еМагазин
Image default
ДОБРОСОСЕДСТВО

Ципрас за МИА: Вратоврската од Заев ми е во биро, за да ме потсетува на историскиот момент

Во пресрет на утрешната посета на Скопје, првпат во интервју за медиум од Северна Македонија, премиерот на Грција, Алексис Ципрас за МИА ги отвора картите за претстојните разговори со неговиот колега Зоран Заев и делегациите од двете земји и идните планови за соработка, а говори и за важноста на Договорот од Преспа.

Во разговор со дописничката на МИА од Атина, Алексис Ципрас, потенцира дека посетата е од историско значење, базирана на нова стратешка визија за двете земји, открива дека ќе дојде со 10 министри и ќе се потпишат низа договори во различни области.

Вели дека Грција и Северна Македонија мора да бидат партнери и сојузници, упатува порака дека Атина треба да има стабилен и безбеден северен сосед, а Скопје има потреба од силен сосед што ќе ги поддржува нејзините чекори кон европската перспектива.

Грчкиот премиер се потсетува на најтешкиот момент во преговорите, говори за политичката цена и открива што се случи со вратоврската што ја доби од Заев по потпишувањето на Договорот од Преспа.

Интервјуто на премиерот Ципрас за МИА, воедно е прво интервју на претседател на грчка Влада во изминатите 10 години.

Господине премиере, ова е прво интервју што го давате за медиум од Северна Македонија. Разговараме кусо пред вашата посета на Скопје. Како што и самиот рековте од Економскиот форум во Делфи, ќе бидете првиот грчки премиер што официјално ќе ја посети Северна Македонија. Станува збор за историска посета и за двете земји. Ќе дојдете со делегација од министри и бизнисмени. Кои ќе бидат темите на агендата? Ќе потпишете некои спогодби?

– Тоа е посета од историско значење, базирана на нова стратешка визија за нашите земји. Грција и Северна Македонија мора да бидат партнери и сојузници. Освен тоа, резултатот од Договорот од Преспа не е само решавање на прашањето за името и отклучување на европската и евро-атлантската перспектива на Северна Македонија. Договорот ги постави темелите за воспоставување на силни билатерални односи што предвидуваат соработка и на меѓународно, европско и регионално ниво.

Во овие рамки, ќе се одржи и првиот состанок на нашиот Совет за соработка на високо ниво со учество на 10 министри од повеќе области (економија, енергетика, одбрана, надворешна политика, инфраструктура/ транспорт, земјоделски развој, дигитална политика, здравство) и ќе се одржи првиот бизнис форум со десетици бизнисмени од нашите земји.

Ќе се договориме за Акцискиот план што ќе ги вклучува сите категории на нашата соработка, Договор за одбранбена соработка, Договор за отворање и на нов граничен премин што ќе ги поврзува Промахи со Мајден, Меморандум за соработка за пристапниот процес на Северна Македонија, енергетиката, развојот на инфраструктурата, нашите Служби за цивилна авијација.

Секако, брзо напреднавме со многу важни промени предвидени од договорот. Но, и договорот, како секој договор, со текот на времето ќе се најде на тест во критични области. Затоа, скапоцен е дијалогот и довербата што ги воспоставивме, а ги воспоставивме на сите нивоа, почнувајќи од моето со Зоран.

Значи, ќе треба да разговараме за различни аспекти на спроведувањето на Договорот од Преспа, на кои ќе треба да се фокусираме. Ќе се потпишат и првите одлуки на Заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти за учебниците и ќе го соопштиме формирањето на „Комисијата за трговски ознаки“ што ќе работи на оваа исклучително важна тема.

Паралелно, ќе разговараме за регионалните случување и ко-развојот на регионот, со оглед на големите промени на енергетската мапа. Ќе разговараме за квадрилатералните формации што ги воспостави Грција со Северна Македонија – Албанија – Бугарија на ниво на МНР и со Бугарија – Романија – Србија на ниво на премиери. Ќе разговараме за Берлинскиот процес, рамката 16+1 на Кина и секако големите економски перспективи што се отворија на Меѓународниот саем во Солун во 2018, на кој почесна земја беше САД.

Колку е важна улогата на Грција за европската перспектива на Северна Македонија, но и за економскиот развој на земјата?

-ЕУ поминува тежок период и многу сили имаат тенденција да ги одберат интровертноста или изолацијата како одговор на предизвиците на нашето време. Аргументите во корист на проширувањето – дури и за земји како Северна Македонија што се доследни во нивните обврски – денес наидуваат на многу поголем отпор во споредба со минатото.

Мислам дека активирањето на грчката дипломатија во 2018 гопдина со цел да се одлучи почеток на пристапниот процес на Северна Македонија во јуни, но и неодамнешното формирање на Групата пријатели на Северна Македонија во ЕУ, укажуваат на важноста што ја има Грција.

Во однос на економскиот развој, сите Ваши граѓани ја знаат улогата што грчките компании веќе ја имаат во Вашата земја. Мислам дека можеме да одиме уште понатаму и тоа ќе се истакне на Бизнис форумот.

Договорот од Преспа предизвика „земјотрес“ на грчката политичка сцена. Го очекувавте ова? Имаше ли договорот политичка цена? Се плашите дека за Вас лично, но и за СИРИЗА, политичката цена ќе се покаже на следните избори?

-Ако мојата влада се плашеше од политичката цена, не ќе можеше ниту да ја извади земјата од кризата и економските програми, ниту да најде решение за осигурителниот систем, ниту да се справи со бегалската криза, ниту да го реши името, ниту да го промовира неопходниот дијалог со Турција и покрај големите тешкотии, ниту да ги направи радикалните промени што беа потребни во областа на човековите права.

Договорот инспирираше многумина кои препознаа дека е изводливо да се решат меѓународните разлики со заемно почитување, обезбедувајќи ги своите интереси без да ја понижиш другата страна. Сепак, имаше политичка цена, бидејќи еден значаен дел од грчкиот народ беше и е сериозно загрижен за ова прашање.

Наша одговорност – моја и на Зоран – е да покажеме дека нашите народи може само да добијат од патот што се отвори. Исто така, наша одговорност е да им одговориме на силите на национализмот кои во денешниот свет се зајакнуваат и целат кон тоа да не вратат во мрачните времиња.

Да преминеме на преговорите. Постоеше некој момент што би можеле да го карактеризирате како особено тежок или критичен?

-Сметам дека поминавме многу критични моменти. Особено последните денови пред да го затвориме договорот, каде што постоеја критични нерешени прашања со кои требаше деликатно управување. Но, ова помогна едната страна да ги разбере чувствителностите на другата страна и да најдеме решенија.

Заедно со Вашиот колега Заев, бевте наградени на Безбедносната конференција во Минхен, кандидати сте за Нобеловата награда за мир, факти што го означуваат и меѓународното признание на Договорот од Преспа. Верувате дека договорот ќе помогне да се решат и другите прашања на Балканот, регион што често се карактеризира како „буре барут“ во Европа?

-Не сметам дека Договорот од Преспа, таков каков што е, мора да биде модел за другите спорови, што имаат свои карактеристики, други ризици и се однесуваат на други геополитички рамки. Но, сметам дека смислата на заемното почитување и барање на заемно прифатливо решение, на кое што се базира договорот, треба да биде основа за решавање на меѓународните разлики. Јасно, со договорот се создава една динамика во нашиот регион и да се надеваме овој договор дека ќе може да помогне во други меѓународни прашања.

Која е пораката што би сакале да ја испратите до народот од Северна Македонија во пресрет на вашата посета?

-Пораката е јасна дека треба да изградиме доверба меѓу нас, а Северна Македонија да гледа напред. На нашиот регион потребна му е соработка и стабилност. Грција треба да има стабилен и безбеден северен сосед, а Северна Македонија има потреба од силен сосед што ќе ги поддржува нејзините чекори кон европската перспектива.

Во рамки на Договорот од Преспа и перспективите што ги отвора, Грција ќе биде вашиот основен сојузник и заштитник за политичката стабилност, за економската соработка и развој, за воената соработка и безбедност.

Пред да ви се заблагодарам за интервјуто, не можам, а да не Ве прашам нешто, што на некој начин Ве следи сите овие години додека сте премиер. Кога повторно ќе ставите вратоврска? Онаа што ви ја даде господинот Заев, сѐ уште ја имате?

-Немам некое табу, но моето јавно појавување, веќе е врежано без вратоврска. Сепак, имам богата колекција од вратоврски што ми ги подарија низа лидери, меѓу кои и Зоран.

Вратоврската на Зоран не ми е во плакарот, туку во фиоката од моето биро, за да ме потсетува на историскиот момент, на храбриот чекор напред за пријателство и соработка на нашите народи, што беше потпишувањето на Договорот од Преспа.

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Земјите од Западен Балкан заеднички ќе го развиваат авантуристичкиот туризам

Редакција

Македонија и Грција заеднички ќе ги промовираат туристичките потенцијали

Редакција

Вучиќ: Вакцините за Северна Македонија се пријателски и братски потег, задоволни сме ако и соседите бидат задоволни

Редакција