еМагазин
Image default
ЧИСТА ОКОЛИНА

(Фото) Град Скопје со беспилотни летала ќе ги лоцира загадувачите

Градот Скопје викендов го почна 3Д мапирањето на критичните точки за загадувањето на воздухот во градот со беспилотно летало. Како прва локација беше избрана депонијата „Вардариште“, а мапирањето ќе продолжи и на други локации. Оваа активност е само една од мерките кои Градот Скопје ги презема за намалување на загадувањето на воздухот во Скопје.

– Жителите на Аеродром и на Гази Баба веќе подолг период се задушуваат од непријатна миризба што се шири покрај кејот на Вардар. Мерните станици покажуваат најголема концентрација на ПМ10 честички токму во овие делови од градот. Сега, со 3Д мапирањето на „Вардариште“ ќе се добие целосна слика на опфатот на депонијата, односно во кои делови се пали отпад, особено ако тие делови се наоѓаат на приватни имоти. Инспекторатот на Град Скопје ќе добие прецизни податоци, со што полесно ќе може да ги извршува задачите. Убедени сме дека со вакви акции ќе ги елиминираме причинителите на загадувањето, еден по еден – рече портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху.

Салиху додаде дека Град Скопје интензивно работи во насока на намалување на загадувањето на воздухот и дека инспекторатот на Град Скопје минатиот месец изрече двојно повеќе казни во однос на октомври 2017 година.

– Сите инсталации кои подлежат на Б интегрирана еколошка дозвола се проверени и редовно доставуваат мерења со кои се задолжени во самата дозвола. Активна е и кампањата за пријавување огнови на отворено на телефонскиот број 193.

Во оваа пригода упатувам апел до сите граѓани огновите на отворено да ги пријавуваат на телефонскиот број 193, а не како што е вообичаената практика да ги пријавуваат на социјалните мрежи. Само заедно можеме да го спречиме палењето огнови на отворено, а со тоа да ја подобриме животната средина и квалитетот на амбиентниот воздух – нагласи Салиху.

Раководителот на Секторот инспекторат на Град Скопје, Мирослав Богдановски, појасни дека „Вардариште“ е една од црните точки во градот кои во изминатиов период биле предмет на инспекција и каде што се откриени поголем број прекршители.

– На оваа локација е забележано палење кабел и друг кабаст отпад. Со ова 3Д мапирање точно ќе ги лоцираме местата каде што тоа се случува – рече Богдановски.

Фото: Град Скопје

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Од 1 декември само биоразградливи ќеси кои ќе чинат 15 денари

Редакција

Чај на соларна енергија се спремаше среде Вешје на 17 километри од Неготино 

Редакција

Зголемено загадување на воздухот во Скопје, Кичево, Кавадарци и Струмица, стапуваат во сила мерките за надминат праг на алармирање

Редакција