еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Ќе се собере ли Собранието: СДСМ „за“, ВМРО-ДПМНЕ „против“, ДУИ допрва ќе се изјаснува

Пратеници од СДСМ и од нивните коалициски партнери денеска се уште се консултираат, но и собираат потписи за иницијативата за да се собере распуштеното Собрание односно претседателот на парламентот да свика седница за да се потврдат одлуките за прогласување вонредна состојба од по 30 дена во земјата поради пандемијата со корона вирусот.

Седница, како што посочуваат од СДСМ, може да се свика седница со собрани 20 потписи од пратеници врз основа на член 67 од Деловникот за работа на Парламентот во којшто во став два се предвидува дека „Претседателот на Собранието може да свика седница и по барање на претседателот на Републиката, Владата и најмалку 20 пратеници“.

Според член 63 став 4 од Уставот, пак, „мандатот на пратениците во Собранието може да се продолжи само во случај на воена или вонредна состојба“.

„Ставот на пратеничката група на СДСМ е дека Собранието треба да биде во функција и за тоа се исполнети сите услови пропишани во Уставот.

Затоа нашата цел е да направиме уште еден обид да биде свикана седница на која ќе бидат потврдени одлуките на Стево Пендаровски, но да биде во фукниција и доколку во иднина има потреба повторно од прогласување вонредна состојба.

Правиме консултации и со други пратенички групи со кои го делиме мислењето за работата на Собранието во вакви услови.

Најдоцна до утре барањето за свикување седница ќе биде доставено до претседателот на Парламентот“, изјави Јован Митроски, координатор на пратеничката група на СДСМ.

За тоа како би се одржала седницата, тој вели, дека би било согласно препораките на здравствените власти за држење дистанца односно електронски или во сали во Собранието каде што може да се обезбеди растојание од два метри меѓу пратениците, како Салата во Куполата на најгорниот кат во Парламентот.

МИА денеска го пренесе ставот на претседателот на Владата, Оливер Спасовски кој за „Утрински брифинг“ на Слободен печат, рече дека е добро да функционира Парламентот и пратениците да бидат на своите задачи во Собранието

„Јас го кажав мојот став и неколку пати досега. Сметам дека и се уште сметам дека Собранието може да се состане заради тоа и според Изборниот законик и според Законот за Собранието пратениците имаат мандат се до изборот на новите пратеници.

Ние како техничка Влада посакувавме да имаме Законодавен дом којшто ќе функционира.

Ние се наоѓавме во состојба на распишани избори, немаме Парламент, ни се случи здравствената криза. Едноставно сметавме дека е добро да функционира Парламентот и пратениците да бидат на своите задачи во Собранието“, рече Спасовски.

Претседателот на Собранието Талат Џафери во неколку наврати посочи дека не може да свика седница на Парламент којшто се самораспуштиил. Џафери, како што велат од неговиот Кабинет, за иницијативата ќе се изјасни откако ќе пратениците ќе ја достават до него.

Од неговата матична партија, ДУИ велат дека не се запознати со содржината на иницијативата на СДСМ и досега не е побарана поддршка или консултација за ова прашање.

„Ние не сме запознаени со содржината на иницијативата на СДСМ и досега не е побарана поддршка или консултација за ова прашање. Во однос на сите прашања поврзани со тековната состојба која што ги засега сите граѓани подеднакво, би било добро да се решаваат со општ консензус и широка поддршка.

Консензуално го распуштивме Собранието, исто така консензуално и ги одложивме изборите. Секако ќе ја разгледаме иницијативата штом ќе се достави во Собрание“, посочуваат од ДУИ.

ВМРО-ДПМНЕ не ја поддржува иницијативата на СДСМ и оттаму велат дека станува збор за иницијатива на поранешни пратеници, а ставот за тоа партијата го соопштила јасно на последната лидерска средба.

„Каков било чекор кој е надвор од договореното и прифатеното и од политичките лидери на последната лидерска средба ќе претставува еднострано прекршување на принципот за политички консензус.

Очигледно станува збор за две работи, или Зоран Заев си влегува во приватни аранжмани и комбинаторики со пратенции, или пак е преголема желбата да се лови во матно, односно во ек на најголемата здравствена и економска криза кога луѓе буквално ги губат своите животи, Заев да носи лични еднострани решенија на штета на државата“, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во Демократската партија на Албанците (ДПА) сметаат дека треба да се свика Собранието и дека ќе ја поддржат таквата иницијатива. Освен тоа претседателот на партијата Мендух Тачи рече дека е време сите парламентарни партии да бидат дел од широка коалиција за Влада.

„Ние сме парламентарна демократија. Собранието ја контролира извршната власт. Ако во одредени моменти како што сега се наоѓаме, имаме вонредна ситуација, постои огромна опасност Владата да дејствува без парламентарна контрола.

Тоа веќе неколку пати најавуваме на конференции за печат оти така веќе делува ДУИ кои имаат очигледно за малку еден отсто апсолутна власт кај Албанците.

Мислиме дека на првата седница на Собранието ќе треба да се диксутира за Влада на национално единство во која ќе учествуваат сите парламентарни партии.

Постои време за битки, постои време и за мир. Ова е време за мир и за соединување. Ќе дојде време кога ќе има можност за битки, политички и тоа е во ред и тоа е демократија“, истакна Тачи на денешната прес конференција.

Тој рече дека се сложуваат Беса и Алијанса за Албанците да бидат во таа Влада затоа што тие се парламентарни партии.

„Ние ја поддржуваме оваа иницијатива и ако треба во наредните денови ќе ја конкретизираме со директни предлози. Добро е што кај Македонците сите релевантни парламентарни политички партии што се околу ВМРО ДПМНЕ и СДСМ се во коалиција Влада.

Кај Албанците не е така затоа што остануваат две парламентарни партии вон Влада и мислам дека тоа треба брзо да се поправи“, рече тој.

Според него, парламентот треба да фунцкионира, па така да биде коректор на извршната власт со Влада на национално единство.

„Нема добра Влада на која ќе им овозможите да немаат парламентарна контрола кои ако не денес, утре нема да ги газат човековите права, правилата и.т.н. Законодавецот кога ги пишувал уставни начела, законските начела, за вонредни ситуации бил многу претпазлив, затоа не рекол, шест месеци или две години вонредна ситуација туку 30 дена.

После 30 дена, пак, парламентарна контрола. Значи парламентот треба да ја контролира ситуацијата“, истакна претседателот на ДПА.

МИА/Фото: Џафери/Фејсбук/Влада/Фејсбук/Тачи

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Собранието се распушти, изборите на 12 април

Изборите ќе се одложат, дополнително ќе се утврди датум за одржување

Кои правни експерти ги повика Пендаровски за одложувањето на изборите?

Прекинуваат сите дејствија за спроведување на изборите

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Денеска на дневен ред во Собранието пакетот закони за коридорите 8 и 10д

Редакција

Алкалоид ќе исплати за 10,2% поголема дивиденда споредено со лани, 540 денари бруто по акција

Редакција

Починаа шест пациенти од Ковид-19, тројца од Скопје и по еден од Прилеп, Битола и Тетово

Редакција