еМагазин
Image default
Убава приказна

Фондацијата Отворено општество – Македонија одбележува 25 години

Со низа регионални и меѓународни настани на теми од општествено значење, организација на изложба и со промоција на документарен филм и монографија, Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) ќе ја одбележи 25-годишнината од своето постоење во Македонија.

Преку настаните организирани во рамките на овој значаен јубилеј „25 години ФООМ“, граѓаните ќе можат поблиску да се запознаат со работата и со значењето на Фондацијата за Македонија во текот на изминатите години.

Одбележувањето на 25-годишнината на ФООМ ќе започне во четврток (3. мај) со промоција на документарен филм за Фондацијата и мултимедијална изложба, со кои ќе се претстави нејзината работа и постигнувањата во изминатиот период.

Во текот на месец мај ќе се организираат повеќе конференции на кои учесници од Македонија и од странство ќе дискутираат за значајни теми, како што се влезот на Македонија во ЕУ, правното зајакнување, здравјето на Ромите, слободата и интернетот, младите и отвореното општество, образовните реформи, моќта на уметноста и културата за социјалните промени, како и за иднината и перспективите на отвореното општество во Македонија.

Најголем дел од настаните се организирани во соработка со другите граѓански организации кои се, воедно, долгогодишни партнери на ФООМ, како Евротинк, Коалиција Маргини, Фондацијата Метаморфозис и Младинскиот образовен форум. Дел од одбележувањето на јубилејот ќе биде и изложбата за креативен активизам, организирана во соработка со Центарот за современи уметности.

Фондацијата отворено општество – Македонија во изминатите 25 години активно ги зајакнува демократските капацитети и на граѓаните и на институциите, транспарентно и посветено работи во насока на подобрување на квалитетот на животот на граѓаните на Македонија и токму поради тоа и јубилејот ќе го одбележи на тој начин – со отворање актуелни прашања за да се иницира дијалог и да се споделат различни мислења, од кои ќе произлезат насоките за натамошното дејствување во насока на создавање праведно, демократско, динамично и толерантно општество.

Во рамките на одбележувањето на овој значаен јубилеј, ФООМ подготви и медиумска кампања преку која под мотото „25 години поддршка за силни и активни граѓани и демократско општество“, јавноста ќе може да се запознае со вредностите за кои се залага Фондацијата, како и со придобивките од работата на Фондацијата во развојот на граѓанското општество, образованието и младите, здравството, како и културата и уметноста во Македонија.

За Фондацијата Отворено општество – Македонија

Својата работа во Македонија Фондацијата ја започна во 1992 година, т.е. една година по осамостојувањето на државата.

Во раните деведесетти помошта што доаѓаше преку Фондацијата и од Џорџ Сорос лично имаше хуманитарен карактер и придонесе за премостување на предизвиците кои ги наметна меѓународната изолација на државата поради блокадите на нејзината јужна и северна граница.

Оттогаш па сè до денес континуираната поддршка од страна на Фондацијата придонесе да се создадат основни услови за функционирање на јавното здравство и на образованието и да се обезбеди пристап до квалитетни здравствени и образовни услуги, да се постават темелите и да се помага развојот на граѓанското општество и да се отворат важни прашања, како почитувањето и заштитата на човековите права, слободата на изразувањето и плурализмот во медиумите, владеењето на правото, младинската ангажираност, интеграцијата на Ромите и на другите маргинализирани заедници, борбата против корупцијата, пристапот до правда за сите граѓани подеднакво и многу други прашања што се од интерес за сите граѓани.

Фондацијата Отворено општество – Македонија веќе 25 години се залага за создавање отворено, динамично и толерантно општество, во кое граѓаните се силни, активни и вклучени, a властите се одговорни и отворени за соработка.

„Остануваме посветени на поддршката на реформите во Македонија, отчетноста на институциите и подобрувањето на пристапот до квалитетни здравствени, правни и образовни услуги за маргинализираните групи граѓани“, велат од Фондацијата.

Целата програма за одбележување на јубилејот погледнете ја ОВДЕ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Борче Стаменов кој склопува и поправа стари компјутери за оние кои не можат да си купат, денеска го подари 500-от компјутер

Редакција

(Видео) Дваесет години Клиника „Жан Митрев“: Како почна новата ера во македонската кардиоваскуларна хирургија

Редакција

(Видео) Еден од најпрепознатливите македонски брендови „Бекутан“ на Алкалоид го слави 45. роденден

Редакција