еМагазин
Image default
Балкан

Договорот од Преспа утре на пленарна седница во грчкиот Парламент

По дводневната расправа, вкупно 12 часа и обраќањето на 38 пратеници и двајцата известувачи, Комисијата за надворешни работи и одбрана при грчкиот Парламент го усвои нацрт законот со кој се ратификува и стапува во сила Договорот од Преспа, јави дописничката на МИА од Атина.

-Како што произлегува од дискусијата и изнесените ставови на членовите на Комисијата, нацрт законот од Министерството за надворешни работи на Грција „Ратификација на конечниот договор за решавање на разликите, прекинување на Времената спогодба од 1995 година и воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните“ со мнозинство е усвоен и во секој член и во целост, рече претседателот на Комисијата, пратеникот од СИРИЗА Костас Дузинас.

Денешната расправа траеше континуирани шест и пол часа, а пратениците, во зависност од тоа која е нивната матична партија, зазедоа став, позитивен или негативен, за Договорот од Преспа.

Комисијата за национална одбрана и надворешни работи, како што веќе објави МИА ја сочинуваат 56 членови, од кои 27 од СИРИЗА, 14 од Нова демократија, четири од Демократска алијанса (Демократска левица- ПАСОК), три од Златна зора, исто толку од Комунистичка партија на Грција, а по еден претставник имаат Независни Грци, Река и Сојуз на централисти, додека пак учествуваат и двајца независни пратеници.

Во усвоениот нацрт законот, првиот член е потпишаниот договор во целост, вториот член се однесува на подигањето на нивото на Канцеларијата за врски во Скопје во амбасада и на Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи во Битола на ниво на Генерален конзулат.

Третиот член објаснува дека законот стапува во сила по објавувањето во Службен весник, а договорот по ратификацијата согласно членот 20.

Нацрт-законот со датум 18 јануари 2019 е потпишан од грчкиот премиер Алексис Ципрас и министрите од неговата влада.

Утре, во 10 часот наутро по локално време започнува пленарната седница, а гласањето ќе биде во четврток вечер.

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(ВИДЕО) Споменикот на Александар Велики свечено откриен во Атина

Редакција

Мицотакис по победата на изборите: Грција повторно гордо ја крева главата

Редакција

Шест лица ранети во судир со оружје и ножеви помеѓу Грци и Албанци во близина на Атина

Редакција