еМагазин
Image default
Техно

Електронското пријавување на сезонските работници може да биде пример и за Македонија

Традиционално, како една од клучните стопански гранки во регионот, земјоделството во голема мера се потпира на ангажманот на сезонски работници. Меѓутоа, работодавачите се соочуваат со проблеми во ангажирањето работници поради недостаток на работна сила и сложената администрација која е неопходна со цел сезонската работа да се пренесе од сивата зона на легален пат.

Од друга страна, работниците се соочени со неизвесност во поглед на условите на работа, исплата на дневници, можни повреди, а, бидејќи често не се пријавени, земјоделските работи главно се одвиваат без здравствено осигурување и заштита на работа.

Податоците со кои располага Националната алијанса за локален економски развој (НАЛЕД) во Србија, покажуваат дека пред спроведување на реформата за поедноставување на пријавувањето на сезонските работници, околу 95 отсто од сезонските работници во земјоделството работат „на црно“, без каков било договор, што значи дека не ги остварувале правата кои произлегуваат од работниот однос.

Како една од мерките за заштита на правата на работниците, олеснувањата за почитување на законските рамки за работодавачите и борбата против сивата економија, во Србија, на почетокот на оваа година е воведен системот за е-регистрација на сезонските работници во секторот земјоделство, чие спроведување го поддржа ГИЗ во име на Владата на Сојузна Република Германија во соработка со НАЛЕД.

Системот на електронско пријавување на сезонците овозможи бројни погодности за сите три страни, работниците, работодавачите и државата, преку поттикнување на поефикасно ангажирање на работна сила, понатамошен развој на земјоделството и вкупен економски развој на земјата.

Работодавачите кои имаат фирми или приватни поседи, сега можат да ги пријавуваат работниците во само неколку чекори на онлајн платформата sezonskiradnici.gov.rs. Достапни им се и видео упатства и мобилната апликација Сезонски работници, креирани со цел на корисниците да им ја олеснат употребата на овој сервис.

Електронскиот систем овозможува сигурност за работниците бидејќи им се уплаќа пензиски стаж и здравствено осигурување во случај на повреда на работа, а на работодавачите им дава едноставна можност да ги пријават работниците за помалку од 10 минути. Од почетокот на 2019 година до средината на август преку овој систем се регистрирани над 20 илјади работници со 480.000 пријавени работни денови и 1,2 милиони евра уплатени даноци и придонеси во државниот буџет.

Работодавачите, со само неколку кликови, со внесување на единствениот матичен број на работникот, датумот од кој работникот ќе биде ангажиран и селектирање на видот на работата, на легален начин можат да обезбедат помош во земјоделските работи. Покрај правните субјекти, системот можат да го применуваат и физички лица.

Е-регистрацијата донесе и многу предности за работниците, кои имаат загарантирана минимална заработка, осигурување во случај на повреда на работа и пензиски стаж. Притоа, иако дополнително ангажирани во текот на сезоната, не ги губат правата на невработени лица ниту пак некои други видови на остварени придобивки. Бидејќи за време на извршувањето на сезонската работа работникот не се брише од евиденцијата на невработени, не запира ниту исплатата на парична надокнада од Националната служба за вработување, или пак тоа на каков било начин влијае на користење на правото на парична социјална помош.

Позитивните ефекти од електронскиот систем за пријавување на сезонци во земјоделството веќе се видливи, а прилагодливоста и едноставноста на употребата на системототвора можност за примена и во другите земји од регионот. Токму затоа, во соработка со експерти и државните институции, со поддршка на германската Влада која ја спроведува ГИЗ, преку истражување на пазарот, се знализираат можностите за примена на системот во Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Црна Гора, Албанија и Косово.

Имајќи ја во вид потребата на различните сектори од сезонски работници во целиот регион, решението кое Србија го воведе, може да претставува пример на добра пракса во правец на унапредување на положбата на сезонците и поефикасен систем за нивна евиденција на пазарот на труд, што пак ја олеснува работата на работодавачите и севкупно придонесува за унапредување на стопанскиот амбиент.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Галерија) Hey Reilly ги оживеа ремек делата за Instagram генерацијата

Редакција

Македонија и Црна Гора заеднички ќе аплицираат за воведување на системот „Пејпал“

Редакција

Скоро две третини од Македонците редовно користат бесконтактни картички

Редакција