еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Дискреционите зголемувања на платите во јавниот сектор ја „билдаат“ просечната плата

Во септември 2019 година, номиналниот раст на просечната нето плата изнесуваше 4,4% (3,8% во август), што во еден дел е одраз на покачувањето на минималната плата, како и на дискреционите зголемувања на платите во дел од јавниот сектор, информира Народната банка во најновиот извештај за макроекономските показатели.

„Платите растеа кај речиси сите дејности, а најизразено кај дејностите „транспорт и складирање“, „административни и помошни услужни дејности“, „дејности на здравствена и социјална заштита „уметност, забава и рекреација“ и „стручни, научни и технички дејности“. При мал раст на трошоците на живот на годишно ниво, реалниот годишен раст на нето-платата во септември изнесуваше 4,2%“, се вели во извештајот.

Во Народна банка објаснуваат дека износот на минимална плата согласно со Законот за минимална плата којшто се исплаќа за периодот април 2019 до март 2020 година изнесува 17.943 денари во бруто-износ, односно 12.507 денари нето-плата (пред овој период, минималната плата изнесуваше 17.370 денари, бруто и 12.165 денари, нето) согласно со усогласувањето со порастот за претходната година на просечно исплатената плата во РСМ, индексот на трошоци на живот и реалниот пораст на БДП (со една третина од порастот од секој показател, соодветно).

Согласно со Буџетот на РСМ за 2019 година, извршено е зголемување на платите на докторите специјалисти за 10% од јануари и покачување на платите за 5% на останатиот медицински персонал во јавните здравствени установи со исплатата на јануарската плата во 2019 година, како и дополнително зголемување на платите на здравствените работници за 5%, почнувајќи со исплатата на септемвриската плата во 2019 година.

Исто така, согласно со одлуката на Владата на РСМ донесена во мај 2019 година, извршена е нивелација на платите на околу 2.900 вработени од областа на културата, од националните и од локалните установи, почнувајќи од априлската плата за 2019 година.

Покрај тоа, со измените и дополнувањата на Законот за заштита на децата, започнувајќи со јунската плата, се зголемуваат за 16% платите на воспитувачите/ките, негувателите/ките, стручните работници/чки и соработници/чки, а согласно со Колективниот договор, зголемување на платата има и кај помошно-техничкиот персонал.

Зголемување на платата од 22% добија и социјалните работници со исплатата на јунската плата, а со исплатата на септемвриската плата добија и дополнително зголемување од 5%. Исто така, зголемување на платите од 5% имаше за вработените во образованието, полицијата, одбраната и целиот јавен сектор, почнувајќи со септемвриската плата.

Намалување на платите во септември 2019 година е забележано само кај „дејностите во врска со недвижен имот“ и дејноста „рударство и вадење камен“.

„Остварениот раст на номиналната нетоплата во третиот квартал е речиси идентичен со октомвриските проекции, додека остварувањето кај реалната плата е малку пониско во споредба со проекциите од октомври“, пишува во извештајот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) Еден „куп“ нови бебиња во Зоолошката градина: Се родија кенгурче, пони, мини-прасиња…

Редакција

Општините лани потрошиле 40% помалку пари за украсување за Нова Година

Редакција

(Видео) Царината заплени минибус со албански таблици во кој е откриен бункер за криење стока

Редакција