еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Ќе има ли епилог за „Империја“ по затворските казни за Јанева и Боки 13?

Ќе има ли судски разрешница или ќе „падне во вода“ случајот „Империја“ е прашање што заслужува внимание по вчерашната пресуда за случајот „Рекет“ за кој Катица Јанева и Бојан Јовановски – Боки 13 беа осудени на 7 односно на 9 години затвор.

Обвинителката Вилма Русковска вчера рече дека на истрагата за „Империја“ интензивно се работело, но сега поради корона вирусот се уште не работат со странки.

„Стварно не знам уште колку ќе треба до завршување на истрагата. Предметот „Империја“ ако не го сметаме овој период со корона вирусот е релативно кратко време преземен од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Зошто толку време требало додека се уште беше во Специјалното јавно обвинителство (СЈО) мене стварно не ми е познато“, изјави Русковска.

КАКО ПОЧНА ИМПЕРИЈА?

Македонската јавност прв пат слушна за овој случај во ноември 2018 кога СЈО информира дека е отворена истрага под кодно име „Империја“ против Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело.

„Во текот на предистражната постапка, со преземање на различни истражни дејствија како и со примена на посебни истражни мерки, се обезбедени доволно докази од кои произлезе основано сомнение дека во периодот од 2002 година до 2013 година осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаат на товар лично и преку правни лица кои биле или се во нивна сопственост“, соопшти тогаш СЈО.

Оттаму подоцна додадоа дека од доказите со кои располага СЈО произлегува дека со случајот „Империја“ е сторена штета на Буџетот на Република Македонија во износ од најмалку 6.275.280 евра, како и дека се испрани парични средства во износ од 10.939.938 евра.

„Воедно, информираме дека петте осомничени лица, за кои беше поднесен предлог за определување на мерка притвор, се приведени врз основа на издадени наредби за приведување од судија на претходна постапка, а нивното изведување пред судијата е извршено откако беа завршени претресите кај истите врз основа на издадените наредби за претрес.

Потсетуваме дека во наредниот период истрагата во случајот „Империја“ ќе биде проширена за повеќе лица и за повеќе кривични дела“, соопштија тогаш од СЈО.

ТЕСНА ПОВРЗАНОСТ СО РЕКЕТ

За случајот „Империја“ петмина од осомничените завршија во притвор, меѓу нив и Камчев и Мијалков.

Во истражниот затвор „Скопје“, двајцата останаа до 27 декември кога СЈО побара мерката да се замени со куќен притвор. Тогаш специјалната обвинителка Катица Јанева соопшти дека обвинителството ги прибавило неопходните вербални и материјални докази неопходни за предметот.

Но, само еден месец подоцна, специјалното обвинителство го промени ставот и со образложение дека може да влијае врз истрагата, побара да се продолжи куќниот притвор, процес кој се одвиваше пред највисокиот суд.

Врховниот суд на 27 март 2019 година донесе решение по жалбата на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, за предметот „Империја“ и му го укина куќниот притвор. За истиот предмет Врховниот суд им го укина куќниот притвор и на Орце Камчев и другите осомничени во предметот „Империја“, Цветан Панделески и Ненад Јосифовиќ.

Токму играта топло ладно на СЈО во однос на барањата за притвор предизвика бурни реакции и сомнеж во јавноста.

Вистински шок за сите беше кога во август 2019 година беше приведена специјалната обвинителка Катица Јанева, а со неа во притвор завршија и Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милески -Кичеец.

„Од обезбедените докази се утврди дека јавниот обвинител ја искористил својата службена положба и овластување кои ги има по Законот за Специјалното јавно обвинителство и одредбите од Законот за кривичната постапка и за себе и за други лица прибавил имотна корист во значителен износ.

Од месец ноември 2018 година до април 2019 година еден од осомничените во оваа истрага  со искористување на своето претпоставено влијание врз јавниот обвинител, преку претходно воспоставени пријателски односи, влијаел да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши.

Откако осомничениот јавен обвинител донел Наредба за спроведување на истражна постапка против повеќе лица во предметот со работен наслов „Империја“, влијаел на едно од лицата против кои се водела истрагата, да му се олесни неговата положба во таа постапка со укинување на мерката притвор и да му се определи поблага мерка – куќен притвор, да му се даде својство на заштитен сведок и со наредба да се запре истражната постапка или да се склучи со него предлог-спогодба за вина за полесни кривични дела и да плати незначителен износ на штета и да му се укине мерката на претпазливост – привремено одземање на неговите патни исправи“, соопшти тогаш Обвинителството.

Вчера ова обвинување десетина месеци по приведувањето на Јанева заврши со затворски казни за неа и за Боки 13. Како што е познато, претходно Кичеец ја призна вината и беше осуден на тригодишна затворска казна.

Инаку, во октомври, 2019 година, по расформирањето на СЈО и преземањето на предметите од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески ја овласти обвинителката Лиле Стефанова и понатаму да остане надлежна за предметот „Империја“.

До денес нема епилог за овој случај, што првично беше отворен пред година и половина.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Јанева на судењето за “Рекет“: Камчев како да знаеше за ПИ мерките за „Империја“

Судење за „Рекет“: Боки 13 го советувал Камчев да признае дел од вината за „Империја„ и да плати оштета

Судскиот совет ќе проверува дали Кацарска е инволвирана во „Империја“

(Видео) Мијалков негира поврзаност со „Рекет“ и дека дал пари за „Империја“

Фото: МИА/Орка Холдинг

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Бугарскиот парламент усвои резолуција за Македонија во која се осудува насилството врз македонските Бугари

Редакција

Мексико ја легализира марихуаната за лична употреба

Редакција

Нови 179 случаи на Ковид-19, 175 оздравени пациенти, нема починати

Редакција