еМагазин
Image default
Македонија

Ќе открие ли Боки 13 работи за случајот “Меѓународен сојуз“ кои не ги знаеме?

Бојан Јовановски – Боки 13, кој е првоосомничен и во случајот поврзан со работењето на неговата невладина организација „Меѓународен сојуз“ или познат како „Рекет 2“ вчера продолжи со давањето исказ за овој случај.

Во петокот неговиот исказ траеше околу осум часа, а вчера околу пет.

Неговиот адвокат Сашо Дуковски вели дека неговиот исказ, не случајно бил толку долг и дека Боки 13 ја кажал целата вистина поткрепена со факти и докази, а не со рекла-кажала муабети.

“За секој основ, за секое зборче што стои во наредбата за спроведување на истрага се произнесе со мноштво факти, не со рекла-кажала. Мислам дека неговиот исказ беше корисен, целосен и сеопфатен“, изјави Дуковски.

Тој не одговори на новинарското прашање дали во неговиот исказ биле споменувани и некои други лица за кои јавноста не знае, а кои биле вмешани во овој случај, па за сега останува мистерија дали Боки 13 ќе открие нови детали за овој случај, за кој ОЈО за гонење организиран криминал и корупција најави обвинение на почетокот на следната година.

За што се работи во случајот „Рекет 2„?

Станува збор за случајот кој се однесува на невладината Меѓународен сојуз на Боки 13, во кој освен тој осомничени се и неговиот татко Миле Јовановски, асистенката Христина Блажевска, заменик-претседателката на Сојузот, Јасна Мандиќ и пратеничката и потпретседателка на Собранието и почесната претседателка на Сојузот, Фросина Ременски.

Овој дел на истрагата, која Обвинителството ја отвори на 9. октомври против овие пет лица, се однесува на измамите со изградба на центри за возрасни лица, за кои беа барани пари од бизнисмените Силјан Мицевски, Ардијан Амзоски и други.

Од Обвинителството соопштија дека врз основа на предистражната постапка обвинителот што раководи со постапката, дошол до сознанија што укажуваат дека во периодот од јули 2017 до април 2018 година, првоосомничениот Боки 13 како претседател на осомниченото правно лице, искористувајќи документи од правното лице, довел и одржувал во заблуда двајца управители на две друштва за градежништво.

„Тој лажно прикажувајќи дека ќе обезбеди државно неизградено земјиште за изградба на центар за возрасни лица и мобилен сервис, а потоа и субвенционирање од страна на државата, од оштетените преку авторска агенција успеал да добие парични средства од 719.905 евра од едното правно лице и 233.821 евра од другото.

Останатите осомничени лица со умисла му помагале на првоосомничениот во извршувањето на кривичните дела изготвувајќи договори, подигнувајќи ги уплатените средства и уплаќајќи средства на други правни лица по основ на позајмица или донација“, информираа од Обвинителството.

Фото: Боки 13/Инстаграм

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Цела листа: Што се му се одзема на Сашо Мијалков

Редакција

Полицискиот час го прекршиле 36 лица, изречени 434 казни за неносење маска

Редакција

Полицискиот час го прекршиле 117 лица, приведени 89

Редакција