еМагазин
Image default
Бизнис

Експертите нудат поддршка и бараат поголема вклученост при изготвување на нова современа регулатива во областа на работните односи

Неопходна е детална и темелна ревизија на регулативата од областа на трудовото право во нашата земја и донесување нов Закон за работни односи со кој ќе се пополнат досегашните правни празнини и контрадикторности, и кој истовремено ќе понуди современи решенија кои произлегуваат од развојот на науката и практиката во оваа сфера.

Дополнително, треба да се работи многу повеќе на имплементацијата на законите во доменот на работните односи преку зајакнување на социјалниот дијалог и колективното договарање, зголемување на капацитетите и надлежностите на трудовиот инспекторат како и забрзување на судските постапки за споровите од работен однос и намалување на финансиските трошоци во таквите постапки.

Ова се клучните оценки на домашните експерти од оваа област, кои обединети во новоформираното Здружение за трудово и социјално право ја одржаа својата прва конференција, на која меѓу останатото се дебатираше за состојбите, проблемите и предизвиците кои треба да се решаваат со новото работно законодавство во нашата земја.

„Оваа конференција е одлична можност на едно место да се слушнат ставовите и мислењата на учесниците во трипартитниот социјален дијалог, а тоа се претставниците на Владата, на организациите на работодавачите и на синдикатите за новото работно законодавство кое треба да биде усвоено во следниот период.

Посебен придонес во оваа дискусија се очекува од членовите на академската и научната заедница, кои преку аналитички и критички осврт ќе се обидат да дадат предлози од стручен аспект за тоа како да се регулираат и решат одредени состојби и предизвици“, изјави претседателот на Здружението за трудово и социјално право, проф. д-р Тодор Каламатиев, потенцирајќи дека: „токму стимулирањето на инклузивен дијалог и критичко размислување во насока на подобрување на македонското работно и социјално законодавство е една од стратешките програмски цели на новото Здружение“.

На конференцијата се презентираа и искуства од примената на повеќе други законски прописи, како што се: Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за административните службеници и Законот за социјалната заштита, а се разгледуваа и искуствата на земјите од регионот во областа на работното законодавството и нивното хармонизирање со правото на Европската Унија.

„Благодарение на поддршката што ја добиваме од Меѓународната организација на трудот, на оваа конференција ќе биде промовирана и дигиталната база на податоци – CEELex, која содржи информации за трудовите законодавства на земјите од Централна и Источна Европа.

Оваа база претставува значаен ресурс на релевантни прописи и знаење кое станува достапно за домашните експерти, истражувачи и практичари на трудово право, но и за државната администрација, работодавачите и синдикатите.

Тоа знаење треба да им помогне во формулирањето на релевантни ставови и мислења, како и во креирањето на политиките поврзани со значајни теми од областа, како што се: договорите за вработување, минималната плата, работното време, колективното договарање, правната рамка на откажување на договорите за вработување и други актуелни прашања“, објаснува доц. д-р Александар Ристовски, кој е еден од основачите на Здружението за трудово и социјално право.

Организацијата на првата конференција на новото Здружение е поддржана од Меѓународната организација на трудот (МОТ), во рамките на одбележувањето на 100 години од основањето.

Истовремено оваа активност на МОТ е дел од континуираните напори и активности за имплементација на меѓународните стандарди во областа на трудот и за следење на нивното спроведување.

„Целта на МОТ е да осигури дека напорите на Владата, работодавачите и работниците за поставување на стандарди за трудот, следење на нивното спроведување, јакнење на свеста, развивање на политики и изготвување програми се засноваат на потребите на работните жени и мажи.

Истовремено, работиме на тоа на трите партнери во социјалниот дијалог да им овозможиме пристап до компаративни меѓународни искуства, како и до мислењата на домашните експерти од областа на трудовото и социјалното право, кои треба да бидат активно вклучени и консултирани во подготовката на новите законски решенија и во оваа област“, вели националниот координатор на МОТ во земјава, Емил Крстановски.

Здружението за трудово и социјално право е основано во јули оваа година. Меѓу неговите основачи и членови се вбројуваат поранешни и сегашни универзитетски професори, членови на Катедрата по трудово и социјално право на Правниот факултет „Јустинијан Први” во Скопје, како и други истакнати правници, претставници на социјалните партнери и истражувачи.

Стратешките цели на Здружението меѓу останатите опфаќаат: проучување на трудовото и социјалното право во најширока смисла; обезбедување научен и стручен придонес во процесот на хармонизирање на македонското трудово и социјално право со правото на ЕУ; охрабрување на најтесна соработка и вмрежување на сите чинители во областа на трудовото и социјалното право; промовирање на пристојната работа за сите и активна заложба за почитување на фундаменталните принципи и права на работата; давање стручна помош и поддршка на младите луѓе при влезот на пазарот на труд и промоција на нивните интереси и права и други.

Ваквите зацртани цели Здружението ќе ги остварува преку различни активности како што се: организирање на научни и стручни собири, конференции, семинари, работилници и обуки; спроведување на научни и стручни истражувања, анализи и извештаи за проблемите кои се проучуваат во трудовото и социјалното право, учество во работни групи и комисии за усвојување нови или изменување и дополнување на постоечки прописи, како и развивање на соработка и здружување во домашни и меѓународни асоцијации од областа на трудовото и социјалното право.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

КЗК бара мислења за преземањето на „Скопски пазар“ од „Современ дом“ и „ЗСФ-КОМ“

Редакција

Заев повторно најави декриминализација, па легализација на марихуаната

Редакција

Шпаркасе Банка ги предупредува студентите: Има обид за фишинг напад за студентскиот оброк

Редакција