Многу прашина се дигна во јавноста за вчерашната акција на Управата на финансиската полиција и Министерството за внатрешни работи во селото Љуботен во која беа запленети 12 тони нелегално увезен режен тутун.
Дел од медиумите направија драма за големото присуство на полицајци и опрема, а дел од партиите, кои секој втор ден зборуваат дека државата не се бори со криминалот и корупцијата, за ситни политички поени, уште пред да го имаме епилогот од акцијата видоа оневозможување на правото на егзистенција на локалните жители, „покривање“ на потфрлувањата на владината „метла“ и дека Македонија е полициска држава.
Еми што ќе се случи ако се „чепне“ дрогата во Арачиново, на пр. Војна?
Па нели за да станеме дел од Европската Унија меѓудругото треба сериозно да се бориме со криминалот, кој богами во Македонија цвета.
Да, Љуботен сигурно не е центарот на тутунската мафија во земјава. Вистинските тутунски мафијаши се на друго место. И да, борбата со тутунската мафија можеби требаше да почне на некое друго место и со некои други поголеми „играчи“. Но добро е што воопшто почна.
И да, иако Македонија одамна е пазарно ориентирана земја, јавна тајна е дека речиси не постои сектор каде наместо пазарот, условите за бизнис ги диктира некој друг. Па имаме градежна, фармацевтска, енергетска…. каква сакаш мафија. Мафијашите од Сицилија вода можат да ни носат.
Така да, да не се чудите и нервирате што некои земји членки сметаат дека не сме подготвени да ги дружиме во истиот клуб.
И ние самите не би се дружеле со себе си.
За да стигнеме таму каде што сите посакуваме се знае што треба. Вистинска броба со криминалот и корупцијата! Неселективно!
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: Getty images