еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

(Фото) Прекршочна постапка за Македонка која графит „Смрт за шиптари“ преиначила во „Смрт за омразата, љубов за сите“

Скопјанката Гордана Пирковска Змијанац со изненадување го добила известувањето од МВР дека против неа е поведена прекршочна постапка затоа што бришела пораки со говор на омраза, а на нивно место допишала зборови за мир и љубов.

„Не можам да ја опишам мојата вчудоневиденост кога утрово бев известена дека против мене е поведена прекршочна постапка поради „…оневозможување за користење или оштетување на јавни згради, јавни чешми, извори, плажи, паркови или други јавни објекти и инсталации.“

Понатака се вели дека „на наведената дата, време и место, со спреј, на ѕидот од зградата сум испишувала графити со содржина „смрт за омразата, љубов за сите“, што не е во потполност точно, туку на претходно напишаната порака со говор на омраза: „смрт на шиптарите“, го избришав зборот „шиптарите“, а допишав: „омразата“ и „љубов за сите“.

Зошто во известувањето не е наведено дека јас сум избришала говор на омраза и на местото со навредувачка содржина сум допишала мирољубива порака?“, пишува на својот Фејсбук-профил Пирковска Змијанац.

Таа додава дека никаде во образложението од МВР/СВР/Одделение за прекршоци не е напишано дека на тој ден, 01.08.2018 била во Полициската станица во Ѓорче Петров да побара институционална поддршка да се најдат и казнат лицата кои шират говор на омраза преку графит на улица „Борис Сарафов“ зграда број 42/3.

„Пријавив дека веќе подолго време на тоа место стоеше напишано: „Смрт за шиптарите“. На своја иницијатива, го бришев неколкупати со спреј и местото каде пишуваше „шиптарите“ го прекривав со црн спреј, а допишував мирољубива порака, но секогаш кога ќе го направев тоа, набрзо осамнуваше нов графит со истата содржина/порака.

Тој ден, повторно, по четвртипат го избришав „шиптарите“ и по „Смрт за“ додадов: „Омразата и „Љубов за сите“ така што текстот беше преиначен во: „Смрт за омразата, љубов за сите“.

Бидејќи се повторуваше истото, односно секогаш кога ќе го покриев говорот на омраза, повторно осамнуваше насилната порака, тој ден, 01.08.2018 решив да побарам институционална поддршка, но наместо тоа, добив лекции од страна на службените лица кои ме примија и од инспекторите кои си дозволија да ме третираат како жена криминалец, а за нивната дрскост во поглед на моите ставови дека јас како Македонка треба да реагирам прво во својот двор, Албанците во својот, да не зборам што се не се изнаслушав.

Се чувствував нападната, како да сум направила зло, тежок прекршок… Ми дадоа веднаш да ја потпишам прекршочната, но јас одбив и не верував дека е можно да поведат прекршочна постапка наместо да помогнат во она што го барав, да направат почести патроли на тоа место и да ги пронајдат тие кои шират говор на омраза“, вели Пирковска Змијанац.

Таа додава дека говорот на омраза е кривично дело и дека во овој случај очигледна е намерата за ширење на омраза кон определена етничка група, односно кон албанската заедница.

„Но самиот графит, кој за жал не е единствен, ги има многу на национално ниво, со говор на омраза не само кон Албанците, туку и кон Македонците, доведува до уште поголемо нарушување на и онака кревките меѓуетнички односи во Македонија.

По се ова што ми се случува јасно ми е зошто во Македонија нема пракса за санкционирање на говорот на омраза во правосудството. Се чини дека поголем дел од вработените не го препознаваат, не се сензибилизирани, полни се со омраза кон различните, по етничка или која било друга основа.

Верувам дека правдата ќе победи и МВР ќе ја повлече прекршочната постапка“, напиша Пирковска Змијанац.

Фото: Фејсбук/Пирковска Змијанац

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Г.г Стефан: Покајанието, преобразбата и прошката ни се пот­ребни како никогаш досега

Редакција

Разрешен директорот на ЈП Улици и патишта-Скопје откако бил фатен со кокаин

Редакција

Партиите во нов обид за компромис за Законот за јавно обвинителство

Редакција