еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

„Finance Talks“ 2024: Поголема транспарентност, намалување на корупцијата и одржлив развој преку воведување на ЕСГ стандардите

Имплементацијата на ЕСГ стандардите во корпоративниот сектор во земјава ќе придонесе кон креирање на одржлив раст и деловна клима која ќе ја подобри конкурентноста и финансиската стабилност на компаниите.

Иако земјата се уште не е дел од Европската унија и воведувањето на ЕСГ стандардите не е обврзувачко, сѐ повеќе се зборува за нивна имплементација.

Истражувањата покажуваат дека сепак само 4% од компаниите во земјата имаат модел за имплементација и известуваат за ЕСГ стандардите. Доброто корпоративно управување и јакнење на деловната доверба и имплементација на ЕСГ стандардите во таа насока, беа тема на првиот панел на годинешното издание на „Finance Talks”.

Конференцијата се одржа во хотелот Лимак под наслов „ЕСГ експертиза: добро управување и финансиска писменост за сигурна иднина“ и во организација на ЕОС Матрикс Македонија, а извршната директорка на компанијата д-р Катерина Бошевска беше модератор на првиот панел насловен „Управување и усогласеност – политики и организации кои ќе придонесат кон интегритет и сигурност“.

„Јакнењето на деловната доверба преку имплементација на ЕСГ стандардите е јасна манифестација на висока деловна одговорност преку која ќе изградиме силни организации кои ќе имплементираат добри практики, кои ќе создадат раст и задоволство кај вработените, купувачите и соработниците.

Воспоставување на јасни политики и контроли може да ни помогне да постигнеме конзистентност и одговорно уредување. Корпоративната култура мора да се базира на механизми, правила и процедури, кои се од клучно значење. Ние системски работиме на имплементација на ЕСГ стандардите и во таа насока поттикнуваме низа активности“, истакна д-р Бошевска.

Европската унија минатата година усвои Директива за известување за корпоративна одржливост, која од компаниите во ЕУ и од земјите кои сѐ уште не се дел од унијата бара да поднесуваат годишни извештаи според европските стандарди за известување и одржливост (ESRS). Компаниите ќе треба да известуваат согласно овие стандарди веќе за 2024 година.

Во рамките на панелот свои видувања на темата дискутираа Даниел Браун, раководител на канцеларијата на Фондацијата Конрад Аденауер во земјава, Виктор Мизо, претседател на Одборот на директори на Македонија 2025 и Антје Ванделт, директорка на АХК Северна Македонија, дел од мрежата на германски комори, надлежна и за Косово и Албанија.

„Економијата се соочува со силни предизвици како што се недостиг на работна сила, владеење на правото и слично и за да создадеме услови за одржлив развој значајно е да имаме јасен дијалог и насоки од страна на институциите со што ќе се интензивира соработката“, истакна Браун.

За да се надминат предизвиците со кои се соочуваат компаниите од реалниот сектор важно е да се работи на имплементација на ЕСГ стандардите веднаш, бидејќи тоа ќе го реши проблемот со корупцијата, владеењето на правото, транспарентноста и ќе обезбеди поголема финансиска стабилност, беше акцентирано во рамките на панелот.

„Факт е дека многу се зборува за ЕСГ стандардите, но ако ги прашате компаниите дали имаат бизнис план за имплементација, одговорот нема да биде позитивен. Потребна е структура за добра имплементација на ЕСГ стандардите, односно постоење на систем за да бидат имплементирани како што треба. Имплементацијата е важна и заради тоа што многу скоро имплементацијата на ЕСГ стандардите ќе биде еден од главните услови за финансирање на компаниите“, истакна Ванделт.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Убава вест за акционерите: Македонски Телеком ќе дели дивиденда од 25,9 милиони евра

Редакција

“Трагично е што уште дискутираме за женска рамноправност“: Твитер за 8. Март

Редакција

Макстил со зголемена добивка во првите шест месеци

Редакција