Европската перспектива на Северна Македонија е многу сигурна во светлината на усвојувањето на договорот за името во Атина и Скопје, што беше јасно предочено од лидерите на ЕУ во јуни минатата година, иако изјавија дека е неопходно македонските власти да спроведат понатамошни реформи.
Ова денеска во Брисел го изјави портпаролката на Европската комисија Маја Кочијанчиќ, одговарајќи на прашање на новинарите во Брисел дали ЕУ смета дека отпочнувањето преговори за членство со Северна Македонија е извесно по усвојувањето на договорот за името во грчкиот Парламент, бидејќи, и покрај тоа, влијателната грчка опозицијата најави дека ќе го блокира патот на Скопје кон ЕУ.
Белградскиот весник „Данас“ во анализа на оваа тема, го наведува бриселскиот портал “Политико”, во кој се наведува изјавата на Киријакос Мицотакис, лидер на грчката опозициска партија Нова Демократија, дека патот на Скопје кон ЕУ ќе биде запрен “ако не бидат задоволени грчките интереси за време на преговорите за членство.”
“Политико”, ја пренесува и изјавата на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, дека што поскоро се очекува повикот на Северна Македонија да ги почне преговорите за членството во НАТО.
„Данас“, повикувајќи се на извори во ЕУ, го пренесува генералниот став на членовите на Унијата, дека сега мора да се отвори патот за преговори за членството со Северна Македонија, како и да поголемиот дел од медиумите во ЕУ е на такво мислење, иако постојат предупредувања, дека, доаѓањето на власт на грчката опозиција може да го доведе во прашање патот на Скопје кон ЕУ.
Францускиот весник „Ле Монд“ во редакцискиот осврт, оценува дека “зеленото светло” на Атина за новото име на Македонија е “добра вест за Балканот … и го отвара патот на оваа мала земја во Западната заедница“.
„Монд” смета дека, и покрај тоа што поради договорот со Скопје „владата на грчкиот премиер Алексис Ципрас се распадна…тој ја зајакнал својата позиција на државник”.
Белгискиот медиум „Lost in Jurop“ смета дека е “вистинска иронија”, што Ципрас, кој беше во времето на кризата тешко притиснат од германската канцеларка Ангела Меркел и министерот за финансии, Волфганг Шојбле, сега “обезбеди надворешно- политички успех на Европејците.”
Грчкиот весник “Катимерини” посочува дека “Грција сега за прв пат е дел од решението, а не од проблемот” и истакна дека Атина треба да “извлече дипломатски капитал … иако сето ова имаше сериозни последици за општеството, бидејќи обичните луѓе беа поделени до неопростливо ниво“.
Бугарскиот весник “Труд”, наведува дека “Западот од спорот за името (на Атина и Скопје) се појави како победник,” и дека е “вистина да Американците и Европејците (особено Германците) имаат извршено притисок врз Грција и Македонија да постигнат договор.”
“Голема геополитичка битка се одвива на Балканот”, оценува бугарскиот весник, додавајќи дека “интересите на Западот тука се спротивставени со интересите на Русија, која прикриено ја следат Кина и Турција.”
“Договорот за името (на Атина и Скопје) е дел од оваа опасна игра”, смета “Труд”.
МИА
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Нова демократија нема да гласа ни за ратификација на протоколот за членство на Македонија во НАТО
Мицотакис најави вето за членството на Скопје во ЕУ, кога ќе стане премиер