еМагазин
Image default
CHECK IN ТОП СТОРИИ

(Галерија) еМагазин на Кикладите: Срцето ми остана на Кимолос

Сум посетил повеќе грчки острови, од извиканиот Миконос (кој реално не е ништо посебно), до најзелениот, Самотраки, ама малото островче, Кимолос, дел од Кикладите, ми остана во срцето.

Местото е како измислено за вистински одмор. Без гужви и галама. Се е тивко, ги слушате само штурците, птиците и ветерчето кое постојано дувка.

Кимолос не е еден од најпосетените острови во групата на острови – Киклади, но дефинитивно е еден од најживотописните.

До истиот може да стигнете од пристаништето Пиреја во Атина, а поради малата понуда за сместување, резервирајте си место навреме.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Галерија+видео) еМагазин на Кикладите: Серифос – бисерот на Егејот

(Галерија) еМагазин на Кикладите: Милос ќе ве остави без здив!

Како во маало дома

Кимолос е типичен преубав остров од Кикладите (во секоја смисла), со мали бели куќички, иста архитектура, исти плажи…

Но, тоа што го прави различен од другите се луѓето.

„Калимера„ ќе слушнете од секој што ќе го сретнете по малите улички на Chora (главниот град или село, како сакате), во кои лесно може да се изгубите, а некој и ќе ве праша како сте.

Благодарение на жителите на овој остров (околу 1.000 лица живеат овде вон сезона) престојот ми беше баш како во изреката: „цело е кога има се„.

По само еден ден се чуствував како во моето малоо, како дома. Плус море :).

Како да го заборавам дедо Апстолис, кој ја држи истоимената продавница со најниски цени на островот (ги има 3-4), бабичката од друга продавница, која кога и да купев нешто од кај нејзе, ми ставаше бомбони гратис во ќесето или нејзиниот син, еден од ретките млади кои останале на островот, кој секогаш ми велеше: “каде брзаш, го имаме целото време на светот“, и ми ја доловуваше од прва рака таа типична лежерност и релаксираност на луѓето кои живеат покрај море, или аптекарот, кај кого оставав ствари, за да одам од друга продавница, и кој ме поздравуваше одалеку, или бабичката која ја запознав во една од 100-те цркви на островот, која на грчки ми ги кажа маките, а јас на македонски јазик моите, или судијата од Атина со кој бистрев политика…

Толку многу се претопив со местото и луѓето, дури за првпат во животот бев и на утринска недела литургија, важен настан за локалците.

Дури и животните овде се на некој начин поинакви. Релаксирани. Овде го запознав најпитомиот коњ, кој многу сакаше да комуницира со луѓе, а и беше баш позерче…

Да не зборам за изгрејсонцето. Не препуштив ниту едно. Станав баш локалец :).

Цени

Патувањето и престојот на грчките острови е поскапо отколку на копно. За да стигнете до Кимолос за воз (од Солун до Атина) и брод (задолжително е носење маска) во еден правец Ви требаат најмалку 100 евра, а цените на превозот постојано се менуваат.

Сместување на Кимолос е најмалку 100 евра на ден за соба, зависно од локацијата, просторот и во кој дел од сезоната или годината го посетувате островот.

Во маркетите, кафулињата, рестораните, таверните, цените се повисоки од тие на копно. На пр. кафе за носење е 2,5 евра, пристојна вечера или ручек за двајца, минимум 60-80 евра…

Кога сме кај јадење задолжително пробајте ги локалните сирења и спецјалитетите со козијо месо.

На островот има неколку таверни и ресторани, топло го препорачувам ресторанот The wave (Бран) лоциран на портата на самата плажа, единствен со таков поглед и единствен со гурме храна. Задолжително пробајте ја салатата од октопод.

Островот може да го шетате и пешки, но секако Ви е потребен превоз. Веднаш на портата може да изнајмите автомобил или мотор, но цените поради кризата се многу солени.

На Кимолос има само еден шофер на мини автобус (кој ми кажа дека не му е смачено цел ден по неколку пати да вози исти патишта), кој вози до најпознатите плажи и двајца таксисти, маж и жена.

Плажи

Островот има разновидни преубави плажи. Најтопло ги препорачувам Алики и Декас, кои се неорганизирани, како и поголемиот број на плажи овде.

Комерцијални и со бар се Бонатса и Каламитиси, а вреди да се посети и Agios Georgios…

Интересен детал за овој остров, кој е типичен пример за алтернативен туризам, е што повеќето плажи се пријателски за нудизам.

Повеќе инфо за плажите на еден од најрелеватните сајтови за патување во Грција, greeka.com.

Фото: еМагазин

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Работниците се државата“: Протест на синдикатите на 1 мај

Редакција

Комитетот на ОН повикува на откажување на патентите за вакцините против Ковид-19

Редакција

Фактот што пристапните преговори не можат целосно да започнат додека не се смени Уставот е голем товар за Македонија, вели министерката за ЕУ на Австрија, Едштадлер

Редакција