еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Дваесет години затвор за убиецот на струмичанецот чие тело беше пронајдено во браната „Турија“

Судскиот совет при Основниот суд во Струмица на чело со судијката Цона Каламерникова го прогласи за виновен Марјанчо Велев (54) од струмичкото село Добрејци за убиство на струмичанецот Ристо Иљашев и му определи казна затвор во траење од 20 години.

Одлуката денеска ја соопшти судијката Каламерникова и обраложи дека на 7 мај лани на подмолен начин Велев го лишил од живот Иљашев.

-Откако се сретнале во Струмица со своето возило го однел во неговата работилница во село Добрејци и со малокалибарско оружје му пукал во пределот на тилот. Потоа го завиткал телото на покојникот во фолија и го ставил во буре во кое ставил 13 метални дискови, го засекол бурето на две места за да може да влезе вода во него и го фрлил во водите на брана „Турија“.

Со ваквите дејства обвинитетиот сторил кривично дело убиство и се осудува на казна затвор во траење од 20 години, рече судијката Цона Каламерникова.

Додаде дека од сите докази кои биле презентирани во текот на судењето има еден сигурен доказ кој упатува дека токму обвинетиот го сторил убиството.

-Во комбето на Марјанчо е пронајдена секира и форензиката докажува дека со конкретната секира, а не со тип на секира, туку токму со таа секира се направени точно два засеци на бурето. Има и многу други докази, како што се 13 дискови кои се пронајдени во бурето се споредени со еден што е пронајден во работилницата на обвинетиот и хемиската анализа покажува стопроцентни совпаѓања на спектроскопот што е невозможно ако не потекнуваат од иста метална плоча.

Механичката анализа покажува дека се сечени со ист тип на апарат и се ист дијаметар и иста дебелина и произлегуваат од неговата работилница, рече во образложението на пресудата судијката Цона Каламерникова.

На Марјанчо Велев притворот му е продолжен и ќе трае се до почнувањето на извршувањето на казната, односно до правосилноста на пресудата, но најдолго до 30 септември 2021 година.

Од семејството на убиениот Иљашев рекоа дека не се задоволни од висината на пресудата и очекувале доживотна казна затвор.

Одбраната на осудениот најави дека ќе поднесат жалба до Апелацискиот суд и ќе бараат повторно отворање на постапката.

-Судијката го прогласи за виновен и како главен доказ го наведе доказот дека дупките на бурето одговарале со сечивото на секирата, што повторно е спорно и не може да биде главен доказ некој да се прогласи за виновен и се осуди на 20 години затвор, затоа што веќе имаме дополнителни вештачења каде се утврдува дека дека ударите не се исти со сечивото на секирата, но и не е направена компаративна метода од страна на вештите лица, рече адвокатот Душко Јанковиќ.

Очекува Апелација да ја врати постапката назад за да се преземат други дополнителни дејствија пред да се донесе конечна пресуда за овој предмет.

-Ние упорно мислиме дека е нарачано од страна на трети лица. Потполно друг човек е убиец, човек кој не е од Струмица, не е од овој крај, не ја познава околината, ниту езерото, туку само технички професионално ја завршил работата, но никако обвинетиот Марјанчо Велев, истакна адвокатот Јанковиќ.

На соопштувањето на пресудата не присуствуваше обвинетиот Велев.

Инаку, полицијата го сомничи дека е сторител и на уште едно убиство врз шеесет и две годишниот А.М.,извршено на 9 октомври 2018 година, а телото на убиениот затворено во камионски резервоар за гориво беше извадено од браната „Турија“ на 5 август лани.

За овој случај ОЈО Струмица се уште нема подигнато обвиние.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Инфлацијата ќе достигне 3,1% и ќе се намали на 2,2 следната година, предвидуваат од ММФ

Редакција

Eксклузиво интервју со Зоран Пухач: Предлог-измените на Законот за игрите на среќа ќе доведат до пораст на црниот пазар каде никој, па ни малолетници нема да имаат никаква заштита

Редакција

Покренато обвинение за три лица за „Рекет“: Јанева зела 50.000 евра, а Боки 13 и Кичеец 1,5 милиони евра од Камчев

Редакција