еМагазин
Свет ТОП СТОРИИ

ЕМА: Вакцината на „АстраЗенека“ е безбедна, но не се исклучува целосна поврзаност со тромбозите

Европската агенција за лекови (ЕМА) го објави својот финален заклучок за случаите со лица кои развиле или починале од тромбоза по вакцинирање со вакцина на „АстраЗенека“ и смета дека вакцината останува безбедна, јави дописничката на МИА од Брисел.

Имер Кук, извршната директорка на ЕМА, изјави дека во овој момент регулаторот смета дека бенефитите од вакцината се поголеми од ризиците, но не ја исклучува целосно можноста од поврзаност помеѓу вакцината и случаите на згрутчување на крвта. Анализите ќе продолжат.

Во меѓувреме ќе се препорача на здравствените работници и граѓаните да бидат информирани за овие потенцијални нус ефекти и да бидат вклучени предупредувања за вакцината на „АстраЗенека“.

Конечната одлука останува на земјите членки на ЕУ дали ќе продолжат да ја користат вакцината на „АстраЗенека“.

– Јасниот научен заклучок е дека ова е безбедна и ефикасна вакцина каде бенефитите се поголеми од ризиците, изјави Имер Кук, но додаде дека се забележани неколку случаи за сериозно згрутчување на крвта, поради што не може целосно да се исклучи поврзаноста на овие случаи со вакцината.

Сепак, ЕМА оценува дека со оглед на ризикот од самиот коронавирус, вакцината треба да продолжи да се користи затоа што штити од болеста.

Здравствените работници и институции ќе треба да бидат информирани за сите можни нус ефекти од вакцината. ЕМА од своја страна ќе продолжи да ги анализира сите случаи и податоци што ќе бидат пријавени.

Сабин Штраус од комитетот за фармаковигиланца потврди дека е важно да се додадат предупредувања за вакцината на „АстраЗенека“.

– Згрутчувањето на крвта е помало отколку во генералното население, но сѐ уште има неизвесности, ретки случаи на специфични невообичаени случаи на тромбоза, рече Штраус.

Според комитетот, овие опасни нус ефекти се појавуваат седум до четиринаесет дена по вакцинирањето во просек, поради што здравствените работници треба да останат внимателни во тој период, а граѓаните да бидат информирани за овие случаи.

– Доказите за сега не се доволни за да заклучиме дали овие нус ефекти се предизвикани од вакцината или не, рече Штраус.

Од досегашните информации поголем ризик од згрутчување на крвта по вакцинацијата со „АстраЗенека“ е забележан кај жени и помлади девојки, но и ова, велат од ЕМА, бара дополнително истражување.

Штраус додаде дека е можна поврзаност со лица кои го прележале Ковид-19 без симптоми, оваа опција ќе биде одблиску разгледана од страна на научниците, како и можноста жените кои примаат орална контрацепција да имаат поголем ризик од тромбоза.

Што се однесува до пушачите, докторката Штраус не можеше со сигурност да потврди дека тие имаат поголем ризик да развијат тромбоза поради вакцината.

МИА/Фото: МЗ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Бомба“ за Монструм открива дека екс министерот за правда Беџети не потпишувал екстрадиција на обвинетите од Косово

Редакција

Проф. Трајковски: Најдобро е да избегнуваме повторени заразувања со Ковид-19 сé додека трае пандемијата

Редакција

Се наложува Сашо Мијалков веднаш да биде пуштен и да се брани од слобода, велат од Основен кривичен суд Скопје

Редакција