еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

(Галерија) 10 убави приказни кои ги „роди“ корона вирусот во Македонија и го извади на површина човечното

Изминативе речиси три месеци Македонија, како и остатокот од светот се соочува со пандемијата со корона вирусот. Граѓаните мораа да се навикнат на едно ново однесување, неприродно и несвојствено пред пандемијата.

Веројатно светот во иднина ќе брои пред и после вирусот, имајќи предвид дека, за миг се застана и предизвика тектонски пореметувања во секојдневието.

Моравме да седиме дома, престанавме да се гледаме со најблиските, работата ја продолживме од дома, дел од работниците останаа без неа. Психолошко „цунами“ кое додека се свестиме, не погоди.

Но, имаше и нешто добро од целата оваа ситуација. Човекот како единка сфати дека не е семоќен и за да преживее, треба да го извади најдоброто од себе здружен со другите.

На површина излегоа човештината, но и лошотилукот. Но, нема да го потенцираме второто. Ќе се посветиме на оние мали херои кои решија да се борат за себе и за заедницата во која што живеат.

Ќе издвоиме неколку примери, кои не се единствените.

Малите претприемачи кои покажаа големо срце

За волја на вистината, малите претприемачи први ја покажаа својата хуманост во кризата. Носеа бесплатни цедени сокови на здравствените работници, носеа храна, го ставија целиот свој капацитет на располагање на оние категории на граѓаните на кои тоа им беше најмногу потребно.

Компании, поединци, организации, институции, амбасади кои со донации во опрема, добра и парични средства дадоа поддршка за здравствениот систем

Министерство за здравство отвори посебна сметка за донации на кои се донираат пари, кои според министерот за здравство, Венко Филипче ќе се искористат и за опремување на инфективните одделенија низ болниците во државата. Голем дел од донациите беа и потребни апарати за опремување на клиниките.

3D Принт Медицинска Опрема

Самоиницијативно неколку ентузијасти се организираа и почнаа да произведуваат и да донираат визири најпрво за здравствените работници, околу 10.000, а се подготвуваат и за припадниците МВР и АРМ, околку 20.000. Од идеја се стигна до најуспешна хуманитарна акција.

Изумот на македонските иноватори УВ гард Ивица Поцков и Никола Глигоров кој го донираа на повеќе клиники низ државата

„УВ Гард“ e уред со УВ зраци за дезинфекција на површини и воздух од вируси и бактерии, со цел зајакнување на условите во Инфективната клиника, каде се сместени и се лекуваат пациентите кои се заразени и позитивни на коронавирусот.

Производство на маски

Во недостаток на маски на почетокот на кризата со пандемијата, многу текстилни компании ја променија редовната производствена програма и почнаа да произведуваат маски за потребите на домашниот пазар, но неколкукратно го зголемија извозот и за странскиот пазар. Имаше и поединци кои помогнаа во шиење на маски.

 

Угостителите кои не ги отпуштија вработените

Угостителскиот сектор е еден од најпогодените за време на „корона“ кризата. Според податоците од стопанските комори, бројот на вработени во овој сектор се намали за 30 до 40 проценти. Наши херои се оние кои со вработените останаа и во лошо и не отпуштија никого, ниту им ги намалија платите.

Концертите, уметничките онлајн перформанси

Културните работници исто така се едни од најзасегнатите во кризата, па оттука мораше да се изнајде начин како да им се помогне во криза. Секој нивен настап, проследен од комшиите во маало и пренесуван онлајн, е некоја нова реалност на која музиката и даде убавина.

Трајче од пазарче

За старите лица кои не можеа да излегуваат од дома, на располагање им беше Трајче од пазарче.

Возачи кои се ставија во улога на таксисти

За време на кризата имаше граѓани кои се понудија бесплатно да ги возат граѓаните на местата каде што имаат потреба, но и да им доставуваат потребните намирници.

Пиљарот Ирфан

Ирфан е името на трговецот кој стана херој на социјалните мрежи откако граѓани објавија фотографии дека од неговиот дуќан можат бесплатно да земат марула и да купат два килограми лимони по цена од 150 денари.

Убавите приказни не завршуваат тука, тие се однесуваат и на секој знаен и незнаен херој кој со своите можности придонел за подобро во општеството.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Топ пет најниски плати

Редакција

Топ пет професии со најниски плати

Редакција

(Вознемирувачко видео) Ги закопуваат во масовни гробници, расте бројот на загинати во Газа

Редакција