еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ

ЕУ ја прави Куклица подостапна за посетителите и подобро го заштитува овој споменик на природата

Амбасадорот на Европската унија, Самуел Жбогар и Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Нарине Сахакјан, во Куклица го отворија новиот инфо-центар за посетители и туристи.

Споменикот на природата Куклица, познат по единствените камени формации, популарно наречени кукли, кои се резултат на милиони години ерозија, е позната атракција во кратовскиот регион и во земјата. Со децении наназад недостасуваат вложувања во зачувување и обезбедување на Куклица, кои се потребни за соодветно управување со ова заштитено подрачје.

Преку Програмата за подобрување на управувањето со заштитените подрачја, вредна над четири милиони евра, за заштита и промоција на Куклица беа обезбедени 65.000 евра. Оваа програма е финансирана од Европската унија, а ја спроведува УНДП во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање.

Новиот инфо-центар е дизајниран и изграден согласно стандардите на Европската унија, во склад со главните карактеристики на Куклица и ќе придонесе за развој и промоција на туризмот и можности за вработувања.

Дрвената градба вклучува и галерија со информации за Споменикот на природата, пункт за продажба на сувенири и промотивни материјали, како и училница за одржување научни и други јавни настани.

„Прв збор што ми паѓа на памет овде е збород горд. Треба да сте горди на Евровизија, на првото место во ракомет во Европската лига на шампиони, на извештајот од Европската унија, на екоактивистите што ја чистат земјата, горди на бисерите на природата како што е овој во Куклица“.

Тој додаде дека има два апели, еден до власта, еден до граѓаните.

„Првиот апел е до властите. Да бидеш горд значи да бидеш и одговорен. Одговорен кон природата, природните убавини што треба да ги предадеме на идните генерации. Охрид, Охридското Езеро е бисер кој навистина е во опасност.

Апелирам гордоста да не се претвори во срам.  Втората порака е до граѓаните. Овде за проектот во Куклица сме партнери со УНДП и со општината, со невладината организација Извор помогнавме да се реконструира и заштити овој споменик на културата и да донесеме повеќе туристи.

Туристите не доаѓаат овде за да гледаат расфрлани шишиња по тревата и затоа мојот апел до граѓаните е да бидете горди и да ја зачувате чиста околината. Слоганот на нашата кампања е чисто како дома исто и ајде да се обидеме да ја сочуваме природата“, рече Жбогар на отворањето.

Постојаниот претставник на УНДП, Нарине Сахакјан, ги истакна клучните принципи и цели на проектот Куклица и програмата за заштита во целост.

„Заштитата на биодиверзитетот и подобрувањето на управувањето со заштитените подрачја бара заложби, иновативни пристапи и трансформација. Овој проект што го промовираме денеска има цел да иницира промена на начинот на кој земјата управува со своите национални ресурси преку создавање примери кои ќе покажат дека заштитата на приордните ресурси води кон социјални и економски придобивки“, рече Сахакјан.

На реконструираната локација се очекува да има околу 30.000 туристи годишно, вклучувајќи и образовни посети на ученици, студенти, научни и туристички тури, како и еколошки организации.

Покрај Инфо центарот, со проектот се направени нови патеки и набљудувачки пунктови во Куклица. Со нив ќе се обезбеди подобар пристап на посетителите, а во исто време подобра заштита на Споменикот на природата и околината.

За минимизирањена опасностите од штети од поројни дождови, исчистени се и реконструирани одводните канали.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Фото) Скопје се разбуди со ритамот на тркачите: 18. издание на Виз Ер Скопски маратон со нови рекорди и уникатни транспаренти

Редакција

БЕАМ фестивал ги прогласи најдобрите настани за 2023

Редакција

Добрата хигиена во секој дом е избор

Редакција