еМагазин
Image default
Забава ТОП СТОРИИ

Екипата на „Медена земја“ со впечатоци: Оскарите ни се случуваа секој ден во Лос Анџелес

Екипата која што работеше на филмот „Медена земја“ преку онлајн прес-конференција од Лос Анџелес, одговори на сите прашања на јавноста, по доделувањето на Оскарите.

Тие се одлучија на овој потег, бидејќи екипата собрана на едно место, веројатно нема да се види во догледно време.

Снимателот Фејми Даут рече дека присуството на церемонијата на доделување на Оскари било нешто што не се случува секој ден, иако го сонувал 20 години откако се занимава со оваа професија.

Режисерката Тамара Котевска потенцираше дека на екипата која веќе три недели е во Лос Анџелес, Оскарите ѝ се случувале секој ден.

„Беше прекрасен настан, вреди да се доживее. Најбитно е за Атиџе што беше присутна. Во  земањето Оскар има друга политика вклучено, но она што го направивме со филмот и двете номинации нема да се повтори во скоро време и тоа треба да се запамти,“ рече Котевска.

Режисерот Љубомир Стефанов рече дека најважно за него е што овој филм е направен на крајно ентузијастичка основа.

„Драго ми е што го направивме без големи пари, скапа опрема, скапа продукција со добра идеја и ентузијазам дојдовме до две номинации. Мене тоа ми е најважно,“ додаде Стефанов.

Продуцентот Атанас Георгиев вели дека му значи што овој филм произлегува од индивидуалци и пренесува универзална порака која се пренесе низ цел свет.

„Ја сменивме малку историјата и начинот на гласање на целата Академија. Документаристиката од сега па натаму ќе се гледа поразлично и тоа е едно од поголемите постигнувања. Иако не го добивме тој Оскар и овие две номинации се огромен успех и поттик дека се повеќе гледачи ќе го видат филмот, а тоа за еден автор е најзначајно,“ рече Георгиев.

Снимателот Самир Љума вели дека уживал на црвениот тепих.

„Имавме можност да го почувствуваме духот на подготвување на Оскарите, средба со членови на Академијата. Чувството не може да се измери со ништо, по реакцијата кога ќе кажеш дека си работел на Ханиленд. Не можев ни да сонувам дека ќе бидам покрај ѕвездите на црвениот тепих,“ рече Љума.

Според режисерката Котевска, тие не се разочарани поради тоа што не добиле Оскар и секој кој така се чувствува треба да се преиспита.

На прашањето, што после „Медена земја“, режисерот Стефанов вели дека најважно од се е што понатаму секој од нив сака да прави.

„Дали сака да прави свој нов филм, дали да фати ангажман за „Нетфликс“ или таква продукција. Тоа се индивидуални одговори. Јас лично едвај чекам да излезам од ова и да работам на нов проект. Секако дека овие номинации носат некакви олеснувања за доаѓање до финансии и наоѓање копродуценти. Веројатно имам повеќе шанси сега,“ вели Стефанов.

Георгиев оцени дека огромниот публицитет на документаристиката само ѝ прави штета и напливот на новинарите да дознаат се што е можно во најмали детали, ги прави ѕвезди и им одмага да се бават со документаристика.

„Атиџе и фамилијата на Хусеин, реални ликови кои се соголиле пред нас да им ги снимаме животите и најинтимните моменти. Среќни сме што придонесуваме за среќата, но сакаме да имате предвид дека се реални ликови и животи и до една мера публицитетот годи, но границата која преоѓа во вознемирување, тоа предизвикува проблем,“ додаде Стефанов.

На прашањето дали ќе работат на некој следен филм, тие одговорија дека доколку им се вклопат календарите ќе работат.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Хоакин Феникс, актерот кој зеде Оскар за улогата во „Џокер“ бил голем фан на Атиџе

(Фото) Атиџе доби портрет изработен од коса

„Атиџе е нашиот Оскар“: Твитер реакции за „Медена земја“ и Оскарите

Фото: Фејсбук на „Медена земја“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Османи не го знае законот за употребата на албанското знаме

Редакција

„Разгледи” на Глигор Кондовски, Марија Каева и Владан Дробицки во издание на ПМГ Џез

Редакција

Најдолгата инфекција со Ковид-19 траела 505 дена, лицето починалo од последиците

Редакција