еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Детален преглед: Кој и како може да аплицира за државна помош од 14.500 денари по вработен?

Владата денеска ја претстави главната мерка од економскиот пакет за справување со кризата од корона вирусот која предвидува директна помош од 14.500 денари месечно за секој вработен, за месеците април и мај, од сите фирми погодени од кризата.

За оваа мерка, Владата донесе Уредба со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19, за исплата на платите за месеците април и мај 2020 година, со што и практично стапуваат во сила сите одредби за сеопфатна директна финансиска поддршка на работодавачите.

Според Владата, дури 87 отсто од компаниите се подобни да аплицираат за овие мерки, ќе бидат опфатени околу 250.000 работни места и околу 35.000 компании.

Сумата што ќе ја добие секој работник, за двата месеци, април и мај, изнесува 29.000 денари, скоро 500 евра, односно по 14.500 денари месечно.

Оваа уредба под поимот „Работодавач од приватниот сектор“ го опфаќа секое претпријатие од приватниот сектор кое вработува работници врз основа на договор за вработување, секое правно лице кое вработува работници врз основа на договор за вработување и работодавачите кои преку приватни агенции за вработување, ангажираат работници за извршување работни задачи.

Со оваа мерка ќе се врши исплата на финансиски средства на сметка на работодавачот-барател на финансиска поддршка за исплата на платите на работниците за месеците април и мај 2020 година, во износ најмногу до 14.500 денари месечно по работник.

Поточно, ова значи дека доколку работник бил ангажиран за полно работно време, ќе му биде исплатен целиот предвиден износ согласно оваа мерка односно – 14.500 денари, а доколку бил ангажиран со скратено работно време, ќе му биде исплатен сразмерен износ.

Работодавачот-барател на финансиска поддршка поднесува Барање за финансиска поддршка за исплатата на платите на работниците до Управата за јавни приходи, која е задолжена веднаш да ги утврди формата и содржината на обрасците за Барањето за финансиска поддршка.

Барањето се поднесува преку системот е-даноци на Управата за јавни приходи до 5-ти во месецот, за претходниот месец. Комплетноста на Барањето го потврдува Управата за јавни приходи, во рок од 3 дена од денот на приемот на барањето.

Сите информации за тоа кои компании ќе имаат право на користење на придобивките од оваа мерка, како и оние кои не се опфатени со оваа финансиска поддршка, ќе бидат наведени во Уредбата што ќе биде објавена во рок од еден ден во Службен Весник, како и на веб страницата на Владата.

Во Член 5 од оваа Уредба е утврден и начинот за аплицирање за стекнување на правото за финансиска поддршка преку алатката „Месечна пресметка за интегрирана наплата“ на Управата за јавни приходи преку посебна шифра за оваа намена.

По обработката на апликацијата, Управата за јавни приходи ќе го информира работодавачот-барател на финансиска поддршка за вкупниот износ на финансиската поддршка што ќе биде исплатена за соодветниот месец, и за тоа ќе ја извести Владата за работодавачите кои ги исполниле условите за финансиска поддршка за исплата на платите.

Износот на финансиска поддршка согласно оваа Уредба, ќе се исплатува до 13-ти во месецот, за претходниот месец.

Уредбата утврдува дека работодавачот кој користел финансиска поддршка за исплата на плати има обврска да ги врати добиените финансиски средства во целост, заедно со камата за јавни давачки, доколку по извршена контрола од страна на Управата за јавни приходи или од страна на Државниот инспекторат за труд, се утврди дека работодавачот не ги исполнил условите за стекнување право за користење на оваа мерка.

За времетраење на финансиската поддршка согласно со оваа Уредба и четири месеци после нејзиното престанување (заклучно со месец септември 2020 година), работодавачот кој користел финансиска поддршка за исплата на плати има обврска да го задржи истиот број на вработени што го имал за месецот за кој побарал финансиска поддршка за исплата на платите, намален за бројот на вработени заради пензионирање или смрт на работник.

Бројот на вработени што работодавачот корисник на финансиска поддршка треба да го задржи ги вклучува вработените на неопределено време, вработените на определено време и вработените со работно време пократко од полното работно време.

Согласно оваа Уредба работодавачите кои ќе го искористат правото на финансиска поддршка за исплата на плати, имаат обврска примените финансиски средства ги вратат во Буџетот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Детален преглед: Вкупно 17 економски мерки на Владата „против“ кризата од корона вирусот

Спасовски: Владата очекува солидарност од банките, доколку ја нема тоа ќе се дефинира со уредба

Спасовски вели дека немало драстични отпуштања од работа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Млади математичари од Македонија освоија четири медали на Интернационална математичка олимпијада

Редакција

(Во живо) Шести ден протест против францускиот предлог

Редакција

Царинската управа распиша оглас за вработување на 58 лица

Редакција