еМагазин
Image default
ЖИВОТ

(Фото) СОС живот во време на корона вирусот

Да се заштити здравјето на младинците кои се дел од Програмата за згрижување на млади и да се одржи нормалното функционирање на четирите младински СОС куќи во овие вонредни услови се најголемите предизвици со кои се соочуваат младинските координатори и стручните тимови од СОС Детско село.

Најтешко е, вели Јане Петровски, координатор на Организациски Единици Сидро 1 и Сидро 2, младинците успешно, организирано и со позитивно расположение да се задржат дома, заштитени од вирусот, а во исто време нивното живеење да биде пријатно и да се продолжи и поддржи процесот на раст и развој.

„Мора да ја намалиме тензијата која ја носи колективниот живот, кој треба да се искористи за стекнување независност и градење капацитети кај младинците да се справуваат со кризните и вонредните состојби во општеството. Стресот треба да се сведе на што е можно пониско ниво.

Но, треба да се посвети внимание и на вработените, кои исто така се справуваат со свој личен стрес и страв, како да ги исполнат работните обврски, но и да водат сметка за приватниот живот, за безбедноста на сопствените семејства со оглед на сериозноста на ситуацијата со пандемијата“, вели Петровски.

Имаме потреба заедницата да ја препознае важноста и потребата од нашата работа и услугите кои ги даваме во оваа кризна ситуација и да ни помогне со донации на заштитни маски, средства за хигиена и различни прехранбени производи.

Многу компании кои во нормални услови ни ги наплаќаат услугите, би можеле да не ослободат од плаќање барем во наредните 2-3 месеци или пак да ни дадат попусти, вели Илчо Бадаров, координатор на Организациски Единици Кормило 1 и Кормило 2.

По завршување на кризната состојба, би било добро да се овозможат курсеви, обуки или други активности за нашите младинци без паричен надомест.

Исто така, апелираат од СОС Детско село, соседите и заедницата да ја разберат состојбата на деца во пубертет кои во моментов живеат во 24 часовна изолација и се соочуваат и справуваат со исклучително тешка емоционална состојба.

За психологот Слободан Наумоски, голем дел од младинците ја разбираат сериозноста на ситуацијата.

„Голем дел од времето се користи на младиниците да им се објасни ситуацијата, но и нивната активност на социјалните мрежи и медиуми придонесува за комплетирање на информираноста.

Во оваа кризна ситуација, кога младинците се советуваат да седат дома, важно е да се наведе реалната причина за тоа. Ризикот тие самите да се разболат, потоа нивните згрижувачи и пошироката околина, без притоа да се става акцент на мерките и забраните од државата“, објаснува Наумоски.

Најмногу ги вознемирува ограниченото движење и одржувањето на социјална дистанца, односно неможноста да функционираат со своите врсници, партнери, биолошки сродници, вели психологот Дејан Атанасов.

Вработените во младинските куќи особено значење даваат на обезбедувањето позитивна и сигурна атмосфера, редовната онлајн настава на младите се одвива секојдневно, се организираат друштвени игри, заеднички се гледаат филмови, без да се става акцент на кризната ситуација доколку нема потреба од тоа.

Особено се обрнува внимание на правилно структурирање на времето, вклучувајќи едукација, совети и секојдневни разговори.

Поради појавата и ширењето на пандемија од корона вирус соочени сме наставната програма да се одвива на далечина, односно on – line, а ние кои сме дел од секојдневието на младинците сме во контакт со класните раководители и заемно им помагаме на младинците при совладувањето и решавањето на зададените задачи.

Во однос на совладување на училишните обврски, кон секој младинец се насочуваме  со индивидуален пристап согласно неговите можности и способности, притоа користејќи ги дидактичките методи и принципи, вели педагогот Боре Маркоски.

Младинците имаат желба и бараат разговор, советување, едукација и тие треба да ги воочат последиците што може да се случи, доколку не се почитуваат мерките донесени од надлежните органи, а кои се целосно применети во СОС Детско село.

Вознемирени се од монотоното секојдневие и од фактот дека треба да се дистанцираат извесно време.

Сепак, и покрај новонастаната состојба и кризата во општеството, многу храбро се справуваат и максимално ги почитуваат препораките од вработените во СОС Детско село кои се во согласност со Министерството за здравство. Иако се млади и имаат потреба од „послободен живот“, доколку добро се организира, заедничкиот живот на група млади луѓе знае навистина да биде интересен.

СОС детско село сосема е посветено на здравствените препораки, ја почитува состојбата и директивите кои се носат на дневна основа и ја почитува препораката за #останидома.

ПРОМОТИВНА ОБЈАВА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

40-годишна докторка загина во сообраќајка

Редакција

Почнуваат велигденските празнувања: Денес се слави одржувањето на Тајната вечера

Редакција

Во 3 часот по полноќ започнува зимското сметање на времето

Редакција