еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ ТОП СТОРИИ

(Фото) Вработените на Алкалоид донираа 1.050.000 денари за граѓаните со ретки болести

Позиционирајќи ја општествената одговорност на врвот од агендата на своето делување, „Алкалоид АД“ Скопје и годинава ја продолжи хуманата мисија чија главна цел е подобрување и унапредување на позитивните општествени вредности. Осми пат по ред, големото алкалоидово семејство ја продолжи традицијата наречена хуманитарен пикник за вработените, членовите на нивните семејства и/или нивни пријатели.

На годинешниов хуманитарен хепенинг спроведен под закрила на Фондацијата „Трајче Мукаетов“ чиј основач е компанијата „Алкалоид“, собрани се над 1.050.000 денари. Собраните средствата  ќе бидат донирани во здужението на граѓани за ретки болести „Живот со предизвици“.

„Осма година по ред, големото семејство алкалоидовци ја покажа својата хуманост на дело. Околу три илјади наши пријатели и вработени, го донесоа своето добро расположение во една заедничка мисија: поддршка на здружението за ретки болести „Живот со предизвици“.

Се проценува дека постојат околу 8.000 различни ретки болести. Во Европа, 30 милиони лица се под влијание на ретка болест, а според таквите статистики, во Македонија има околу 120.000 лица кои се афектирани од ретка болест. Ниту еден систем, ниту една индивидуа не може да се справи сама со предизвиците кои ги носат ретките болести. Затоа, годинава одлучивме нашиот традиционален донаторски хепенинг да го поддржи здружението кое се справува со проблемите на поединци соочени со ретки болести“ – истакна Живко Мукаетов, генерален директор на „Алкалоид“ и претседател на фондацијата „Трајче Мукаетов“.

Здружението  „Живот со предизвици“ – основано во 2009 година од страна на родители и пациенти со ретки болести. Членка е на:  Европската Организација за Ретки Болести EURORDIS , Европската Гоше Алијанса EGA,  Алијанса за Миелодиспластичен Синдром MDS Alliance, Алијансата на Пациентски Организации IAPO, Националната Алијанса за Ретки Болести на Р. Македонија и слични.

Претседателката на здружението,  Весна Алексовска, која и самата храбро чекори со предизвикот наречен ретка болест истакна:

„Со оваа донација ќе можеме да ги зголемиме напорите за помош и поддршка на семејствата кои се соочуваат со ретки болести во Македонија преку таканаречената „Линија за помош“ која неформално ја одржуваме веќе три години. Имајќи ги  предвид драгоцените фактор „време“ и „релевантна информација“, по примерот на Европските земји и на нашите соседи Хрватска и Србија, донацијата од Алкалоид ќе ја искористиме за формализирање на оваа т.н. „Линија за помош“.

Преку истата, планираме организирано да им помагаме на луѓето со ретки болести во нашата земја, најнапред со навремена, точна и соодветна информација, потоа со нивно поврзување и насочување со цел да ги остварат своите здравствени и социјални права. Ќе продолжиме да се бориме за подобрување на квалитетот на живот на луѓето со ретки болести.

Да имаш ретка болест значи да се соочиш со стравот, да ја прегрнеш надежта и да се бориш за иднината. Кога имаме поддршка од заедницата нашата работа е полесна. Благодариме што имате слух за предизвиците на оваа ретка група на граѓани“.

Годинава, маичките кои претставуваа официјален дрес код на настанот беа дизајнирани од познатиот македонски уметник „ТиноСки“.  Лајтмотивот на истите беше: „Љубов е сѐ што ни треба“ – подадена рака и почит за сите поединци кои се соочуваат со стравот, неизвесноста, лутањето, паниката, очајот, пресвртите и превратите во борбата со ретките болести.

Традиционалниот хуманитарен хепенинг на „Алкалоид АД Скопје“ претставува празнување на најдоблесните човечки одлики: хуманоста и човечката солидарност. Хуманата мисија како еден од темелите врз кои „Алкалоид“ расте и се развива полни 8 децении ќе продолжи и во иднина, позиционирајќи ја општествената одговорност на врвот на приоритетите на „Алкалоид АД“ Скопје.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(ВО ЖИВО) Сенароден собир на МПЦ-ОА

Редакција

НЛБ Банка станува членка на WOBА – регионална невладина иницијатива за родова еднаквост на раководни позиции

Редакција

Бројот на срцеви удари е зголемен за трипати по ковид-пандемијата, вели доктор Сашко Николов

Редакција