еМагазин
Image default
На кафе во Кантина

Циривири: Системските дефекти создаваат проблеми со далекусежни последици

Mеѓународната унија на професионални водичи во планина – UIMLA, спроведе т.н зимска експертиза во Македонија, од 15 до 20 февруари. Претседателот на Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина, Костантин Циривири која е членка на УИМЛА, за „еМагазин“ вели дека зимската експертиза била спроведена на највисоко експертско ниво.

„Инспекторите дадоа позитивна оценка за квалитетот на обуката, начинот на функционирање и степенот на организираност на Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина.Инспекторите беа посебно импресионирани од степенот на мотивација на кандидатите и фактот што групата од 26 кандидати ја сочинуваат главно млади луѓе на возраст под 30 години“, вели Циривири.

По завршувањето на експертизата, на прес-конференција била презентирана организацијата и професијата водич во планина, но како што вели Циривири, тоа за жал се поклопило со несреќниот настан на Кајмакчалан каде што загинаа планинарите Калина Велевска и Александар Миновски, па некои го протолкувале дека лошо го искористиле настанот. Сепак, додава тој, инспекцијата била планирана многу време претходно.

„Организацијата на професионални водичи, реално, почна во рамките на Федерацијата на планинарски спортови. Во 2004 година се формираше Меѓународната унија на професионални водичи и уште тогаш се обративме за членство. Во 2008 не примија и ни кажаа дека првата работа што мора да ја направиме е да формираме независна организација, која не смее да биде член на ниту една спортска организација или кое било друго невладино или владино тело.

Тоа беше побарано за да се обезбеди независнот во работењето, затоа што ќе има инфлуенца ако спортска, владина или некоја друга организација е покровител на организацијата на водичи. Tогаш многу лесно ќе може да има влијанија врз работата на организацијата. Овде станува збор за работа по меѓународни стандарди и меѓународната организација многу внимава да бидат обезбедени условите за исклучиво професионално работење“, додава Циривири.

Тој појаснува дека меѓународните стандарди се јасни, чисти и земјите членки на УИМЛА се обврзани да ги спроведуваат максимално добро, односно не може да бидат предмет на индивидуална интерпретација.

Според оваа организација, нема зимски и летен водич туку тој е еден, обуката е во сите четири годишни времиња, водичот е компетентен за летни и зимски услови со тоа што овој стандард не дозволува да се водат клиенти по алпинистички терен.

„Меѓународна организација за планинарење и алпинизам UIAA има волонтерски водичи, и таму има неколку категории според спецификите на теренот и условите на планината. Тоа е друга поделба и тоа се волонтерски водичи. Ние сме професионални водичи кои работиме професионално, наплаќаме за своите услуги.

Во правилникот на таа организација, волонтерските водичи не смеат да даваат комерцијални услуги, тоа се еден вид инструктори кои работат за потребите на клубовите. Не мора да значи дека нивото на техничката перформанса е значително различно, но намената на водичите и приодот кон луѓето што ги водите и организацијата на турите е различен“, додават тој.

Степенот на одговорност е човечка категорија

Според Циривири, безбедноста на луѓето на планина е најважната работа, бидејќи нема логика да одиме на планина ако не превземеме се што треба за да бидеме безбедни. Меѓутоа, како што вели, начинот на организирање и спроведување на турата се различни во зависност од условите под кои се изведува одредена активност.

„Ако во групата имаме клиенти кои не се обучени за дејноста, тогаш односот на водичот кон клиентите, кон организирање на групата и турата се изведува на еден начин. Во вакви случаи водичот има улога и на педагог – обучувач. Ако во групата имаме искусни луѓе, приодот и третманот е различен. Конкретно кај волонтерските водичи, по дефиниција се водат обучени планинари кои во добра мерка може да препознаваат ризици и да се грижат за одредени работи.

Не можам да кажам дека степенот на одговорност е помал, бидејќи степенот на одговорност во крајна линија е човечка категорија. Во планински туризам водиме луѓе кои можеби и првпат доаѓаат на планина и треба програмата да се адаптира согласно нивните можности, согласно нивната опременоста и условите.

Спортските мотиви секогаш подразбираат дека нивото на предизвик односно условите во кои се одвиваат активностите се малку повисоки, исто како и компетенциита на учесниците“, додава тој.

УИМЛА нема одредено колку луѓе треба да сочинува групата, туку тоа секогаш е во корелација со компетенцијата на водичот и искуството, односно да може водичот безбедно да ја води групата.

„Во Македонија, културата на планинарење и водењето во планина е во развој. Но, во правилникот на нашата организација (МАИВП) одредивме бројка, па така во летни услови водичот може да води 14 луѓе, а во зимски 8. Но тоа се однесува на интернационален водич во планина. Ако водите обучени луѓе, меѓу нив може да има искусни планинари.

Од друга страна, не сите искусни планинари се водичи. Во крајна линија, водич е прашање на желба, прашање на наменска обука за водење други луѓе на планина. Има многу искусни врвни планинари и алпинисти во светот кои не се водичи. Ако имате 15 или 25 искусни луѓе сигурно дека групата полесно ќе ја менаџирате.

Во група која што е составена од искусни планинари секогаш има луѓе со компетенции да ја превземат улогата на неформални водичи кои можат да преземат дел од обврските во водењето. И да нема формален водич во групата, тој што е неформален и групата го прифатила како водич донесува одлуки. Меѓутоа мора и членовите на групата да ги почитуваат одлуките на водичот, независно дали е тој формален или неформален“, додава тој.

Циривири потенцира дека во нивната дејност има правилници за работа за кои постојат санкции доколку не се почитуваат.

„Ние немаме законодавна моќ за да можеме некому да забраниме да води на планина, ние можеме да кажеме дека тој што ќе ги прекрши одредбите од Правилникот за работа, не ги исполнува нашите критериуми за работа. Можеме да укажеме, посочиме и да санкционираме интерно“, вели тој.

Акцентот да се стави на едукација

Освен што е претседател на Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина, тој е иницијатор за формирање на Македонската алпинистичка федерација и активен инструктор по алпинизам.

Циривири, многу пати во текот на разговорот потенцираше дека од негова позиција тешко е да коментира за работењето на волонтерските водичи бидејќи, и покрај тоа што тој заедно со поголемиот дел од раководството на МАИВП ги поставија темелите на центарот за обука на волонтерските водичи во планинарството, во моментов не е член на таа органзација и секој коментар може да биде погрешно протолкуван или злоупотребен.

Иако сметаше дека се што ќе каже може да биде протолкувано како обид за дисквалификација на едната и фаворизирање на другата организација, инсистиравме на одговори од аспект на инструктор по алпинизам, професионалец но и човек кој добро ги познава состојбите.

„Прво, меѓу двете организации, во најголем дел од светот особено во земјите со развиено планинарство нема конфронтации. Јасно е дека волонтерските си работат во клубовите, а интернационалните водичи комерцијално во планинскиот туризам.Тука нема нејаснотии ниту конфронтации. Но кај нас, бидејќи е млада и едната и другата организација има недоречени работи и често пати и има погрешни толкувања.

Во една ваква ситуација, во земја како што е Македонија, со актуелниот степен на развој на планинарството,кревање на емоциите може да не оддалечи од вистинската поента во овој момент. Вистинската поента е да ги согледаме слабостите што ги имаме, да работиме на нивно надминување, но и да ги препознаеме силните страни“, додава тој.

Смета дека преку акции, собири, курсеви има многу простор за надградување на системите во кои функционираме.

„Системите не се идеални и треба да ги надградуваме. Никој од нас не е професионалец, никој не е платен за работата што ја работи и се работи тогаш кога ќе остане време од обврските што ги имаме за да преживееме. Најчесто го работиме ова од кое не живееме затоа што страста не влече, но не е коректно да се бараат професионални одговорности од некој што е волонтер. Ако некому не сме му дале шанса да работи професионално, не треба ни да го повикуваме.

Во алпинизмот, заради историјата на несреќи, научивме дека не треба при вакви несреќи да покажуваме со прст еден на друг да бараме виновници и како заедница треба да седнеме да го искористиме колективниот капацитет како да одиме понатаму. Ова не значи дека не размислуваме на одговорност или ќе замижиме на каква било неодговорност.

Најважната поента е да извлечеме поука што треба да направиме за да бидеме за едно скалило подобри од тоа што сме биле вчера. Ние во овој момент треба да покажеме дали сме зрели како заедница. Не смееме да замижеме, но нема корист и од непродуктивни конфронтации. Треба да се анализира системот на функционирање на една организација“, додава тој и вели дека системските дефекти создаваат проблеми со далекусежни последици.

Неговиот апел е, сите што може да придонесат за развој на планинскиот спорт да се соберат на едно место и секој од нив да го даде својот придонес. Акцентот како што вели, треба да се стави на педагошката работа во клубовите.

Смета дека една организација било да се работи за мултимилионерска или волонтерска, може да почива и да преживее само ако има систем на вредности.

„Ако ги гледаме сите луѓе кои се вооружени со погрешно знаење и вистина за планината, потенцијалните жртви се огромни“, додава Циривири.

Фото: Different Photography

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Богоев го памти детството во Карпош по маалскиот живот, затоа сака парковите да ги врати и за дружба

Силвана Жежова

Како детето што постојано бара адреналин, Арафат Муареми, стана директор на Управата за финансиска полиција

Марина Тунева: Во мојот мозаик, секоја коцка си има свое значење

Петре Димитров