еМагазин
Image default
Македонија

(Галерија) Министерката Шекеринска во посета на македонските војници во Авганистан

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска во Кабул, Авганистан, е во посета на припадниците на македонскиот контингент во мисијата на НАТО – Алијансата за обука, советување и асистенција на авганистанските вооружени сили „Одлучна поддршка“, информираат од Министерството за одбрана.

Ова е прва посета на министер за одбрана на македонскиот контингент во Авганистан од 2013 година.

Шекеринска утрово во Кабул се сретна со македонскиот контингент кој е дел од Командата за обука, советување и асистенција (КОСА) како и со најстариот национален претставник на Република Македонија, полковникот Кенан Рахиќ.

На средбата припадниците на македонскиот контингент ги презентираа пред министерката своите активности во Авганистан, а таа им се заблагодари на македонските мировници за покажаниот професионализам и посветеноста на задачите со што како припадници на АРМ се докажале како посветен и способен партнер на НАТО сојузниците и како амбасадори кои во голема мерка и помагаат на својата земја да стане 30-та рамноправна земја членка на Алијансата.

Министерката во Кабул се сретна и со Командантот на КОСА, бригадниот генерал Јашар Дилбер, а преку видео-конференциска врска разговараше и со командантот на командата за обука, советување и асистенција – Север, германскиот бригаден генерал Герхард Ернст Петер Клафус.

Министерката се заблагодари за поддршката на македонските мировници, а генералите изразија задоволство од професионалноста и способностите на припадниците на АРМ во извршувањето на задачите, чија главна цел се обука и асистенција на авганистанските сили. Шекеринска имаше средба и со бригадниот генерал Хусеин Канбур, командант на меѓународниот аеродром во Кабул, „Хамид Карзаи“.

Во текот на денов министерката ќе се сретне со македонските војници кои се одговорни за безбедноста на главната команда на мисијата „Одлучна поддршка“ во Кабул, со командантот на мисијата, генерал Остин Скот Милер, со највисокиот цивилен претставник на НАТО Корнелиус Цимерман и ќе има уште една неформална средба со македонските мировници во Кабул.

Во Авганистан заедно со министерката Шекеринска, во посета на македонскиот контингет се и заменикот началник на генералштабот на АРМ, Азим Нуредин, како и тројца пратеници – Фросина Ременски, Трајчо Димков и Реџаил Исмаили.

Придонесот во меѓународни операции за поддршка на мирот е стратешка определба и висок приоритет на Владата на Република Македонија.

Македонија е дел од мисијата на НАТО во Авганистан од 2002 година. Во рамките на тогашната мисија ИСАФ, а од 2015 во рамките на „Одлучна поддршка“, Армијата на Република Македонија учествувала со над 3.000 припадници.

Во моментов во „Одлучна поддршка“ се распоредени 49 припадници на АРМ, и тоа во рамките на командата на главниот град Кабул во соработка со вооружените сили на Турција, во единицата за обезбедување на главната команда на мисијата во Кабул во соработка со вооружените сили на САД, во тимот за советување и асистенција во командата Север под германскиот контингент и во рамките на придонесот САД – Јадранска повелба.

Фото: Министерство за одбрана

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) Свиреше и Влатко Стефановски: Како изгледаше македонската вечер на саемот „Винска Визија на Отворен Балкан“

Редакција

Со хебла некој се обидел да ја оштети таблата за струја во модуларната болница во Прилеп

Редакција

Нови 406 случаи на Ковид-19, во Скопје 184

Редакција