еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ

(Фото) Прв македонски долгометражен филм за деца „Стела“

По едногодишни интензивни подготовки, продукциската куќа „Дрим Фектори“, заедно со режисерот Стојан Вујичиќ го најавуваат почетокот на снимањето на првиот македонски долгометражен филм за деца „Стела“.

Снимањето, ќе се одвива во Скопје, а потоа продолжува и во живописниот Галичник, како и во Штутгарт – Германија, истакнува продуцентот Огнен Антов.

„Стела“ е приказна за едно куче – шарпланинка, едно дете и еден дедо. Звучи идилично, но не е… Откако детето Николa ќе се обиде да се самоубие поради „булинг“ во училиштето, изгледа дека никој не ќе може да допре до него. Престанува со секаква вербална комуникација. Шарпланинката Стела е единствената која не бара ништо од него, не поставува прашања, не бара одговори.

Доволно е неговото постоење и среќна е од неговата близина. Детето ќе почне да се поистоветува со неа, па неговиот глас може да се слушне единствено кога лае. Дедото, кој избегал од луѓето да живее сам на бачилото, неволно ќе го прифати Никола за во текот на оваа авантура да станат семејство бегајќи од своето вистинско семејство. Не знаејќи, со тоа ќе се доближат до она од што бегаат, но сега променети ќе можат да продолжат со животот или мирно да заминат од другата страна на вечноста.

Во филмот главните улоги ги толкуваат: младата шарпланинка Стела, 12 годишниот Петар Маниќ (кој е за прв пат на филм), Дејан Лилиќ, Тони Михајловски, Симеон Дамески и Христина Поповиќ, позната од филмскиот хит „Парада“.

Сценариото е на Ева Камчевска, кинематографијата е на Гого Клинчаров, костимограф на филмот е Милена Миленковиќ, а снимател на звукот е Срѓан Бајски.

Долгометражниот игран филм „Стела“ е копродукција помеѓу „Дрим Фектори“ (продуцент: Огнен Антов), Србија: „Акција Продукција“ (Продуцент: Јована Караулиќ) и Германија: „Моуна“ (Продуцент: Никол Акерман). Покрај финансиските средства добиени од „Агенцијата за Филм на Република Македонија“, филмскиот проект „Стела“ поддршка доби и од „Филмскиот центар на Србија“, а горд спонзор на филмот е Витаминка.

За прв пат во Македонија филмот „Стела“ се реализира како прва Еко или Зелена продукција. Водени од најновите светски еколошки стандарди продукцијата се труди да ја намали емисијата на штетни гасови, да го рециклира отпадот според стандарди од Американската асоцијација на филмски продуценти.

Стојан Вујичиќ е еден од водечките македонски режисери, чиј опус вклучува бројни кратки играни и документарни филмови, и телевизиски проекти. Познат е по филмовите „Брат за еден ден“, „Допир“ и „Годините го чинат своето“, прикажувани и наградени на престижни филмски фестивали.

„Дрим Фектори“ е продукциска куќа основана од Огнен Антов во 2007 година. Во своето филмско портфолио вклучува дела на светски познати режисери како и млади режисери чие време допрва доаѓа, а кои се прикажани на најголемите фестивали во светот.

Од последните остварувања на Дрим Фектори“ е играниот филм “ЏГАН“ во режија на Вардан Тозија, добитник на повеќе награди и учесник на преку триесетина филмски фестивали ширум светот, потоа малцинските копродукции “Ловци на вештерки“ во режија на Рашко Миљковиќ (кој својата Светска премиера ја имаше во рамките на светскиот фестивал од А категорија ТОРОНТО интернационален филмски фестивал – каде што доби награда од публиката, а до сега е прикажан на педесетина фестивали меќу кои е и САНДЕНС филмскиот фестивал основан од Роберт Редфорд), и “Височините“ во режија на Виктор Божинов работен според романот на Милен Русков добитник на наградата за Европски роман на годината, кој беше најголем кино хит за 2018 година во Р. Бугарија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Четврто издание на манифестацијата „Ден на италијанскиот дизајн во светот“

Редакција

„Лабораториум“ ги повикува сите дизајнери и занаетчии за учество во „Лаб дизајн маркет“

Редакција

(Галерија) Убави луѓе на отворањето на продавницата на германскиот бренд „КАРЕ“, кој за прв пат е кај нас

Редакција