еМагазин
Image default
Балкан

Ципрас: Во Парламентот има мнозинство и за Договорот од Преспа и за доверба на Владата

Процесите за ратификација на Договорот од Преспа во Грција, ќе почнат веднаш откако кај нас ќе завршат уставните измени и резултатот ќе биде соопштен од официјално Скопје до официјална Атина, додека пак протоколот за НАТО, од технички причини ќе се ратификува подоцна.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас во синоќешното интервју за грчката телевизија Open, детално ги опиша следните чекори што ќе ги преземе неговата Влада за договорот со Македонија да стапи во сила, јави дописничката на МИА од Атина.

Според неговите проценки, во текот на овој месец пратениците во Грција ќе гласаат за ратификација. Изрази убеденост дека постои мнозинство во Парламентот како за Договорот од Преспа, така и за доверба на Владата, но и надеж дека неговиот коалициски партнер нема да ја турне Владата.

-Имам намера, имам за цел, штом секако се изгласа во Собранието на Скопје и штом биде информирано Министерството за надворешни работи, штом се информира со дипломатска коресподенција за резултатот, но и за членовите од Уставот, штом се информира за завршувањето на процесите во соседната земја, веднаш да го доставам резултатот до претседателот на државата, до претседателот на Парламентот, до партиите.

Партиите ќе имаат слика какви промени се направија, што се направи, дали се задржува рамката на договорот што го потпишавме и веднаш потоа ќе се договорам со претседателот на парламентот за да почнат процесите, објасни грчкиот премиер.

Проценките на Ципрас се дека на македонската страна нема да ѝ биде потребно повеќе од една седмица за да ја извести Грција и ако гласањето за уставните измени заврши за викендот, претпоставката на грчкиот премиер е дека Атина до крајот на следната седмица ќе биде информирана.

Во однос на втората обврска на Грција, протоколот за членство во НАТО, Ципрас рече дека сѐ ќе зависи од процесите во самата Алијанса.

-Тоа ќе дојде подоцна, но не многу подоцна, поради технички причини, бидејќи, прво, не можеме да го донесеме во исто време, бидејќи не можеме да ја ратификуваме интеграцијата во НАТО, ако прво не се ратификува договорот, ако не стапи во сила договорот од грчкиот Парламент. Колку подоцна ќе биде, ќе зависи од процесите во самата НАТО, објасни грчкиот премиер во интервјуто.

Не верувам дека Каменос ќе ја собори Владата

Во однос на последните случувања во владината коалиција, Ципрас коментира дека не е прв пат коалицискиот партнер да изрази несогласување, но објаснува дека од моментот кога Каменос вели дека „никогаш нема да ја турне Владата и никогаш нема да гласа за предлог на Мицотакис за недоверба, тогаш не постои криза во Владата“.

Ципрас изразува надеж дека неговиот коалициски партнер не го променил ставот, но истакнува дека сѐ ќе се знае по средбата со Каменос закажана за петок во премиерската палата.

-Сметам, верувам, колку што го знам Каменос, а го знам доста, дека нема да ја тргне неговата доверба за Владата, рече грчкиот премиер.

Тој објасни дека има разлика во позициите на Панос Каменос и Кирјакос Мицотакис во однос на спорот со името, бидејќи Каменос уште како член на Нова демократија во 2007 не се согласувал со национална линија и позицијата на Костас Караманлис во Букурешт.

-Панос Каменос уште од тогаш имаше кажано дека е на ставот дека треба да ја задржиме позицијата од 1992 од лидерската средба каде ставот беше никакво споменување на терминот Македонија, објасни Ципрас и изрази надеж дека Каменос „нема да му ги олесни плановите на Мицотакис да ја тргне довербата“.

Доколку не добие поддршка од коалицискиот партнер, тогаш Ципрас ќе побара доверба од Парламентот.

-Јас навечер спијам мирно. Тоа е голема привилегија за некој што се наоѓа на позицијата на која што сум јас. Знам дека сум на вистинската страна од историјата, дека го правам она што е добро за мојата земја и сите нека си преземат одговорност, рече Ципрас во интервјуто.

Во случај да се соочи со повлекување на поддршката од коалицискиот партнер и не добие 151 глас доверба од Парламентот, тогаш Ципрас вели дека „уставен проблем не постои, но постои политички“ и тоа ќе ја одведе земјата на предвремени избори.

Во Парламентот има мнозинство и за Договорот од Преспа и за доверба на Владата

Грчкиот премиер во интервјуто за ТВ Open објасни дека во актуелниот парламент постои мнозинство и за договорот и за доверба на владата, односно најмалку 151 пратеник.

-До денес, Независни Грци ја поддржуваат Владата, СИРИЗА има 145 пратеници, Независни Грци седум. Постои и независната пратеничка, госпоѓата Папакоста која ја поддржува Владата и е дел од неа, постоеше и уште еден пратеник кој што го гласаше буџетот, што има карактеристика на доверба. Според тоа има 154.

Во однос на Преспа, господинот Каменос и Независни Грци го имаат изразено нивното несогласување, го почитуваме тоа. Партијата Река, што има сериозно присуство во Парламентот изјави дека ќе го поддржи, според тоа имам секаква причина да го донесам договорот во Парламентот за да се ратификува, објасни грчкиот премиер.

Во однос на денешната посета на германската канцеларка Ангела Меркел на Атина, Алексис Ципрас рече дека веќе извесно време сакала да дојде во Грција, а нивната врска е врска на доверба.

За поддршката на Меркел на Договорот од Преспа, грчкиот премиер истакна дека „секој логичен човек во Европа ќе го поддржи договорот“.

Алексис Ципрас во над едночасовното интервју, прво во 2019, говореше за сите отворени теми во Грција, Договорот од Преспа, односите со Турција, економијата и сл.

МИА/Фото: Влада

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Сите можни сценарија: Ќе се ратификува ли Договорот од Преспа во Грција

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Во Грција почнува процедурата за ратификација на Договорот од Преспа, се очекува да биде изгласан до петок

Редакција

За Петков Трифонов бил коалционен партнер на мафијата

Редакција

Помеѓу загинатите во авионската несреќа во Етиопија и државјанин на Србија: Хуманитарец со големо искуство

Редакција