еМагазин
Image default
Балкан

Данас: Чуден напад на Вулин врз Стево Пендаровски

„Подобрувањето на односите меѓу Србија и Северна Македонија се чини дека имаше краток здив“, констатира во аналитичкиот текст весникот Данас, кој во Белград важи за жесток критичар на власта на Александар Вучиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

-Во мај, претседателот Александар Вучиќ присуствуваше на инаугурацијата на новиот претседател на соседната земја, Стево Пендаровски, а веднаш потоа премиерот Зоран Заев дојде на отворањето на автопатот Коридор 10 во Србија. Сепак, последната изјава на српскиот министер за одбрана, Александар Вулин, кој е најистакнат во српската Влада кога станува збор за расправија со соседите, беше патка за Скопје, пишува Данас.

По изјавата на претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, дека идејата за размена на територии и корекција на границите меѓу Белград и Приштина е „незамислива” и дека што побргу треба да се прекине со лицитирањето на оваа тема, што е можно поскоро, Вулин му порача во на претседателот Пендаровски, дека „не е тема за него како тоа Србија ќе го реши внатрешниот проблем со Косово“, како и бидејќи молчи за „голема Албанија”, тој, исто така, „треба да молчи и за Србија“.

-Иако никогаш до крај објаснета идеја за размена на територии, која минатата година ја иницираа Вучиќ и неговиот косовски колега, Хашим Тачи, не помина ни во западните земји, особено во Германија, Вулин го критикуваше токму Пендаровски, посочува Данас.

Во текстот се наведува изјавата на Флоријан Бибер, професор по студии за Југоисточна Европа на Универзитетот во Грац, кој оцени дека „тензиите што се рефлектираат во изјавите на Вулин откриваат многу различни пристапи на двете влади”.

-Доаѓањето на власт на Владата на Заев беше резултат на скандалот со масовната злоупотреба на власта (на Никола Гуевски) и на големите граѓански протести. Како резултат на тоа, српската влада беше непријателска кон новата влада (на Северна Македонија) во своите изјави, бидејќи е загрижена за сличниот модел во Србија. Ова посредно се совпаѓа со рускиот страв од обоените револуции, изјави Бибер за Данас.

Српските власти, како што пишува Данас, имаа добри односи со претходната влада во Скопје и поранешниот премиер Никола Груевски кој, поради покренатите судски постапки, ја напушти својата земја и доби заштита во Унгарија.

Истовремено, Владата во Белград ја критикуваше имплементација на Преспанскиот договор на Атина и Скопје, истакнувајќи дека е тој е одбиен на референдумот во Северна Македонија.

За време на политичката транзиција во Скопје и конфликтот во Собранието во април 2017 година, еден српски разузнавач беше во зградата што предизвика контроверзи. Во август истата година, целиот персонал на српската амбасада во Скопје беше привремено повлечен во Белград. Причините за ова никогаш не беа објаснети.

-Македонската влада се обиде да ги реши билатералните спорови и да ги намали тензиите, што е во насока на притисок врз српската влада да води дијалог со Косово. Ова очигледно предизвикува огорченост кај главните јастреби во српската влада.

Главно, реформската Влада (во Скопје) претставува закана за тврдењата на српската Влада дека е лидер на реформите во регионот, и покрај фактот што таквите тврдења се тешко убедливи. Оттука, се чини дека тензиите ќе продолжат, но тие мора да се согледаат како фундаментален сомнеж на една се повеќе недемократска влада (Србија), заклучува Флоријан Бибер.

Данас ја наведува и изјавата на македонскиот новинар Сеад Ризвановиќ, уредник во ТВ 24, според кој „нивото на политичка култура во Србија и во Македонија е дијаметрално спротивна. Па така, ако ваквите изјави дека некој треба да „молчи” што доаѓаат од устата на српски министер, можеби се вообичаени во Србија, но во Македонија се многу ретки, и веројатно е дека „ваквата вулгарна изјава би била скандал сама по себе““.

-Нападот на Вулин врз Пендаровски е непримерен и во најмала рака чуден. Бидејќи претседателот Пендаровски само ги афирмираше принципите на немеливост на границите и неговата изјава всушност, парадоксално за Вулин, го штити територијалниот интегритет на Србија, бидејќи го отфрла ваквиот начин на решавање на спорови, оцени за Данас, Сеад Ризвановиќ.

Данас/МИА/Фото: Фејсбук/Пендаровски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Мира Марковиќ ќе биде погребана покрај Милошевиќ

Редакција

Околу 250 грчки интелектуалци потпишаа иницијатива за поддршка на Договорот

Редакција

Рама им врати на Бугарите: Кренете го ветото или издржете ме!

Редакција