Директорот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Шабан Мемеди за ТВ 24 изјави дека има време за укинување на вонредната состојба, посочувајќи дека може да бидеме порелаксирани само кога бројката на позитивни случаи на Ковид-19 ќе стигне под 10.
– Мерките уште ќе се олабавуваат, но треба да се почитуваат препораките, носење на маски и социјалната дистанца како најглавни мерки, потенцираше Мемеди.
Тој додаде дека „одиме во насока на победа“ над корона вирусот, констатирајќи дека државата од почетокот на состојбата досега добро се справува.
Мемеди рече дека ако се прави споредба со позитивни резултати на корона вирусот, бројката во последните пет дена се намалува, а со тоа и смртноста.
Директорот на ИЈЗ истакна дека сите мерки кои се преземени се за граѓаните и нивното здравје, нагласувајќи дека доколку повеќе се почитувале, бројот на заболени ќе бил помал.
Прашан, зошто е намален бројот на тестирања, тој наведе дека колку брисеви се земаат, толку тестирања се прават. Како што нагласи Мемеди, „нема симптоми, нема епидемиолошки анкети, нема брисеви“.
МИА/Фото: Кабинет на претседател
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Филипче: Епидемијата со корона вирусот во државата полека се стишува
Филипче со коментар за Шведска: Дискутабилно е дали може да се препорача како добар модел