еМагазин
Image default
Интервју ТОП СТОРИИ

Eксклузиво интервју со Зоран Пухач: Предлог-измените на Законот за игрите на среќа ќе доведат до пораст на црниот пазар каде никој, па ни малолетници нема да имаат никаква заштита

„За 11 години интензивно следење на проблемот со одговорното обложување во Европа и во светот, не најдов ниту едно релевантно истражување кое на било кој начин би ја поврзала оддалеченоста на објектите за игри на среќа со било каков вид на патолошко однесување.

Единственото нешто што го сретнав се повремени изјави на одредени политичари, првенствено во регионот на Југоисточна Европа, кои без ниту еден аргумент се обидуваа да остварат ефтини политички поени“, вели во ексклузивното интервјуто за „еМагазин“, Зоран Пухач, генералниот Секретар на Европската Организација за игри на среќа.

Поводот за неговото доаѓање во Скопје се пристапните преговори на АСОМ кон оваа непрофитна организација од Брисел, која ги претставува европските играчи и обложувалници, лиценцирани и регулирани со правото на ЕУ. Ова е прва трговска асоцијација на територијата на Европската Унија чија примарна цел е промовирање на безбедна и сигурна средина во игрита на среќа, заштита на малолетниците, обука на вработените за препознавање на зависност од игрите на среќа и сл.

Пухач вчера имаше свое обраќање на Јавната расправа во собранието по предлог измените на Законот за игрите на среќа и забавните игри каде ги иснесе ставовите на организацијата по истите.

АСОМ е реалтивно нова организација во РСМ која во изминатиов период се соочува со сериозни предизвици од аспект на регулативата во земјата. Г. Пухач, како Генерален секретар на Европската организација за игри на среќа (EOGL) и добар познавач на индустријата,  каков е Вашиот став во врска со предлог измените на Законот на игрите на среќа кои, според тврдењата на АСОМ, ќе предизвикаат затворање на целата индустрија во земјата и каков е ставот на (EOGL)? Најконкретно, што мислите за предложеното растојание од 200 односно 500 м на просториите во кои се приредуваат игрите на среќа од објекти во кои се врши образовна дејност, училишта, факултети, градинки како и библиотеки и верски објекти, а со цел превенирање на можна зависност од игрите на среќа кај младата популација?

– Во сегашниот Закон за игри на среќа, во член 20, забраната за учество на малолетни лица во игрите на среќа е веќе детално утврдена, вклучувајќи ја и забраната за влез во просториите каде што се организирани игрите на среќа. Предложеното воведување дополнително минимално растојание е типичен пример за целосно непотребно преиспитување на оваа одредба.

Доколку се прифати такво законско решение, сигурно е дека нема да се направат никакви подобрувања и сигурно е дека ова ќе има многу сериозни негативни последици, не само за приредувачите на игрите на среќа, туку и за државниот буџет и за општеството во целина.

Имено, според структурата на населението во Северна Македонија, поголемиот дел од населените места опфаќаат многу мала површина и ограничувањето од 500 метри воздушно растојание од образовните институции доведува директно до затворање на речиси сите објекти на игрите на среќа.

Ова исто така значи дека за кратко време, ќе дојде до значителен пораст на црниот пазар – незаконско организирање на сите видови на игри на среќа, каде што никој, па ни малолетници нема да имаат никаква заштита. Напротив, црниот пазар многу брзо генерира голем број негативности, како што се зголемувањето на криминалот, феноменот на „зеленашење“, борба за “територија”, неможност да се следи потеклото и текот на парите …

Исто така, во таква ситуација, државниот буџет губи сериозни суми на пари, организациите за социјална заштита и другите организации кои се финансираат од државниот буџет остануваат без значителен дел од приходот, поголем број граѓани кои се директно и индиректно вработени во областа на игрите на среќа остануваат без работа.

Постојат ли статистики кои укажуваат на поврзаноста на близината на просториите во кои се спроведуваат игрите на среќа со училиштата и зависноста кај младите од игрите на среќа? Дали вие како организација или можеби други организации прават истражувања на оваа тема? Какви се резултатите и кој е трендот?

– За 11 години интензивно следење на проблемот со одговорното обложување во Европа и во светот, не најдов ниту едно релевантно истражување кое на било кој начин би ја поврзала оддалеченоста на објектите за игри на среќа со било каков вид на патолошко однесување. Единственото нешто што го сретнав се повремените изјави на одредени политичари, првенствено во регионот на Југоисточна Европа, кои без ниту еден аргумент се обидуваа да остварат ефтини политички поени.

Неодамна во нашата земја многу се пишуваше за Измените на Законот за игрите на среќа во Албанија и Косово со кој се затворија сите приредувачи на игри на среќа, а индустријата, од регулирана се претвори во сива зона, ја поттикна сивата економија и кладењето на “црно“, а како последица на тоа државите останаа без милионите, средства кои се инкасираа во државниот буџет. Како вие гледате на ова, дали е тоа закана која може да и се случи на Северна Македонија, па и на било која друга земја, која би направила ваков чекор?

– Историјата на игри на среќа е стара колку и човечката цивилизација, суштината останува иста и до ден-денешен, само формите на игри се менуваат, следејќи го развојот на човековото општество. Секој сериозен психолог или социолог ќе рече дека игрите на среќа се на некој начин вродена потреба кај луѓе кои, покрај забавата, имаат чувство на контролиран ризик. Се разбира, мислам на повеќето луѓе, а не повремени патолошки феномени.

Во таква ситуација, секоја акција од држава која води до директна или индиректна забрана, истовремено како реакција, создава црн пазар кој треба да ги задоволи очигледните потреби на луѓето. Оваа законитост е универзална и не се однесува само на игрите на среќа.

На пример, ако забраните дистрибуција на чоколадо, бензин, цигари или било што друго за што има очигледна човечка потреба, веднаш ќе се создаде црн пазар со сите негативни феномени што ги носи. Најпознат пример е обидот да се забрани алкохолот во САД во првата половина од минатиот век, што доведе до создавање на толку многу моќни криминални организации кои преживеале дури и по укинувањето на забраната, па и до денес.

Албанија и Косово неодамна воведоа забрана на игри на среќа, по што веднаш се создаде значителен црн пазар, што секако ќе продолжи да расте, освен ако не дојде до пресврт и укинување на забраната. Ова е добар негативен пример за сите политичари во светот, кои можеби размислуваат за слични забрани. Токму затоа, ниту една европска земја не ја разгледува можноста за забрани, туки квалитетно регулирање на игрите на среќа.

Искрено се надевам дека вашите политичари нема да направат нешто што би можело директно или индиректно да доведе до гасење на легалниот пазар, бидејќи бројни се примерите на негативни појави кои ги создава црниот пазар.

Што велат искуствата од другите земји? Дали регулативата на развиените европски земји предвидува член кој се однесува на оддалеченост на просториите во кои се приредуваат игрите на среќа од училишта, универзитети и сл?

Законите на развиените земји немаат таков вид ограничувања, бидејќи веќе одамна утврдиле дека растојанието не е поврзано со учеството на малолетни лица во игрите на среќа. Сите современи решенија одат кон целосна забрана за пристап и учество за малолетници со санкционирање на прекршителите.

Ограничувања во однос на оддалеченоста се случуваат само во одредени земји од поранешната СФРЈ и претпоставувам дека тоа се некои остатоци од социјалистичкото размислување, кое неретко посегнуваше кон претерана регулација, наспроти доследно спроведување на законот.

Да се ​​пошегувам, кога веќе имате целосна забрана за игрите на среќа за малолетници и сакате да наметнете ограничување на далечината на објектите, ова е како во законот за забрана на кражба да воведете дополнителна забрана за кражба на растојание од 500 метри од полициската станица.

Ако се земе предвид дека, предлог-измените на Законот за игрите на среќа се со цел превенција на можностите за стекнување на порочни навики кај младото население што вие како експерт од областа, впрочем и како организација, која не се согласува со поврзаноста на истото, предлагате да се направи на ова поле?

– Актуелниот Закон за игрите на среќа веќе ги има сите елементи на заштита на малолетниците, кои исто така ги имаат и соодветните закони во развиените земји. Правецот во кој човек може и треба да размислува не е законот, туку потенцијалното вклучување на професионални организации и поединци и развојот на програми за едукација и превенција, како и развој на програми на т.н. одговорно приредување на игрите на среќа. Слични вакви активности веќе има во земјите на Европската Унија.

Република Северна Македонија е земја која претендира кон Европската Унија. Следствено на тоа и прилагодување на легиславата и целосно приближување кон европските нормативи и регулатива. Кој е најдобриот модел на Закон за игрите на среќа?

Законите на земјите на Европската Унија на сличен начин се бават со регулација на игрите на среќа, освен во делови што се прилагодени на организационата форма на секоја поединечна држава (дали имаат автономни региони, покраини и слично), економската моќ и условите на одреден пазар.

Во оваа смисла, општото упатство кое ги карактеризира современите законски решенија е создавање на оптимални деловни услови, почитување на правото на фер конкуренција и укинување на секаков вид непринципиелен монопол.

Години наназад, во светот е актуелна либерализација и регулирање на пазарот на Интернет, бидејќи тој е најголем генератор на нелегален пазар со кој дури и најразвиените земји не можат да се изборат, освен ако не го регулираат. На пример, дури и една Америка, која под притисок на конзервативната јавност со години избегнуваше регулирање на интернет-пазарот, започна минатата година со либерализација и регулација.

Сосема за крај, кажете ни нешто повеќе за Европската организација за игри на среќа и што добиваат асоцијациите од членството во EOGL?

EOGL (Европска организација за игри на среќа) е меѓународна непрофитна организација која се бави со следење на законските решенија за игрите на среќа, со цел да се промовира безбедно опкружување за игрите на среќа.

Тоа неизбежно подразбира и промовирање на најдобрите регулаторни практики кои водат кон безбедна средина за играчи, одговорно приредување на игрите на среќа и почитување на сите меѓународни стандарди за игри на среќа, а особено на оние кои се однесуваат на спречување на нелегалното работење, спречување на перење пари и заштита на личните податоци на корисниците на услугите.

Партнерството со нашата организација подразбира, пред сè, прифаќање и активно спроведување на сите основни принципи врз кои таа се темели, а со тоа и зајакнување на кредибилитетот на секоја поединечна партнерска асоцијација или компанија, и на локално и на меѓународно ниво, и во светот на бизнисот. Кредибилитетот е еден од најважните, ако не и најважната карактеристика.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

АСОМ: Законот за игри на среќа де факто значи бришење на една цела стопанска гранка и 7.700 луѓе кои остануваат без работа

АСОМ: Измените во Законот за игрите на среќа го отвораат патот на нелегалното кладење

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Национални шуми прва: Топ 10 најголеми должници на Листата на должници на УЈП

Редакција

Москва си најде нов пазар: Зголемена побарувачката за руска нафта во Азија

Редакција

Одлука за влез на Алтернатива во Владата засега нема: Заев и Гаши ќе ги продолжат разговорите следната недела

Редакција