еМагазин
Image default
Балкан

Договорот од Преспа ги „подели“ Независни Грци

Со различни позиции од оние на Панос Каменос, излегоа двајца пратеници од Независни Грци во однос на договорот од Преспа. Танасис Папахристопулос и Костас Зурарис во одделни интервјуа за грчките медиуми открија дека не се на иста линија со нивниот претседател, кој не го прифаќа решението меѓу Македонија и Грција и најави дека „ќе направи сѐ, договорот да не дојде во грчкиот парламент“, јави дописничката на МИА од Атина.

Папахристопулос смета дека договорот задоцнил, а Зурарис иако е против, смета дека Независни Грци нема да биде потребно да ја турнат владата, бидејќи за ратификација ќе има доволен број пратеници од другите партии.

– Имам различна позиција, тоа директно го имам кажано. Верувам дека овој договор требаше да се случи пред повеќе години, лошо е што доцни. Ова е моето мислење, но тоа не значи дека јас сум во право, а другите грешат. Го почитувам спротивното мислење, но не го делам, рече портпаролот на пратеничката група на Независни Грци, Танасис Папахристопулос за грчкото радио „Реал фм“.

Во изјава за радиото „Фокус фм“, пак, објасни дека прашањето треба да се реши, бидејќи тоа е добро за земјата.

– Мојот став е дека само кога гледаме дека Турција сака да не се реши прашањето, кога, според моето мислење, очигледно е дека и Северна Грција ќе добие, бидејќи кинеските производи ќе се пренесуваат многу бргу, но и ПЈРМ и Србија ќе добијат, верувам дека тоа е избор што ќе донесе развој и мислам дека оние што внимателно ќе го прочитаат договорот на 21 страница, можеби ќе променат мислење. Можеби не сите, рече Папахристопулос.

Неговиот сопартиец, Костас Зурарис, иако е против договорот од Преспа, не го дели ставот на Каменос дека Независни Грци треба да се повлечат од владата, бидејќи смета дека и покрај тоа што тие ќе гласаат против, постои мнозинство во парламентот и без нивниот глас.

– Од моментот кога постои мнозинство за да се изгласа, нема причина Каменос да ја повлече довербата за владата, рекол Зурарус за радито „Х фм“, според грчките медиуми.

Независни Грци има седум пратеници во грчкиот парламент, а коментарите во грчките медиум се дека партијата коалиционен партнер во владата е поделена во два табора во однос на договорот од Преспа, бидејќи тројца од пратениците се против напуштање на владата.

Панос Каменос, во изминатите месеци, откако Македонија и Грција го потпишаа договорот, излезе со различни предлози. Еден период бараше ратификација со зголемено парламентарно мнозинство, односно гласање со минимум 180, наместо 151 пратеник, потоа велеше дека за Договорот од Преспа треба да решат граѓаните, на избори или на референдум, а во понеделникот порача дека Независни Грци ќе се повлечат од владата пред договорот да дојде за ратификација во парламентот.

Како што вчера објави МИА, портпаролот на грчката влада, Димитрис Ѕанакопулос на редовниот брифинг со новинарите, уште еднаш повтори дека и покрај ставовите и позициите на коалициониот партнер во владата, Панос Каменос, договорот од Преспа ќе дојде во грчкиот парламент и ќе биде изгласан.

На прашањето на дописничката на МИА од Атина, дали грчката влада за континуирано да изразува убеденост и да тврди дека ќе има мнозинство во парламентот, значи дека има избројано најмалку 151 пратеник  колку што е потребно за да биде ратификуван договорот, Ѕанакопулос истакна дека тоа произлегува од изјавите што одредени пратеници ги дале во изминатиот период.

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Албанија ги укинува работните дозволи за Албанците од нашата земја

Никола Осило

Грчка влада: Во следните денови ратификација на Протоколот за прием на Северна Македонија во НАТО

Редакција

Градоначалникот на Солун, Бутарис: Договорот од Преспа мора да се почитува

Редакција