Претседателот на Собранието Талат Џафери очекува втората фаза од уставните измени да заврши околу 18 декември, по што би почнала третата и последна фаза од носењето на уставните амандмани. Целиот процес би се заокружил во средината на јануари.
Во Собранието утре започнува пленарната седница за уставните амандмани, за што неговите очекувања се дека ќе заврши побрзо од законски предвидениот рок.
– Утрешниот ден ќе даде појасна слика за тоа колку ќе трае дебатата на собраниската седница. Имајќи предвид дека опозицијата не учествуваше на собраниската Комисија, не очекувам сензационализам на самата седница, рече Џафери на средбата со новинарите.
По усвојувањето на уставните амандмани во Собранието за што е потребен 61 глас, предлагачот на уставните измени односно Владата треба да организира јавна расправа од три дена, по што има два дена да подготви извештај и петтиот ден да го достави до Собранието.
Џафери потоа е должен во рок од 30 дена да закаже седница за финално носење на амандамните, за што повторно, како во првата фаза, е потребно двотретинско мнозинство.
МИА