еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Детален преглед: Што пишува во конечните амандмани на Уставот согласно договорот со Грција?

Владата на денешната седница го усвои финалниот текст на предлог амандманите 33, 34, 35 и 36 на Уставот и го достави до Собранието на Република Македонија.

Содржината на новите амандмани Ви ја пренесуваме во целост:

Овие амандмани се составен дел на Уставот на Република Македонија и влегуваат во сила со влегување во сила на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 г. и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и ратификацијата на Протоколот за пристапување во НАТО од Првата страна на Конечната спогодба.

АМАНДМАН XXXIII 

1. Во Уставот зборовите „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во член 36 од Уставот на Република Македонија

АМАНДМАН XXXIV 

1.Во Преамбулата на Уставот на Република Македонија се бришат зборовите „кои живеат во нејзините граници“, „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со зборовите „правните одлуки кои се наведени во Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ“, по зборот „година“ се додаваат зборовите „на кои се изрази волјата за создавање на самостојна суверена држава и Охридскиот рамковен договор“, а се бришат зборовите „одлучија да“.

2.Со овој амандман се вршат измени во Преамбулата – Амандман 4 на Уставот на Република Македонија.

АМАНДМАН XXXV

1.Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави.

2.Со овој амандман се дополнува членот 3 од Уставот на Република Македонија.

АМАНДМАН XXXVI   

1.Републиката ги штити, гарантира и негува особеностите, историското и културното наследство на македонскиот народ. Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство. Републиката се грижи за дијаспората на македонскиот народ и на другите заедници и ги негува и унапредува врските со татковината. Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.

2. Со овој амандман се заменува членот 49 и амандман 2 од Уставот на Република Македонија.

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ НА ТЕКСТОТ НА ПРЕДЛОГ НА АМАНДМАНИТЕ XXXIII, XXXIV, XXXV И XXXVI НА УСТАВОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА 

Образложение на Амандман XXXIII

Целта на овие измени на Уставот е имплементација на Конечната спогодба со Грција со што треба да се овозможи пристапување на Република Македонија во Европската Унија и НАТО. Притоа, согласно Конечната спогодба со Република Грција, се предвидува стапување во сила на амандманите со денот на ратификација на Спогодбата и Протоколот за пристапување во НАТО од страна на Парламентот на Република Грција.

Следствено, во случај на невлегување во сила на овие два документи, нема да влезат во сила ниту предвидените амандмани. Понатаму, во согласност со договорот, со уставен закон ќе биде утврдена примена на одредбата во однос на важноста на веќе постоечките документи и материјали издадени од органите на власт на Република Македонија.

Образложение на Амандман XXXIV

Целта на овие измени на Уставот е имплементација на Конечната спогодба со Грција со што треба да се овозможи пристапување на Република Македонија во Европската Унија и НАТО. Заради усогласување на текстот на Преамбулата со Конечната спогодба со Грција, во Преамбулата се вршат соодветни измени.

Во Преамбулата на Уставот на Република Македонија се бришат ограничувањата за народите и нивните делови што живеат надвор од нивната матична држава. При наведувањето на државно-правните традиции, се именуваат правните одлуки на АСНОМ, кои се наведени во Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ. Исто така, во Преамбулата се споменува и Охридскиот рамковен договор, кој веќе е вграден со уставните амандмани од 2001 година.

Образложение на Амандман XXXV

Целта на овие измени на Уставот е имплементација на Конечната спогодба со Грција со што треба да се овозможи пристапување на Република Македонија во Европската Унија и НАТО. Со Конечната спогодба се потврдува постоечката меѓусебна граница меѓу Република Македонија и Грција како трајна и неповредлива меѓународна граница, при што се презема обврска ниту една од двете држави да нема, ниту да поддржува некакви претензии кон кој било дел од територијата на другата држава, ниту пак претензии за промена на нивната меѓусебна постоечка граница.

Покрај тоа, и Република Македонија и Грција се обврзаа дека нема да поддржуваат какви било претензии кои може да ги изнесат трети страни. Република Македонија и Грција се обврзаа да го почитуваат суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на другата држава и да не поддржуваат какви било активности на трети страни насочени против суверенитетот, територијалниот интегритет или политичката независност на другата држава.

Исто така двете држави презедоа обврска, во согласност со целите и начелата на Повелбата на Обединетите Нации, да се воздржуваат од закани или употреба на сила, вклучително од закани или употреба на сила со намера да се наруши нивната меѓусебна постоечка граница. Во членот 3 од Уставот е регулирано дека територијата на Република Македонија е неделива и неотуѓива.

Постојната граница на Република Македонија е неповредлива. Република Македонија нема територијални претензии кон соседните држави. Границата на Република Македонија може да се менува само во согласност со Уставот, а врз принципот на доброволност и во согласност со општо прифатените меѓународни норми.

Овој член веќе беше изменет во 1992 година со Амандманот I, кога беше додаден принципот на доброволност при промена на границата и согласноста со општо прифатените меѓународни норми. Исто така со овој амандман беше декларирано дека Република Македонија нема територијални претензии кон соседните држави. Со новиот уставен амандман кој се предлага се декларира почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави.

Образложение на Амандман XXXVI

Целта на овие измени на Уставот е имплементација на Конечната спогодба со Грција со што треба да се овозможи пристапување на Република Македонија во Европската Унија и НАТО. Согласно Конечната спогодба, Република Македонија и Грција се обврзаа ниту една одредба од Уставот, да не може или не треба да се толкува на начин кој претставува или кога било ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на другата држава, во каква било форма или заради каква било причина, вклучително и заради заштитата на статусот и првата на кои било лица кои не се нејзини граѓани.

Во членот 49 од Уставот е пропишано дека Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија, го помага нивниот културен развој и ги унапредува врските со нив. Републиката се грижи за културните, економските и социјалните права на граѓаните на Републиката во странство. Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи. И овој член беше изменет со Амандманот II во 1992 година кој предвидуваше дека Републиката нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.

Со уставниот амандман кој се предлага се потенцира обврската на Република Македонија за заштита, гарантирање и негување на особеностите, историското и културното наследство на македонскиот народ. Исто така, со амандманот се гарантира заштита на правата и интересите на државјаните кои живеат или престојуваат во странство. Во амандманот е пропишано дека Републиката се грижи и за дијаспората како на македонскиот народ така и на другите заедници, за негување и унапредување на нивните врски со татковината, без тоа да значи мешање во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Претседателот Пендаровски во Собранието: Несериозно е свечено да потпишуваме дека сме Македонци кои зборуваат македонски јазик

Редакција

„Стоп за присилната вакцинација“: Во Скопје се протестираше против мерките за невакцинираните граѓани

Редакција

Медал од Ердоган за македонските спасувачи кои учествуваа во потрагата и спасувањето на настраданите од земјотресoт во Турција

Редакција