еМагазин
Image default
CHECK IN ТОП СТОРИИ

(Фото) Во куќата на „Калеш Анѓа“ се уште автентично стои собата каде што престојувала

Куќата на Калеш Анѓа во која што растела и живеела, се наоѓа во село Старавина, Општина Новаци, битолско Мариово. Нејзиниот живот, непокорност кон окупаторот, физичка убавина биле инспирација за истоимениот роман на Стале Попов.

Наспроти запуштените и паднати куќи во Старавина, реконструкцијата на оваа куќа е направена од 2013 до 2014 година со помош на средства од Европската Унија.

Планинарскиот дом „Медикус“ се наоѓа на неколку чекори од таа куќа, а вечерта кога престојувавме во него, имавме неверојатна среќа, домаќинот да биде таму и куќата да е отворена.

Љубезно не покани да ја разгледаме објаснувајќи ни дека случајно ја купил и добро е што е реконструирана бидејќи, ако самиот требало да ја финансира, признава дека не ќе можел.

„Немам никаква врска со потомството на Калеш Анѓа. Ја купив од човек што беше зет во таа фамилија“, вели Љупчо Дамчевски.

Во собата, каде што спиела Калеш Анѓа има два кревети и предмети кои биле користени тоа време. Добрата работа е што доколку дојдат гости, има можност да се спие во неа.

Подготвен дека во секое време може да се појават туристи, случајни минувачи, планинари, домаќинот беше подготвен топло да го пречека секого. Домашна ракија, свежо печени лешници, планински зачини.

Овој пат на гости му беа планинари од Велес, Скопје, Штип, Кавадарци кои во организација на „Грин Пауер“, „не навеа“ патот таму. И како што доликува, посетата беше зачинета со песна за „Калеш Анѓа“, што за планинарите некако е и нормално.

Легендата за Калеш Анѓа и метеорот

Легендата за Калеш Анѓа со векови живеела низ народот, но неа ја овековечил и зачувал Стале Попов.

„Имено, Калеш Анѓа била од фамилијата Сирмевци и била една од најубавите моми во Мариово. Едно од момчињата кое било грабнато на пазарот во Прилеп бил и Ангеле, братот близнак на Калеш Анѓа.

По грабнувањето на нејзиниот брат таа поголем дел од своето детство го поминала играјќи си со Стојан, момче во кое и се заљубила и кое и нејзините го прифатиле како иден зет.

Еден од најчестите начини на комуникација на селаните од различните села во Мариово се селските слави, односно секое село си имало своја селска слава, кога селаните од останатите села им доаѓаат во посета на своите роднини и пријатели и кога на сред село се организирало голема веселба.

При една ваква веселба во село Витолиште, Калеш Анѓа веќе млада мома, не можело а да не остане незабележана, како една од најубавите моми кои играле на орото.

За нејзина несреќа на веселбата присуствувал и прилепскиот кадија кој веднаш се вљубил по што Калеш Анѓа била грабната на подмолен начин и била однесена во Прилеп во неговиот дом.

Патријархалниот дух во кој била воспитана Калеш Анѓа, љубовта кон Стојан и омразата кон Турците која тлеела во неа толку години по грабнувањето на братот, биле главните водилки кои и помогнале да издржи и да не ја промени својата вера, и да се омажи за кадијата, дури по цена и на нејзиниот живот.

За среќа Калеш Анѓа набрзо била спасена и заедно со Стојан и останатите жители на Мариово уште долго време им пружале отпор на турските власти, утврдени во тврдината Пешта“, пишува за Калеш Анѓа на таблата пред нејзината куќа.

Оставајќи го домаќинот да одмори, а и нас утредента не чекаше долг пат, му бевме бескрајно благодарни на Универзумот, што барем на малку ни дозволи да помириснеме историја и да почувствуваме непокор.

А, посетата ја најави толку голем метеор што ни прелета над глава, точно пред нејзината куќа.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Неопходно е да се донесат уставните измени, чекањето не е добро ниту за ЕУ, ниту за Македонија, порача од Собранието словенечката претседателка

Редакција

Пробиен најголемиот друмски тунел во Македонија на автопатот Кичево-Охрид

Редакција

Трагедија: Воз прегази 21-годишно момче од Велес

Редакција