еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Дали со новите цени на горивата, буџетот се полни на сметка на граѓаните и компаниите

За секој наточен литар речиси 20 денари да одат кај државата, а помалку од 5 денари кај трговците. Оттука се поставува прашањето, дали со новата методологија за пресметка на цената на горивата ќе се полни државниот буџет за сметка на граѓаните и на дистрибутерите на нафтени деривати.

На секој литар гориво покрај производната цена се плаќа еколошка такса, надоместок за задолжителни резерви, акциза и на сето ова се пресметуваат дополнителни 18% ДДВ. Кај дизелот има и дополнителна акциза од три денари. Ова буквално значи дека на секои купени три литри, еден оди кај државата.

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) не ги прифати сугестиите од дистрибутерите, а првиот човек се „заплетка“ во објаснувањето.

„Зголемени трошоци за работа имаат сите транспортни компании и за ова треба да разговараме отворено. Пред се имаат проблеми со изнаоѓање на работна сила, патарините во минатото биле поевтини и слично“, изјави Марко Бислимовски.

Претседателот на РКЕ од една страна призна дека компаниите имаат зголемени трошоци, но од друга тоа не го зема предвид при правењето на новата методологија.

„Ако треба да ги прифаќаме барањата на сите компании, не треба РКЕ во државава. Секој нека си кажува каква сака цена и нека си тераат работа“, рече тој.

Во овие две недели додека пазарот е времено либерализиран поради законскиот вакуум, трговците сами ги утврдуваат цените следејќи ги светските берзи и тие сега се пониски од оние кои би биле наложени со новата методологија која би требало да стапи во сила веќе од понеделник.

Непопустливоста на регулаторот и инсистирањето најголем ќар и натаму да има државата на крајот ќе се прекрши на грбот на граѓаните – можно е да се јават проблеми во дистрибуцијата на дериватите како и да дојде до затворање на бензински пумпи особено во помалите места поради економска неисплатливост.

Во последните десетина година мрежата на бензински станици значително се прошири со што тие станаа подостапни за потрошувачите, доколку не се најде трајно и одржливо решение можен е обратен тренд.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Неделава стартува вакцинирање со трета доза и во Македонија

Редакција

Голема хуманитарна акција на АПИС: Ќе донираат медицинска опрема во вкупна вредност од 200.000 евра

Редакција

Предвидува ослободување за казна затвор до 6 месеци: Законот за амнестија помина на Влада и оди во Собрание

Редакција