Амандмани на одреден закон би требало да се поднесуваат за подобрување на истиот, за општо добро, но тоа речиси никогаш не е случај во македонската политика.
Кај нас амандмани вообичаено се поднесуваат за да се блокира работата во Собранието, што на крај оди на штета на граѓаните, а на поднесувачите нормално нема ништо да им фали.
На владејачката ДУИ и на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ, кои поднесоа илјадници амандмани со кои ќе се блокира донесувањето на четири закони кои се однесуваат на промена на изборниот модел, Академијата за судии и обвинители, како и Законот за јавно-обвинителска служба, оваа не им е непозната тактика.
Замислете само колку хартија ќе биде потрошена за да се испринтат сите овие материјали, кои најверојатно нема да ги прочитат ни колегите од партиите на поднесувачите, и на крај истите ќе бидат фрлени, бидејќи нема ништо суштинско во нив, а се за да се задоволат партиските хирови.
Тоа покажува и на колку ниско ниво е нивната еколошката свест, но и како ги трошат нашите пари.
Ваквото однесување на партиите е школски пример кој по којзнае кој пат ни покажува дека на крајот секогаш на прво место е интересот на партијата, а не на граѓаните кои ги изгласале овие пратеници.