, во некој момент во февруари ќе одлучам со коалициониот партнер каков ќе биде текот на работите, рече Ципрас.

Грчкиот премиер упати критики за Нова демократија и позицијата на Мицотакис во однос на Договорот од Преспа, велејќи дека за разлика од Каменос кој има непроменета позиција, лидерот на најголемата опозициска партија порано поддржувал сложено име, но и дека во внатрешноста говори едно, а на средби во странство друго. Ципрас му порача на Мицотакис, „ако верува во она што го вели дека договорот е национално штетен“, тогаш зошто не го кажува „она што го вели за низа закони што не му се допаѓаат“ дека ќе ги смени.

– Зошто не излезе да каже, во ред СИРИЗА ќе гласа, но јас ќе го поништам, ќе го поништам договорот. И да оди во НАТО, кај нашите сојузници, кај Столтенберг и да му каже, најдоцна следниот октомври ќе имаме избори, вие нема да го имате завршено процесот на интеграција, ако станам јас премиер, ќе дојдам во НАТО и ќе кажам не се согласувам. Зошто не го кажува ова?, рече Ципрас.

Во однос на вчерашните протести, рече дека тие биле многу поразлични од оние на почетокот на годината.

– Очигледно е, а ова не се однесува само на недостигот на масовност, очигледно е дека за разлика од минатиот февруари кога учествуваа граѓани кои имаат една чувствителност, со која не се согласувам, но е за почитување, за критичното прашање за името на соседната земја, вчера не видовме луѓе со слична чувствителност како тогаш, туку видовме овој протест, да добива боја и облик од радикални елементи, објасни грчкиот премиер, пренесе МИА.

Одговарајќи на новинарско прашање, Ципрас целосно ја отфрли можноста за распишување и одржување референдум и во Грција за Договорот од Преспа.

– Ќе беше историска разврска без преседан, една земја да одржи референдум за тоа како ќе се вика соседната земја, за тоа како соседната земја ќе го смени Уставот, за тоа како соседната земја ќе го финализира она што е договорено, објасни грчкиот премиер и додаде дека правилно е што „соседната земја ќе одржи референдум“.

За евентуални притисоци за постигнување договор, грчкиот премиер рече дека „со апсолутна искреност и со апсолутна сигурност “ може да каже дека никој ниту ја вознемирил, ниту ја притиснал Грција за конкретното прашање, туку едноставно со промената на власта кај нас, се отворила единствена можност за разговори.

– Од моментот кога беше избрана прогресивна влада во соседната земја, што беше отворена за дијалог, ние побрзавме да ја искористиме оваа можност, објасни Ципрас.

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Бизнисмени се апсат во Грција, не ги почитувале мерките за спречување на ширење на коронавирусот

Редакција

Адонис се качи на брод, фотографија која ја расплака Грција

Редакција

Вучиќ за Груевски и Медојевиќ: Ако ние така прогонуваме луѓе, цел свет ќе не осудеше

Редакција