еМагазин
Image default
МОЈ СТАВ ТОП СТОРИИ

Детето ви гори во пожар и болката знае ли во чија душа е всадена, во мајката од Грција или во мајката од Македонија

Детето Ви гори во пожар. Огнената стихија Ви го голта животот. Немаат ни каде да Ве закопаат. Затоа што и гробиштата ги нема. За миг животот Ви се претвора во пепел. Во обид да се спасите, Ве проголтува и морето.

Овој пекол им се случуваше на Грците. Луѓето гореа живи. Горат и тие што останале живи, од тоа што гледаат дека ништо не останало.

Во овој пекол, дали болката познава во чија душа е всадена. Во мајката од Грција, или во мајката од Македонија?

Мислев дека смртта обединува. Бидејќи е поврзана со нешто што нема врска со ништо, освен со најдлабоката внатрешност на човекот која ги обединува и најзакрвените непријатели.

Но дали?

До болка знаев, дека сме општество на поделби и на раздор, но не мислев дека тоа е многу подлабоко отколку што навидум се чини. Трагедијата во Грција исфрли многу работи на површина.

Националната трагедија на соседот ја ставивме во контекст на политички препукувања и ситења од типот „ако им е, така заслужија“. Зарем до таму отиде злобата???

Од вчера ме мачи ова прашање.

Вие можете да сте за една или за друга политичка партија, да сте за или против Договорот со Грција, да сте за или против промената на името, но каде го загубивте човекот во Вас, над се и пред се?

Како може, да не Ве допрат информациите за јагленисани тела пронајдени прегрнати,  деца кои живи гореле, мајка која трчала со запалени нозе цврсто држејќи ги своите деца за да влезе во море и да ги спаси?

„Да му умре козата на комшијата“. На комшиите им умреа деца, огнот проголта цели семејства и домови, уништи стотици човечки судбини, зеде десетици животи.

Ова покажа дека ние сме го изгубиле компасот за нормална реакција на човечка трагедија и тага.

Не знаеме кај тераме.

И ако во тие пламени јазици кои во Грција голтаа животи, фрлате политички искри, тогаш на оваа држава и нема спас од сопствениот народ.

Грците не се виновни, што сами ќе потонеме во злоба, чемер и јад кои како плевел напаѓаат се што е нормално во оваа држава. Го напаѓаат секој оној кој доаѓа во ситуацијата да ја брани нормалноста.

Злоба завиена под превезот на т.н „македонштина“. Злобна, празна и јадна. И уште во името на Бога!

Во таква ли Македонија сакате да живееме?

И, бидејќи секоја поделба е именувана СДСМ и ВМРО, ЗА и ПРОТИВ, предавници и патриоти, како ќе се вика оваа? Луѓе и нелуѓе. Или?

Фото: Greek reporter

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) Заев за Прочка: Им простив на луѓето кои држеа пиштол, веројатно немаа храброст и чиста мета

Редакција

Фондот за иновации и технолошки развој вработува пет лица, плата до 28.303 денари

Редакција

Топ твитови за стипендијата на ќерката на Димитров: Средете го гнилото образование, па потоа стипендирајте

Редакција