еМагазин
Image default
Балкан ТОП СТОРИИ

Една година по потпишувањето: Како влијаеше Договорот од Преспа на политичката сцена во Грција

Заминувања или исфрлања на пратеници од нивните матични партии, губење на пратеничките групи во Парламентот, распад на владината коалиција, една година по Договорот од Преспа, грчката политичка сцена претрпе драстични промени.

Од насмевките и позитивното расположение на брегот на Преспанското Езеро на 17 јуни 2018, денес, една година подоцна, Грција е во предизборна кампања и се подготвува за предвремените парламентарни избори за 20 дена.

Иако причината, изборите наместо регуларно на есен да се одржат на 7 јули, не е директно поврзана со Договорот од Преспа, сепак многумина во Грција сметаат дека и решението меѓу двете земји остави свој печат на изборниот резултат од европските избори на 26 мај, резултат поради кој Алексис Ципрас се реши порано да оди на парламентарни избори.

МИА анализира, како Договорот од Преспа влијаеше на грчката политичка сцена од потпишувањето до денес.

Река и Независни Грци се две од партиите што беа дел од грчкиот Парламент во изминатите четири години, на 7 јули нема да се борат за нова доверба од граѓаните, поради малиот број гласови добиени на европските избори.

И двете партии поради Договорот од Преспа претрпеа проблеми во внатрешноста. Река го поддржа договорот, но не и владата на гласањето доверба што ѝ претходеше на ратификацијата, Независни Грци ја поддржаа владата, но не и ратификацијата. И едните и другите се соочија со заминувања на пратеници.

Демократска алијанса, Река, Демократска левица и уште неколку помали централно левичарско ориентирани партии, во март минатата година официјално ја формираа коалицијата Движење на промена со идеја заедно да учествуваат на изборите, меѓутоа несогласувањата меѓу партиите околу Договорот од Преспа резултираа со распад на коалицијата.

Река си замина веднаш по потпишувањето на договорот, додека пак претседателот на Демократска левица, Танасис Теохаропулос беше избришан, бидејќи го поддржа Договорот од Преспа.

Дел од пратениците на Река преминаа во другите партии, а Теохаропулос стана министер за туризам во актуелната влада.

Панос Каменос иако коалициски партнер, беше меѓу најгласните противници на Договорот од Преспа, но владата ја напушти, не веднаш по потпишувањето, туку кусо пред ратификацијата во Парламентот. Загуби дел од неговите пратеници кои преминаа во СИРИЗА.

Иако, мнозинството грчки партии (СИРИЗА, Нова демократија, ПАСОК, Комунистичката партија, Река) во минатото поддржуваа сложено име со географска одредница за севкупна употреба, сепак Договорот од Преспа беше изгласан само од владејачката СИРИЗА и централно левичарската Река.

На 25 јануари со 153 гласа „за“ грчкиот Парламент го ратификуваше решението меѓу двете земји. А две седмици подоцна следеше и ратификацијата и на Протоколот за членство во НАТО.

Главниот аргумент и на Нова демократија и на Движењето на промена зошто се против Договорот од Преспа е дека тој е штетен за Грција и „на соседната земја ѝ отстапува македонски јазик и идентитет“.

За политичката цена што СИРИЗА би можела да ја плати на изборите, но и за политичкиот „земјотрес“ што Договорот од Преспа го предизвика на грчката политичка сцена, меѓу другото говореше премиерот на Грција, Ципрас во ексклузивното интервју за МИА во април годинава.

-Ако мојата влада се плашеше од политичката цена, не ќе можеше ниту да ја извади земјата од кризата и економските програми, ниту да најде решение за осигурителниот систем, ниту да се справи со бегалската криза, ниту да го реши името, ниту да го промовира неопходниот дијалог со Турција и покрај големите тешкотии, ниту да ги направи радикалните промени што беа потребни во областа на човековите права.

Договорот инспирираше многумина кои препознаа дека е изводливо да се решат меѓународните разлики со заемно почитување, обезбедувајќи ги твоите интереси и без да ја понижиш другата страна.

Сепак, имаше политичка цена, бидејќи еден значаен дел од грчкиот народ беше и е сериозно загрижен за ова прашање, рече тогаш Ципрас во разговор со дописничката на МИА од Атина.

Договорот од Преспа за време на предизборната кампања во пресрет на европските избори не беше високо на агендата на лидерите на политичките партии. Актуелниот премиер Ципрас во неговите говори ги споменуваше позитивните аспекти на договорот за Грција, додека пак лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис акцентот го ставаше на брендот Македонија и трговските ознаки.

Против Договорот од Преспа се одржаа и низа протести во Грција, од кои најголем, сепак беше оној во Атина, во февруари минатата година уште пред да биде постигнато решението меѓу двете земји.

По потпишувањето, собирите и во Солун и во Атина беа без голема масовност и пред сѐ со присуство на припадници и симпатизери на радикалната десница.

Кон крајот на минатата година, се мобилизираа и учениците од северниот дел на Грција кои со опсади во средните училишта го изразија нивното несогласување со Договорот од Преспа. Одговор до нив стигна од нивните врсници од Атина, кои организираа контра протест против национализмот и фашизмот во училиштата.

МИА/Фото: Влада

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Една година од потпишувањето: Што и донесе на земјава Договорот од Преспа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Грчкото знаме да се постави на пола копје, камбаните да бијат во знак на жалост„: Во Атина утре нов протест против Договорот од Преспа

Редакција

Каков имот пријавиле членовите на ДИК: Претседателот Оливер Деркоски и сопругата имаат два стана

Редакција

Агенцијата за вработување вработува раководители во неколку градови, плата од 28.277 денари

Никола Осило