еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Детална листа: Најнови мерки и заклучоци на Владата против корона вирусот

Владата на денешната 19-та редовна седница во врска со потребата од преземање нови дополнителни мерки и активности за превенција од ширење на коронавирусот COVID-19 и согласно предлозите изнесени во расправата на седницата,  ги усвои следниве заклучоци:

1.Владата формира Главен координативен кризен штаб, со кој ќе раководи претседателот на Владата на Република Северна Македонија и во состав од сите заменици на претседателот на Владата, министерот за здравство, министерот за одбрана, министерот за внатрешни работи, министерот за транспорт и врски, министерот за финансии, министерот за образование и наука, министерот за надворешни работи, директорот на Центарот за управување со кризи и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, со цел целосната координација да се врши во ова тело.

По потреба, во зависност од ситуацијата, во работата на Главниот координативен кризен штаб може да се вклучат и други надлежни институции и стручни лица.

Главниот координативен кризен штаб да се состанува на дневна основа, претпладне, во просториите на Владата на Република Северна Македонија, веднаш по одржување на состанокот на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.

2. Да се затворат сите копнени гранични премини во Република Северна Македонија, освен граничните премини Табановце, Деве Баир, Ќафасан, Богородица и Блаце кои да бидат отворени за премин на патници и возила.

3. Да прекине со работа аеродромот „Св.Апостол Павле“ во Охрид, односно да се затвори граничниот премини на овој аеродром, по 48 часа од донесувањето на оваа наредена мерка.

4. Да се забрани влез на територија на Република Северна Македонија на странски државјани и од земјите со среден ризик согласно Листата на Светска здравствена организација објавена на веб страницата на Министерството за здравство, освен за оние лица за кои Министерството за внатрешни работи ќе даде дозвола по мислење од Главниот координативен кризен штаб кој ќе потврди дека постои посебен државен или економски интерес. Овие лица да влезат во нашата држава под посебни услови и заштита согласно протоколот на Министерството за здравство.

5. Да се затворат за посетители сите продавници во молови на територијата на Република Северна Македонија, освен супермаркети, продавници за храна и аптеки.
Сите останати правни лица можат да работат и да остваруваат продажба на алтернативен начин (преку онлајн нарачки, телефонски нарачки и сл) и да вршат достава на нарачките.

6. Се забранува целосно работата на кафетерии, барови, клубови, казина и спортските обложувалници.

7. Сите угостителски објекти кои вршатподготовка и продажба на храна можат да работат, без посета на потрошувачи (гости) и да остваруваат продажба на алтернативен начин (преку онлајн нарачки, телефонски нарачки и сл.) и да вршат достава или да овозможат самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект (преку штанд, пулт и сл.).

Согласно овие мерки, Владата донесе Одлука за дополнување на Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на Коронавирус COVID-19.

8. Се задолжува Министерството за здравство, на секој наш државјанин кој влегува на граничните премини во Република Северна Македонија, а патува од високо ризични или средно ризични земји, при влез, на граничниот премин да му издаде писмена наредба за спроведување задолжителна самоизолација и истиот да потпише писмена изјава под полна морална, материјална и кривична одговорност дека ќе изврши самоизолација во која ќе ги наведе своите лични генералии,со податоци за адресата и местото на престој за време на самоизолација.

9. Се задолжува Секретаријатот за европски прашања, да подготви и итно до Владата да достави компаративна анализа за сите преземени мерки и начинот на нивното спроведување во земјите со висок и среден ризик.

10. Се задолжува Министерството за финансии – Царинска управа, во соработка со Министерството за економија, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за надворешни работи, итно да формира работна група, со цел до понеделник да подготви информација/предлог за увоз-извоз на прехранбени продукти.

11. Се задолжува Министерството за внатрешни работи да ја извести јавноста и економските субјекти дека достава на прехранбени производи, медикаменти и останати потребни стоки на подрачјата на општините Дебар и Центар Жупа каде постои кризна состојба ќе се врши единствено во периодот од 8:00 до 14:00 часот.

Заради продолжување со работа на индустрискиот капацитет Кнауф Радика Дебар ќе биде овозможен безбеден проток на возилата со кои се врши транспорт на ресурси и стока во подрачјата каде што постои кризна состојба.

Возилата со кои се врши дотур на стока и возилата на компанијата Кнауф ќе се упатуваат кон безбедносниот пунк во правец на ХЕЦ Шпиље и ХЕЦ Глобочица или безбедносниот пункт преку Бошков Мост, од каде само со полициска придружба ќе се упатува кон територијата на подрачјата на општините Дебар и Центар Жупа каде постои кризна состојба.

Истоварот на стоката ќе го вршат исклучиво лица кои се веќе во подрачјето каде е прогласена кризна состојба, а на возачот на возилото или негов сопатник нема да му биде дозволено напуштање на возилото. По истоварот на стоката, возилото исто така со полициска придружба ќе се враќа кон еден од безбедносните пунктови каде по извршената дезинфекција ќе му се  дозволува слободно движење надвор од територијата на која е прогласена кризна состојба.

12.Се препорачува Јавното обвинителство на Република Северна Македонија да даде упатства и препораки за итно и приоритетно постапување на сите јавни обвинителства во Република Северна Македонија во постапките процесуирани од страна на надлежните институции во врска со донесените одлуки, мерки и препораки од страна на Владата на Република Северна Македонија и другите адлежни државни институции.

13. Се препорачува сите работодавачи во Република Северна Македонија, односно секое раководно лице во институцијата, во зависност од типот на работата и можностите, да ја организира работата на начинот на работа на вработените лица, преку работа од дома, без да се наруши редовното и нормалното функционирање на институцијата.

14. Се задолжува Секторот за односи со јавност на Владата на Република Северна Македонија овие заклучоци, мерки и препораки веднаш да ги објави на веб страницата на Владата и истите да ги достави до сите пишани и електронски медиуми, со цел редовно информирање на граѓаните.

Владата го разгледа Акциониот план од Главниот штаб за управување со кризи за превенција и справување со појавата и ширењето на Коронавирусот COVID-19 на дел од територијата на Република Северна Македонија на кои постои кризна состојба, на подрачјата на општините Дебар и Центар Жупа и притоа заклучи истиот да се измени и дополни со следниве укажувања:

– Акцискиот план да се преработи согласно ново дадените препораки од страна на Министерството за здравство.

– Работата на производствените капацитети на подрачјата на општините Дебар и Центар Жупа да биде дополнително координирана со посебен режим на работа согласно дејноста која ја остваруваат.

– Да се прифати понудата од телекомуникациските оператори и да се дефинираат четири најбитни мерки/препораки кои треба да бидат испратени преку СМС пораки до граѓаните.

– Се препорачува на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, за подрачје Дебар и Центар Жупа, за време на овој период, да постапува приоритетно согласно задолжителното упатство, по предмети и постапки поврзани со настанатата состојба.

– Се препорачува на Судскиот совет на Република Северна Македонија, да даде наредба за работа на судот во општина Дебар по истиот принцип како даденото задолжително упатство  на Јавното обвинителство.

– Се задолжува Министерството за одбрана да изврши итна набавка на средства за дезинфекција за потребите на Дирекцијата за заштита и спасување и Армијата на Република Северна Македонија.

Согласно ова, се задолжува Бирото за јавни набавки да даде дозвола за итна набавка.

Согласно овие COVID-19 на дел од територијата на Република Северна Македонија изменувања и дополнувања, Главниот штаб за управување со кризи да го измени и дополни Акцискиот план за превенција и справување со појавата и ширењето на Коронавирусот на кои постои кризна состојба, на подрачјата на општините Дебар и Центар Жупа.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Галерија) Секое возило кое влегува и излегува од Дебар и Центар Жупа се дезинфицира

(Фото) Медицинарите од Дебар: „Ние сме на работа, вие седете дома“

Поради кризната состојба: Во Дебар „заглавени“ стотина жители од други градови

Драги млади, не бидете себични кон дедовци и баби: Од корона вирусот се умира

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Детален преглед на состојбата со Ковид-19 по болниците низ Скопје

Редакција

Секоја родилка позитивна на корона вирусот во болницата во Куманово може безбедно да се породи

Редакција

Новинарскиот еснаф и бизнис-заедницата ќе соработуваат врз основа на Меморандумот кој го потпишаа ЗНМ, СЕММ и Стопанската комора

Редакција