Беа потребни само неколку лидерски средби за да почне разврската околу формирањето на Државната изборна комисија и референдумот за договорот за името меѓу Македонија и Грција.
Интересно е што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера триумфално соопшти дека после неколучасовни разговори Владата се согласила на позициите на ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е дека е неопходно носење на закон за финансирање на политички партии, исто така измени на Законот за Влада што подразбира формирање на техничка влада по Пржинскиот концепт, како и враќање на старата процедура за формирање на ДИК .
Всушност, со тоа ВМРО-ДПМНЕ преќутно го отвара патот за одржување референдум за името. Оттаму вчера дури укажаа на партискиот став дека референдумското прашање мора да биде еднозначно, а не да биде поврзувано со повеќе значења, со што партијата отворено поддржува одржување референдум за договорот со Грција.
Со овие потези, партијата како полека да се дистанцира од барањето за амнестија, што би требало да се земе со резерва посебно затоа што задкулисни договори се секогаш можни и најдобар показател за тоа дали имало политичко пазарање односно амнестија за референдум ќе покажат токму исходите од судските случаи против поранешната гарнитура во ВМРО-ДПМНЕ.
Фото: ВМРО-ДПМНЕ