еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Г.Г. Стефан: Верниците да се молат во своите домови и срца за Бог да нѐ избави од опасната болест

Празникот на Христовото воскресение не потсетува да размислуваме за своите постапки и да се стремиме кон добродетелен живот и кон љубовта, која е најголема сила. Но, таа е силна само тогаш кога е во заедништво со Христа и со Неговата неизмерна љубов, кога станува наше сведоштво и наш начин на живеење, истакнува во Велигденското обраќање Архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан.

Г.Г Стефан посочува дека поминуваме низ еден период кој од нас бара трпение, послушност и воздржување и оти појавата на заразната болест Ковид-19, нè натера да внимаваме и на нашето и на здравјето на нашите ближни.

– На нашите верници, и овде во Македонија и насекаде низ светот, им советуваме да истраат и да не се вознемируваат затоа што не можат да присуствуваат бројно на светите богослужби во храмовите, и им препорачуваме да се молат во своите домови и срца, за Бог да нѐ избави од опасната болест.

Да се молиме и за медицинските лица, полицијата и војската кои напорно се грижат за заболените и за редот во државата. Да се молиме за заболените да оздрават, како и за спасение на душите на оние кои не ја добија битката со болеста, истакнува меѓудругото г.г. Стефан во Велигденското обраќање.

Во продолжение го објавуваме во целост Велигденското обраќање на Архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан:

„Возљубени празникољупци,

Велигден, денот на Христовото Воскресение, е празник на победата и празник на животот – и тоа вечниот живот, празник кој ни донесе радување, коешто никој не може да ни го одземе. На Велигден ја исповедаме тајната на Победителот – на Христа, Кој, преку Своето славно воскресение од мртвите, ја победи смртта и смртното го облече во бесмртно.

Радувајќи се на Празникот над празниците, повикани сме секогаш и пред секого да Го исповедаме Христа распнатиот, воскреснатиот и прославениот. Како вистински христољупци, должни сме да ја благовестиме победата над смртта, над гревот и омразата, над неправдата и страдањата, и да придонесуваме да завладеат праведноста, мирот и радоста во Светиот Дух.

Празникот на Христовото воскресение нè потсетува да размислуваме за своите постапки и да се стремиме кон добродетелен живот и кон љубовта, која е најголема сила. Но таа е силна само тогаш кога е во заедништво со Христа и со Неговата неизмерна љубов, кога станува наше сведоштво и наш начин на живеење.

Возљубени чеда на мајката Македонска Црква,

Поминуваме низ еден период кој од нас бара трпение, послушност и воздржување. Појавата на заразната болест, нè натера да внимаваме и на нашето и на здравјето на нашите ближни.

На нашите верници, и овде во Македонија и насекаде низ светот, им советуваме да истраат и да не се вознемируваат затоа што не можат да присуствуваат бројно на светите богослужби во храмовите, и им препорачуваме да се молат во своите домови и срца, за Бог да нѐ избави од опасната болест.

Да се молиме и за медицинските лица, полицијата и војската кои напорно се грижат за заболените и за редот во државата.

Да се молиме за заболените да оздрават, како и за спасение на душите на оние кои не ја добија битката со болеста. Црквата секогаш се моли за сите и за сè.

Да се молиме на Бога, зашто само Бог ни е прибежиште и сила, и докажан помошник во неволја. Воскреснатиот Господ е нашата надеж, па затоа да ја споделиме со сите радоста на Воскресението на вечниот Лечител, и никогаш да не заборавиме на тоа дека колку сме поблиски до Бога, толку и Бог ќе биде близу до нас!

Христос воскресе!“

Јавниот радиодифузен сервис МТВ ќе врши директен пренос од Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ на полноќното објавување на Христовото воскресение и Велигденската литургија во недела, со која ќе началствува  Неговото блаженство, Архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан.

МИА/Фото: МИА

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Повик верниците на Велика Сабота да излезат на своите балкони со свеќа и да го запеат тропарот на Воскресението

Истражување: Осум од десет верници избрале да останат дома за Велигден и за Рамазан Бајрам

Попусто полициски час ако верниците ги преплават црквите пред Велигден

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Раст од 7,5%: За една недела 7.418 нови случаи на Ковид-19

Редакција

Детален преглед: Сите медали кои досега ги има освоено Македонија на Олимписките игри

Редакција

(Фото) Иселеник од Австралија со спреј го испрска натписот на бугарскиот клуб „Иван Михајлов“ во Битола

Редакција