еМагазин
Image default
Македонија

Европарламентарците утре ќе побараат екстрадиција на Груевски во Македонија

Во пресрет на дебатата и гласањето за резолуцијата на Европскиот Парламент за Македонија, се очекува дека амандманот во којшто се бара екстрадиција на поранешниот македонски премиер Никола Груевски од Унгарија, ќе биде поддржан од мнозинството европратеници.

Заменик-министерот за надворешни работи на Македонија, Андреј Жерновски, во пресрет на ова гласање, овие два дена остварува бројни средби со европратеници од сите политички групи во Европскиот Парламент. Тој за МИА вели дека очекува поддршка за амандманот на социјалдемократите на гласањето в четврток.

– Остварив средби со сите политички групи, и имам впечаток дека ке биде поддржан амандманот на Социјалдемократите, а зошто не и оној на Зелените. Она што е важно е што чувствуваат потреба да влезе делот околу бегањето на поранешниот премиер во извештајот, истакнува Жерновски.

Минатата недела амандмани поднесоа социјалдемократите и зелените, но амандманот на зелените е „поостар“ кон Владата на Виктор Орбан.

Поддршка за амандманот на социјалдемократите очекува и европратеникот од оваа група Кнут Флекенштајн, кој за МИА вели дека утре ќе добие поддршка вклучително и од „големи делови од Европската Народна Партија, секако без унгарските европратеници“.

– Станува збор за градење на владеење на правото, ова не е мала грешка. Тој исчезна во земја членка на ЕУ. Тоа е спротивно на владеењето на правото, не го толерираме тоа во земји кандидати и сигурно нема да толерираме земји членки да го саботираат владеењето на правото, вели Флекенштајн.

Европратеникот е уверен дека прашањето за азилот на Груевски во Унгарија нема да остане само на извештајот на Европскиот Парламент и порачува оваа институција наскоро да отвори поширока дебата на таа тема.

– Најдоцна во јануари ќе го отвориме прашањето, но не знам во која форма, во најмала рака во резолуција, изјави Флекенштајн.

Азилот и барањата за екстрадиција на Груевски засега не предизвикаа бурни реакции во Брисел, посебно во Европската Комисија и кај земјите членки, но Жерновски тврди дека ова прашање нема да се одрази врз македонските евроатлантски аспирации.

– Имам впечаток дека се доста внимателни, бидејќи станува збор за земја членка на ЕУ и со самото тоа зборуваме за ЕУ во целост. Ми остави впечаток тоа што тврдат дека случувањата околу Груевски нема да се одразат на нашите апсирации, напротив Македонија останува позитивен пример, вели Жерновски, кој утрово оствари средби и со соработниците на високата претставничка за надворешни работи, Федерика Могерини.

Тој се сретнал со европратениците Елмар Брок од ЕПП, Ханс Ван Бален од Либералите, Рајнхард Бутикофер од Зелените и Тони Пицуула од Социјалдемократите. Жерновски утре ќе се сретне и со европратеникот од Сириза, Димитриос Пападимулис, како и со известувачот за Македонија, Иво Вајгл, а имал средба и во НАТО Алијансата, соопштуваат од неговиот кабинет.

За резолуцијата за Македонија ќе се дебатира утре вечер на мини пленарна седница на Европарламентот, а ќе се гласа утредента.

МИА/Фото: ВМРО ДПМНЕ

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Унгарски аналитичар: Со азилот за Груевски, Орбан чекор поблиску до Русија

Орбан: Немам време да дишам, а не пак да се сретнам со Груевски

Колку е богат пријателот на Груевски, Виктор Орбан

Орбан: Груевски е мој сојузник, зад неговиот прогон стои Сорос

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Тутма“ на Богородица: Голем број Македонци во Грција ќе го прослават Денот на независноста

Никола Осило

СЈО ја тера истрага за „Попис“: Ќе одговараат ли Али Ахмети и Никола Груевски?

Никола Осило

Кривична пријава градоначалникот на Зрновци за злоупотреба на служеба должност

Редакција