еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Ќе се согласат ли ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ со промена на изборниот модел во пресрет на изборите?

Ќе дојде ли до менување на Изборниот законик во пресрет на изборите што би требало да се одржат во април, следната година е прашање што заслужува внимание откако вчера премиерот Зоран Заев соопшти дека СДСМ ја поддржува идејата за воведување една изборна единица.

Според вчерашните најави, иницијативата за промена на изборниот модел со една изборна единица наместо со сегашните шест зад која застанаа 15 пратеници, во најскоро време ќе поднесе закон за измени на Изборното законодавство.

„Иницијативата за една изборна единица останува на барањето за вклучување во преговорите за изборниот модел и законик воопшто. Едногласни сме за поддршката на една изборна единица како модел и согласни сме дека нема да гласаме за Изборниот законик без внесување на овој модел“, изјави вчера Лилјана Поповска од ДОМ, која е меѓу 15-те пратеници што стојат зад иницијативата, која организираше тркалезна маса за промени во изборниот модел.

На вчерашната тркалезната маса за ова прашање учествуваа иницијаторите, претставници на поголемиот дел од малите политички партии и независни пратеници, претставници на канцелариите на ОБСЕ – ОДИХР, Европската комисија, а беа поканети и лидерите на најголемите партии вкулучени во промените на изборното законодавство, од кои присуствуваше само премиерот Зоран Заев.

Тој ги охрабри иницијаторите да го отворат  Изборното законодавство најавувајќи поддршка и од неговата матична партија која, како што вели, не е едногласна за ова прашање, но за мнозинството тоа е прифатливо.

Според Заев, со промена на моделот во една изборна единица добива демократијата иако, како што вели, најмногу ќе изгубат највисоко рангираните партии. Тој додаде дека со сегашниот изборен модел помалите партии губат десетина пратенички места и тие одат на контото претежно на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, а мал дел на ДУИ.

„Имаме многу политички партии и тоа само по себе претставува причина и затоа мислам дека е соодветно време за разбивање на бипартизмот на македонскиот и на албанскиот политички блок. Јас сум поддржувач на концептот едно општество за сите, времето е зрело и навистина треба да направиме одреден исчекор“, рече Заев.

Тој се надева дека останатите политички партии ќе ја следат определбата на мнозинството во СДСМ за една изборна единица. Во тој контекст апелираше албанските политички партии да не се откажат од своите традиционални гласачи во велешкиот, струмичкиот и во другите региони, не само од албанското, туку и од македонското гласачко тело.

„Еве убав мегдан СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да се измерат, согласно способноста можеме да настапиме самостојно или коалициски зашто на крај одлучуваат централните одбори. Да го направиме чекорот. ДУИ, мојот партнер во Владата покрај останатите, е веројатно свесна дека на изборите ќе има здружување за да го поразат“, наведе Заев оценувајќи дека еден изборен модел е добар за ДУИ.

Дел од учесниците на тркалезната маса потенцираа дека еден изборен модел е корисен за демократијата и за реално отсликување на волјата на сите граѓани за нивни претставници во законодавниот дом, а дел забележаа дека нема доволно време за измени  на Изборното законодавство и препорачаа промените да важат од наредните избори.

Според пратеникот Ферих Мухиќ, кој е еден од подносителите на иницијативата, два милиона луѓе многу подобро би можеле да ја изразат својата волја преку еден изборен модел.

ДОМ, како што рече претседателката Маја Морачанин, смета дека со еден изборен модел ќе има подобро претставување на граѓаните во Парламентот.

Ќе нема потреба од големи предизборни коалиции, а изборот на пратениците нема да биде воден од најтесното партиско раководство, туку од граѓаните, посочи Морачанин.

„Сегашниот модел треба да се измени, ја гуши демократијата, бидејќи ги фаворизира големите партии“, забележа Дритон Сулејмани од Алтернатива.

ПЕИ, посочи претставникот Фијат Цановски, смета дека со сегашните различни изборни единици тежината на пратениците е несоодветна, а со еден изборен модел и помалите партии би дошле до свој претставник. Тие би поддржале отворени листи како пилот проект на следните локални избори.

Даниела Рангелова од ВМРО-ДПМНЕ, пак, побара веднаш да се отвори Изборниот законик и да се одлучува во Собранието, доколку, како што рече, дебата не е само фарса.

„Граѓаните се изморија од двопартискиот систем“, забележа Рангелова, потенцирајќи дека не се согласува со ставот за мнозински модел на нејзината матична партија од каде како што рече за жал нема претставник на тркалезната маса.

Сега останува прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ќе се согласат со промена на изборниот модел или тоа ќе биде нова причина за заострување на односите на политичката сцена во Македонија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Дејан Панделески си даде оставка од местото претседател на Одборот на директори на Бетон-Штип

Редакција

ЈП „Паркови и зеленило“ вработува, плата до 26.759 денари

Редакција

Мишел: За Македонија продолжува работата кон брзо изнаоѓање на прифатливо решение

Редакција